У.бр.123/2000

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 27 септември 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Владо Мицковски од с. Вранештица-Кичево за заштита на слободите и правата.

2. Владо Мицковски од с. Вранештица-Кичево, на Уставниот суд на Република Македонијца му поднесе барање за поведување постапка за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

Според наводите во барањето, со Решение на Владата на Република Македонија, подносителот на барањето бил разрешен од функцијата заменик на јавниот правобранител на Република Македонија за подрачјето на Кичево. Со оглед на тоа дека разрешувањето е пред истекот на мандатот за кој е именуван, а во Решението за разрешување не се даваат причините за разрешување, според подносителот на барањето, со таквото решение е извршена дискриминација по основ на политичка припадност.

3. Судот на седницата утврди дека Владата на Република Македонија, врз основа на член 16 од Законот за јавното правобранителство (“Службен весник на Република Македонија” бр.47/97), на седницата одржана на 23 мај 2000 година, донела Решение бр.17-2683/1, со кое го разрешува Владо Мицковски од функцијата заменик на јавниот правобранител на Република Македонија за подрачјето на Кичево. Решението влегло во сила со денот на донесувањето, а е објавено во “Службен весник на Република Македонија” бр.45/2000 година, на 9 јуни 2000 година.

4. Според член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити, слободите и правата на човекот и граѓанинот, што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Согласно член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен акт или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото прземање.

Тргнувајќи од фактот дека Решението за разрешување од функцијата заменик јавен правобранител на Република Македонија за подрачјето на Кичево, со кое подносителот на барањето смета дека е извршена дискриминација по основ на политичка припадност со што му се нарушени неговите слободи и права, е донесено на 23 мај 2000 година и е објавено на 9 јуни 2000 година, а барањето за заштита на слободите и правата е поденсено на 11 септември (на поштенската пратка стои жиг на поштата од 23 август 2000 година), што значи надвор од допуштениот рок од два месеци, Судот уитврди дека не постојат процесни претпоставки за постапување по барањето.

5. Со оглед на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.123/2000
27 септември 2000 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Д-р Тодор Џунов