81/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 20 септември 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на Уредбата за висината на надоместоците на граѓаните повикани заради извршување на правата и должностите од областа на одбраната, (“Службен весник на Република Македонија” бр. 35/93; 36/94; 2/97; 7/98; 22/98; 27/98 и 20/2000).
2. Димитрија Атанасовски, адвокат од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение, од причини што истиот не бил во согласност со членовите 9, 32 став 5 и членот 91 став 1 алинеја 5 од Уставот на Република Македонија.
3. Судот на седницата уврди дека со Одлука У.бр.17/2000 од 21 јуни 2000 година (објавена во “Службен весник на Република Македонија” бр.55/2000) Судот ја укина оспорената уредба.
Според мислењето на Судот, Уредбата нема карактер на извршен пропис во смисла на член 91 став 1 алинеја 5 од Уставот, со оглед на т оа дека со неа не се врши доуредување, односно разработување, конкретизирање и допрецизирање на определени одредби од Законот за одбрана, туку се утврдуваат видовите, висината и условите за остварување на надоместоците што им припаѓаат на граѓаните во врска со остварувањето на одбраната на државата, а кои може да се утврдат само со Законот за одбрана. Овие надоместоци, како вид на права, воопшто не се утврдени во Законот за одбрана. На тој начин, предметната уредба не е во согласност и со член 32 став 5 од Уставот според кој, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.
4. Согласно член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.
Според член 28 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Со оглед на тоа што со иницијативата се оспорува уставноста на акт кој престанал да важи и како таков веќе не е во правниот поредок, Судот оцени дека не постојат процесни претпоставки за одлучување.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Д-р Тодор Џунов, судиите Бахри Исљами, Д-р Никола Крлески, Олга Лазова, Д-р Стојмен Михајловски, Д-р Милан Недков, Д-р Јован Проевски, Бесим Селими и Д-р Јосиф Талевски.

У.бр. 81/2000
20 септември 2000 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов
љс./