Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на илен 110 од Уставот на Република Македонија и иленовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 27 септември 2000 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 88 став 3 во делот “кои го склучиле и за сите работници и работодавци во чие име договорот е склучен”, член 89 став 2, член 90 став 1, член 129 и член 130 точка 2 од Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93, 3/94, 14/95, 53/97, 59/97, 21/98, 25/2000 и 34/2000).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи и член 130 точка 3 во делот “наполнет кај работодавецот кај кого му престанува работниот однос” и член 138 став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение.
3. Лазо Денковски од Куманово, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 2 став 1 во делот: “кои го склучиле и за сите работници и работодавци во чие име договорот е склучен”, членовите 3, 4, 5, 6, член 7 став 1 точка 2 и точка 3 во делот: “наполнет кај работодавецот кај кого му престанува работниот однос” и член 8 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија” бр.25/2000).
Според подносителот на иницијативата, оспорените одредби на членовите 2, 3 и 4 од Законот содржеле решенија кои биле спротивни на уставно утврдените принципи на колективното договарање; со членот 5 се бришела одредба од Законот која ги содржела мерките што работодавецот бил должен да ги преземе ако дојде до престанок на работниот однос со отказ поради економски, технолошки, структурални или слични промени, што не било во согласност со член 8 став 1 алинеја 11 и член 9 од Уставот; членот 6 од Законот бил спротивен на принципот на колективното договарање и воедно во несогласност со другите одредби од Законот; членот 7 со кој се менувал член 130 од Законот, во ставот 1 точка 2 не соодејствувала на определбата на законодавецот, а во точката 3 се повредувал принципот на ендаквост бидејќи правото се условувало од работниот стаж стекнат кај последниот работодавец и конечно, со членот 8 од Законот се повредувала самостојноста и независноста на судската власт и принципот на еднаквост на граѓаните на штета на работниците на кои им престанал работниот однос со отказ поради економски, технолошки, структурални или слични промени, што не било во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и 11 и член 9 став 2 од Уставот.
4. Судот на седницата утврди дека со оспорениот член 2 од Законот, во член 88 од Законот за работните односи се додава нов став 3 според кој општиот колективен договор од ставовите 1 и 2
на овој член се применува непосредно и е задолжителен за организацијата на работниците и организацијата на работодавците кои го склучиле и за сите работници и работодавци во чие име договорот е склучен.
Со одредбата на оспорениот член 3 се додава нов став 2 на член 89 од Законот, според кој колективниот договор на ниво на гранка се применува непосредно и е задолжителен за организацијата на работдавците и организацијата на работниците кои го склучиле, но не и за работодавците и работниците кои не се членови на организацијата на работодавците, односно организацијата на работниците кои го склучиле договорот.
Според оспорената одредба на член 4, во член 90 од Законот по зборот “работниците” се додаваат зборовите: “кој се применува непосредно и е задолжителен за страните кои го склучиле договорот”.
Со оспорениот член 5, се брише членот 128 од Законот.
Со оспорениот член 6, се менува член 129 од Законот и според него структурата на работниците на кои ќе им престане работниот однос со отказ поради економски, технолошки, структурални или слични промени се утврдува врз основа на критериумите утврдени со колективен договор на ниво на работодавец, односно со колективен договор на ниво на гранка, доколку работодавецот има потпишано таков договор.
Со член 7 од измените на Законот се менува член 130 од Законот според чија точка 2 се уредува дека ако на работникот му престане работниот однос поради економски, технолошки, структурални или слични промени, работодавецот е должен да му обезбеди стручно оспособување, преквалификација или доквалификација за работа кај друг работодавец, а според точката 3 од овој член, да му обезбеди еднократен надомест во вид на испратнина во висина од едномесечна плата на работникот за секои две години работен стаж наполнет кај работодавецот кај кого му престанува работниот однос, а најмногу 12 месечни плати, остварена во претходниот месец од денот на престанокот на работниот однос на работникот, што се исплатува со денот на престанокот на работниот однос.
Со оспорената одредба на член 8, се додава нов став 2 на член 138 од Законот, според кој во постапката за заштита на правата на работникот од престанок на работниот однос поради економски, технолошки, структурални или слични промени надлежниот суд цени само дали работниот однос престанал под условите и начинот утврдени со закон, колективен договор и договорот за работа, при што не ја цени потребата и оправданоста од престанокот на работниот однос по оваа основа.
Понатаму, Судот утврди дека постапуваќи по предметот У.бр.84/2000, со Решение од 12 јули 2000 година, не повел постапка за оценување уставноста на член 7 точка 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи во делот “наполнет кај работодавецот кај кого му престанува работниот однос (“Службен весник на Република Македонија” бр.25/2000). Причините за оспорување на овој дел на оспорената одредба биле идентични со причините од предметната иницијатива. Притоа, Судот оценил дека со оспорениот дел од одредбата според кој е предвидено дека на работникот кој поради технолошки структурални или други промени ќе му престане работниот однос има право на испратнина во зависност од работниот стаж поминат кај работодавецот кај кого му престанува работниот однос, не се нарушува начелото на еднаквост. Имено ова право не може да се постави во корелација со начелото на еднаквост од причина што работодавецот е должен да им исплати испратнина во одредена висина за она време и на оние работници кои учествувале во создавањето на капиталот, а не и на другите кои не учествувале во создавањето на капиталот, без оглед на стажот поминат кај друг работодавец.
Меѓутоа, и покрај ваквиот став, во функција на еднаквоста на граѓаните пред законот, Судот смета дека државата односно законодавецот треба да има предвид и да пропише правна основа и утврди инструменти за обезбедување на средства за остварување на правото на испратнина без оглед на тоа дали работникот работниот стаж го стекнал кај претходен работодавец или кај работодавецот кај кого му престанува работниот однос.
Судот, исто така, утврди дека постапувајќи по предметот У.бр.67/2000, со Решение од 31 мај 2000 година, не повел постапка за оценување уставноста на член 138 став 2 (тоа е член 8 од измените) од Законот за работните односи. Причините за оспорување на оваа одредба, исто така, се идентични со предметната иницијатива. Притоа, Судот оценил дека смислата на оспорената одредба од Законот по својот карактер, содржина и вокација нема за цел да ја определува надлежноста на судовите, кое прашање се уредува со посебен закон, ниту да ја ограничува самостојноста и независноста на судската власт. Исто така, со таа одредба не се исклучува примената на Уставот и нормите на меѓународното право при одлучувањето на судот, ниту, пак, се повредува принципот на еднаквост на граѓаните на штета на работниците на кои им престанал работниот однос со отказ поради економски, технолошки, структурални или слични промени. Врз основа на наведеното, Судот не го поставил прашањето за согласноста на оспорената одредба со одредбите на Уставот.
5. Според член 8 став 1 алинеја 3 и 11 од Уставот владеењето на правото и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право, се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Согласно член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според член 32 став 5 од Уставот остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
Со Законот за работните односи се уредуваат сите релевантни прашања за работниот однос како договорен однос меѓу работникот и работодавецот заради вршење на определени работи. Според член 2 од овој закон работниот однос се уредува со овој закон, со друг закон и со колективен договор.
Уставот освен што го востановува институтот на колективното договарње како облик на уредување на односите што се однесуваат на остварувањето на правата на вработените и нивната положба, не содржи изрични одредби за видовите на колективните договори, нивните меѓусебни односи и другите релевантни прашања за овој вид правни акти како составен дел на внатрешниот правен поредок. Законот за работните односи, меѓутоа, операционализирајќи го уставниот концепт за колективното договарање, содржи конкретни одредби за односот на колективните договори и законот, за видовите на колективните договори и нивниот меѓусебен однос, за времето на склучување и примената на колективните договори, за нивните потписници и слично.
Уставното начело за еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите ги обврзува како законодавецот така и сите субјекти на колективното договарање, во уредувањето на прашањата за остварувањето на правата на вработените и нивната положба, со законот и со колективните договори да обезбедат еднаква правна положба на сите работници. Врз основа на тоа, со Законот за работните односи и со колективните договори конкретно се уредени прашањата во врска со условите и начинот на престанок на работен однос, како и формите и начинот на заштитата на правата на работникот во случај на престанок на работен однос, меѓу другото и за престанокот на работниот однос со отказ поради економски, технолошки, структурални или слични промени.
Тргнувајќи од содржината на напред наведените уставни и законски одредби, а имајќи ја предвид содржината на секоја одделна одредба што се оспорува и причините за нејзиното оспорување, според мислењето на Судот, оспорениот дел на одредбата на член 88 став 3 од Законот, не е во спротивност со концепцијата на колективното договарање (дека таквиот договор е општ, непосредно се применува и е задолжителен како за тие што го склучиле, така и за работниците и работодавците во чие име е склучен). Во спротивно, би се изгубил карактерот на тие акти како колективни договори со кои, покрај законот, се уредува остварувањето на правата на вработените и нивната положба.
Понатаму, предвидената непосредна примена и задолжителност на гранскиот колективен договор за ореганизацијата на работдавците и организацијата на работниците кои го склучиле, но не и за работодавците и работниците кои не се членови на организацијата на работдавците и организацијата на работниците, во член 89 став 2 од Законот, според мислењето на Судот, е во рамки на концепцијата за колективното договарање. Имено, во овој случај законодавецот ја имал предвид можноста не секој работодавец и работник да мора да членува во соодветната гранска организација, поради што за нив ја исклучил непосредната и задолжителна примена на соодветниот грански договор. Таквата определба е во согласност со карактерот на овој вид договори и на овој начин не се повредуваат принципите на колективното договарање.
Исто така, обврската од член 90 став 1 од Законот, за непосредна примена и задолжителност на колективниот договор на ниво на работодавец за страните кои го склучиле, според мислењето на Судот, не е во несогласност со принципите на колективното договарање.
Во однос на член 129 од Законот, според кој структурата на работниците на кои ќе им престане работниот однос со отказ поради економски, технолошки, структурални или слични промени, се утврдува врз основа на критериумите утврдени со колективен договор на ниво на работодавец, односно со колективен договор на ниво на гранка, доколку работодавецот има потпишано таков договор, Судот смета дека со оваа одредба не се повредува уставниот принцип на колективното договарње.
Тргнувајќи од содржината на член 130 од Законот со кој се утврдени правата ако на работникот му престане работниот однос поради економски, технолошки, структурални или слични промени, и од оспорената точка 2 на овој член, според која едно од правата на работникот што работодавецот е должен да му го обезбеди е стручно оспособување, преквалификација или доквалификација за работа кај друг работодавец, според мислењето на Судот, анализирајќи ја оспорената одредба во контекст на целината на содржината на овој член, со неа не се повредува одредбата на член 32 став 5 од Уставот.
Врз основа на наведеното, пред Судот не се постави прашањето за согласноста на напред наведените одредби од Законот со одредбите на Уставот.
6. Тргнувајќи од тоа дека со иницијативата се бара оценување на уставноста на член 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи, со кој се брише член 128 од Законот, не затоа што таа одредба не е во согласност со Уставот, туку поради отсуство на одредба за која подносителот на иницијативата смета дека треба да биде содржана во Законот, Судот, не е надлежен да одлучува за тој дел на барањето во иницијативата.
Во однос на оспорувањето на уставноста на член 130 точка 3 во делот “наполнет кај работодавецот кај кого му престанува работниот однос” и член 138 став 2 од Законот за работните односи, Уставниот суд постапувајќи по предметот У.бр.84/2000 и предметот У.бр.67/2000 ја оценувал уставноста на тие две одредби и не повел постапка за оценување на нивната уставност. Со оглед на тоа што Судот за истата работа веќе одлучувал, а не наоѓа основи за поинакво одлучување, ја отфрли иницијативата во овој дел.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.116/2000
27 септември 2000 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов