127/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 11 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 27 септември 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член154 став 1 од Законот за високото образование (“Службен весник на РМ” бр.64/2000).
2. Д.Поповски од Битола на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 154 став 1 од законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што лицето избрано во наставно научно или наставничко звање и ако во текот на учебната година ги исполнува условит е за лична пензија ќе остане на работа до крајот на учебната година по автоматизам, без за тоа да одлучуваат работниците, со што се нарушува начелото на еднаквоста. Исто така оспорениот член не бил во согласност со член 105 од Законот за работните односи и со Општиот колективен договор за јавните служби, јавните претпријатија, државните органи оргнаите на локалната смаоуправа и другите правни лица кои вршат нестопанска дејност.
3. Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 154 став 1 од Законот за високото образование е предвидено дека “на лицето избрано во наставно-научно или наставно звање кое во текот на учебната година ги исполнило условите за пензија, работниот однос му трае до крајот на учебната година”.
Според член 105 од наведениот закон “учебната година почнува на 1 октомври а завршува на 30 септември следната година која се дели на два семестри, зимски и летен. Почетокот и времетраењето на наставата во зимскиот и летниот семестар се определува со статут на факултетот односно високата стручна школа. Ако учебната година се организира според кредит систем по семестри , почетокот и завршетокот на наставата се определува со статут на факултетот односно високата стручна школа”.
4. Според член 9 од Уставот на Република Македонија граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествена положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според член 32 став 2 од Уставот, секому под еднакви услови му е достапно секое работно место.
Според член 32 став 5, пак, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредува со закон и со колективни договори.
5. Од наведените уставни одредби произлегува дека не може да се прави разлика меѓу граѓаните при остварување на нивните права по наведените основи, а во тие рамки не може да се прави разлика меѓу граѓаните по основ на правата од работен однос доколку тие ги исполнуваат предвидените услови за одредено работно место утврдени со закон и колективен договор.
Со оглед на тоа што според Уставот, со закон и со колективни договори се уредуваат прашањата за остварување на правото од работен однос, а во тие рамки и прашањата за уредување на условите за престанок на работниот однос и исполнување на условите за лична пензија, Судот смета дека со давањето на законската можност државата да одлучи под одредени услови да задржи одредени работници и по исполнувањето на условите за лична пензија не се нарушува начелото на еднаквост поаѓајќи од фактот што на лицата на кои треба да им престане работниот однос, по сила на законот работниот однос им се продолжува за одредено време, исто така утврдено со закон (до крајот на школската година, а школската година е утврдена со закон) кое време е неопходно потребно да се заврши започнатиот процес. Имено овие работници остануваат и понатаму во работен однос не по нивно барање или во нивен интерес, туку во интерес на правниот субјект. Имајќи ја предвид стручноста и работната способност, како и спрецификата на образовниот процес, државата е заинтересирана одредени стручни кадри на високото образование и ако ги исполнуваат условите за лична пензија да ги задржат уште за одредено време.
Со оглед на изнесеното Судот смета дека со ваквиот начин на уредување на прашањето во високото образование одредени кадри и покрај исполнувањето на условите за пензија да останат и понатаму на работа не се повредува уставното начело на еднаквост.
6. Во однос на наводите од иницијативата дека оспорената одредба не била во согласност со Законот за работните односи и со Општиот колективен договор за јавните служби, јавните претпријатија, државните органи, органите на локалната самоуправа и другите правни лица кои вршат нестопанска дејност, Судот смета дека согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд не е надлежен да ја цени меѓусебната согласност на законите и усогласеноста на законите со колективните договори.
7. Со оглед на изнесеното, се одлучи како во точката 1 од ова решение.
8.Ова решение Судот го донесе во состав од п ретседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.127/2000
27 септември 2000 година
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов