Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 25 октомври 2000 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 38 од Законот за внатрешни работи (“Службен весник на Република Македонија” бр.19/95 и 55/97).
2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 38 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со оспорената одредба се исклучувала можноста од судско одлучување при употребата на средствата за присилба или огнено оружје од страна на овластените службени лица, односно “судот да дава проценка за нужноста од употреба на смртна сила на службениците со полициски овластувања”, со што не се попречувало самоволното однесување на државните органи, а што не било во согласност со член 8 став 1 алинеја 4, член 10 став 1, член 11 став 1 и член 98 став 1 и 2 од Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека според член 38 од Законот, основаноста, оправданоста и правилноста на употребата на средствата за присилба или огнено оружје во секој конкретен случај ја оценува непосредно повисокиот одговорен работник.
4. Според член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно член 10 став 1 од Уставот, животот на човекот е неприкосновен, а според член 11 став 1 од Уставот, физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени.
Според член 98 став 1 од Уставот, судската власт ја вршат судовите, а според став 2 на овој член од Уставот, судовите се самостојни и независни и тие судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ретификувани во согласност со Уставот.
Со Законот за внатрешни работи се утврдени внатрешните работи и нивното вршење, така што според член 6 од овој закон, работниците на Министерството за внатрешни работи работите и задачите ги извршуваат во согласност со правата, должностите и овластувањата утврдени со закон и други прописи донесени врз основа на закон и тие се должни да ги извршуваат тие работи, освен ако извршувањето на наредбата претставува кривично дело, а според член 7 од Законот, работниците во Министерството се должни во вршењето на работите и задачите да го штитат и чуваат животот и имотот на граѓаните, да ги почитуваат слободите и правата на човекот и граѓанинот и да ги применуваат на пропишан начин само мерките и средствата на присилба што со овој закон или друг пропис се утврдени. Понатаму, во глава ИИИ, со членовите 21 до 43 од Законот, конкретно се пропишани посебните должности и овластувања на Министерството и правата и должностите на овластените службени лица. Меѓу другото, со одредбите на членовите 34 до 39 од Законот се опред
елува дека овластеното службено лице може да употреби средства на присилба пропишани со акт на Владата заради воспоставување на нарушен јавен ред и мир во поголем обем, совладување отпор на лице кое го нарушува јавниот ред и мир или лице кое треба да се приведе, задржи или лиши од слобода, заради одбивање напад од себе, од друго лице или објект што се обезбедува, заради присилно отстранување на лица од определено место, како и лице кое не постапува по наредба на овластено службено лице. Овластеното службено лице ќе употреби огнено оружје, ако со други средства на присилба не може: да го заштити животот на граѓаните; да одбие од себе непосреден напад со кој се загрозува неговиот живот; да одбие напад на објект или личност што се обезбедува и да се спречи бегство на лице затечено во вршење на кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години, како и бегство на лице лишено од слобода и лице за кое е издаден налог за лишување од слобода заради извршување на вакво кривично дело. Овласт
ените службени лица кои вршат служба непосредно под раководство на одговорен работник смеат да употребат средства на присилба или огнено оружје само на негова наредба, а пред употребата на средствата на присилба или огнено оружје, овластеното службено лице е должно да го предупреди, гласно лицето спрема кое треба да го употреби тоа средство, односно оружје. Ако средствата на присилба или огненото оружје се употребени во границите на овластувањата и во согласност со одредбите на Законот, исклучена е одговорноста на овластеното службено лице кое ги употребило и на одговорниот работник кој ја наредил нивната употреба, како и на лице кое на повик на Министерството или на овластено службено лице укажало помош во извршувањето на службените работи.
Тргнувајќи од содржината на наведените уставни и законски одредби, а имајќи ја предвид содржината на оспорената одредба и причините за нејзиното оспорување, според мислењето на Судот, јасно произлегува дека таа не може да се третира надвор од контекстот на другите одредби од Законот, ниту, пак, од нејзината содржина произлегува можност за самоволно постапување на државните органи и исклучување на кривична и друга одговорност на овластените службени лица за незаконита употреба на средства за присилба или огнено оружје.
Имено, неприкосновеноста на животот на човекот и неговиот физички и морален интегритет се негово основно и суштествено право, кое е реална основа за остварување на другите негови основни слободи и права. Таквиот карактер на ова право е потврда на општоприфатените светски стандарди за правата и слободите на човекот и граѓанинот и потврда на хуманиот однос спрема човекот како интегрирана личност и субјект на активен чинител во севкупното дејствување во општеството во сопствен и интерес на заедницата во која живее. Се разбира, тоа не значи глорификација и апсолутизација на тоа право со толкување од можност за негова злоупотреба. Остварувањето на таквото право не може да биде на штета на истото такво право на другите лица. Поаѓајќи од таквата основа и причина, секое општество вклучително и нашето, ги задржува средствата за присилба, строго определувајќи ја со закон нивната употреба и тоа токму во функција на остварување на слободите и правата на човекот и граѓанинот. Во таа смисла, употребата на средствата за п
рисилба, вклучувајќи го и огненото оружје, во со закон строго определени граници и конкретно пропишани постапки, не може да се спротивставува на уставната неприкосновеност на правото на живот и физичкиот и морален интегритет на човекот.Всушност, определбата од оспорената одредба дека основаноста, оправданоста и правилноста на употребата на средствата за присилба или огнено оружје во секој конкретен случај да ја оценува непосредно повисокиот одговорен работник, се разбира во рамките на односите утврдени со другите одредби на Законот, е гаранција повеќе да не дојде до неоснована, неоправдана и неправилна примена на таквите средства.
Во однос на приговорот дека со оспорената одредба се повредува уставниот принцип за поделба на власта, исто така, според мислењето на Судот, тоа не стои, а заложбата во секој конкретен случај судот да дава проценка за нужноста од употреба на средствата за присилба или огнено оружје, ниту е рационално и можно, ниту, пак, е во надлежност на Уставниот суд да се произнесува за уставноста на содржина која не е содржана во оспорената одредба. Друго е прашањето, доколку при употребата на присилните средства дојде до нивно пречекорување или друг облик на злоупотреба, но во таков случај, не е исклучена кривичната одговорност пред судовите, односно дисциплинската одговорност пред соодветниот орган, што јасно произлегува од одредбите на Законот.
Тргнувајќи од напред наведеното, според мислењето на Судот, со оспорената одредба на член 38 од Законот не се повредува неприкосновеноста на правото на живот на човекот и неговиот физички и морален интегритет, поради што Судот не го постави прашањето за согласноста на оспорената одредба со напред наведените одредби од Уставот.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.140/2000
25 октомври 2000 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов