Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 1 ноември 2000 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката за донесување Детален урбанистички план “Стара скопска чаршија”-Скопје, бр.7-600, донесена од Советот на Општината Центар-Скопје на 28 септември 1999 година (“Службен весник на град Скопје” бр.16/99), во делот што се однесува на новопредвидените објекти 4.6.1. и 4.6.3..
2. Душанка и Богдан Божиновски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на делот од одлуката означен во точката 1 од ова решение, затоа што со него не се почитувала постојната состојба со изградените објекти и конкретно со објектот 4.6.2., не се овозможувало осончување на становите во наведениот објект во зимскиот период, потполно биле оневозможени провевот и вентилацијата на тие станови, за одделни станови немало осончување ниту во летниот период, не се почитувала минималната оддалеченост од 6 метри помеѓу два објекти, не била обезбедена достапност на противпожарни возила до соодветите места во случај на пожари, поради што оспорениот дел од Одлуката не бил во согласност со одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на РМ”бр.4/96 и 18/99), како и со Правилникот за стандарди и нормативи за планирање од 1997 г. кој престанал да важи, и со Правилниците за стандарди и нормативи за планирање н
а просторот и за проектирање на објекти, кои сега важат (“Службен весник на Република Македонија” бр.69/99).
3. На седницата Судот утврди дека: на 28 јуни 1999 година Советот на општина Центар, го утврди нацрт-Планот за “Стара скопска чаршија”, нацрт-Планот бил изложен во Месна заедница “Гоце Делчев” од 1-15 јули 1999 година, за што граѓаните биле известени преку весникот “Дневник” на 30 јуни 1999 година; во јавната анкета учествувало и семејството Божиновски со забелешка дека предвидувањето трговско-административен центар “8 Март” ги нарушува животните услови на жителите во постојниот станбен објект; на таа забелешка било дадено образложение за неприфаќање кое било содржано во посебен извештај од јавната анкета и кој извештај бил усвоен при донесувањето на Одлуката. Судот, исто така, утврди дека Министерството за урбанизам, на 8 декември 1999 година, дало согласност на целата Одлука, што значи и на оспорените новопредвидени објекти 4.6.1. и 4.6.3., и тоа како од аспект на законитоста на постапката при нивното предвидување, така и од аспект на почитување на стандардите и на нормативите за планирање при предвиду
вањето на тие објекти, определени од самото Министерство.
4. Според член 17 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/96, 28/97 и 18/99) плановите од член 7 на овој закон (што значи и деталните урбанистички планови) се изработуваат како нацрт и предлог на план, а според ставовите 3 и 5 од истиот член на Законот, по нацртот на деталниот урбанистички план општината спроведува јавна анкета.
Понатаму, според член 18 став 1 од Законот, јавната анкета од член 17 став 3 на овој закон се спроведува со излагање на планот на јавно место најмалку 15 дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот доставуваат писмени забелешки, на анкетни листови, до организаторот на анкетата, а според став 2 од истиот член, за времето и местото каде ќе биде изложен планот, задолжително се објавува соопштение во јавните гласила. Според член 18 став 3 од Законот, за јавната анкета од член 17 став 3 на овој закон, Министерството надлежно за работите на урбанизмот изготвува извештај со образложение за неприфатените забелешки, кој се доставува заедно со предлогот на планот на усвојување.
Во член 22 став 6 од Законот се определува дека деталните урбанистички планови можат да се спроведуваат по издавање на согласност на Министерството надлежно за работите на урбанизмот.
Со оглед на тоа што во конкретниот случај по наведената одлука, вклучително и нејзиниот оспорен дел, биле преземени сите дејства пропишани со изнесените законски одредби, Судот утврди дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со Законот, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Што се однесува, пак, до наводите во иницијативата за несогласноста на оспорениот дел од Одлуката со наведените правилници, Судот оцени дека таа правна релација, според член 110 од Уставот, не е во надлежност на Уставниот суд.
6. Врз основа на изнесеното, се одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.55/2000
1 ноември 2000 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов