Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 13 септември 2000 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Одлуката за донесување Детален урбанистички план за населба “Под Варош” – општина Кичево, бр.07-989/13 донесена од Советот на Општина Кичево на 30 јуни 1998 година, во делот на КП бр.3432.
2. Захарула, Михајло и Лилјана Љаскоски и Миле, Бошко, Милена и Мила Симјановски, сите од Кичево, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение. Подносителите на иницијативата наведената одлука ја оспоруваат затоа што при изготвувањето и донесувањето на овој детален урбанистички план не биле почитувани одделни одредби од Правилникот за стандарди и нормативи за планирање (“Службен весник на РМ” бр.11/97). Поконкретно, оваа одлука се оспорува затоа што растојанието меѓу станбениот објект на подносителите на иницијативата и станбениот објект што бил планиран на урбанистичката парцела бр.3432, сопственост на нивниот сосед, било помало од 6 метри, што како минимално растојание меѓу соседни станбени објекти било утврдено во членот 7 од Правилникот. Исто така, наведената урбанистичка парцела била помала од минималната ширина од 14 и површина од 300 м2 утврдена во член 8, а и искористувањето на земјиштето на оваа парцела било помало од коефициентот на искористување утврден во член 9 од наведениот правилник. Во иницијативата се укажува и на тоа дека, објектот на урбанистичката парцела бр.3432 во Деталниот урбанистички план не бил предложен во фазата на нацрт на планот, по кој била спроведена јавна анкета, поради што и подносителите немале забелешка по нацртот на овој план, но истиот бил дополнително предложен во предлогот на планот, а за што подносителите дознале покасно, односно по донесувањето на планот.
Поради наведените причини се бара Уставниот суд на Република Македонија да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одлука и истата ја укине.
3. На седницата Судот утврди дека во член 1 од оспорената одлука предвидено е дека со неа се донесува Детален урбанистички план за населба “Под Варош” – општина Кичево, а во член 2 утврдено е дека составен дел на Одлуката е планот потпишан и заверен од страна на градоначалникот на општина Кичево, кој се состои од графичкиот приказ и текстуалниот дел, кој се чува, а не се објавува во службен гласник. Според член 3, оваа одлука влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во “Службен гласник на општина Кичево”, а според член 4 примерок од Одлуката се доставува до Канцеларијата на Главниот архитект на град Кичево и подрачната единица на Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина во Кичево, за нејзина реализација.
На седницата Судот, исто така утврди дека оспорената одлука Советот на општина Кичево ја донел во две фази и тоа како нацрт и како предлог, дека по нацртот на одлуката општината организирала јавна анкета, по која е поднесен извештај со образложение за неприфатените забелешки и дека измените и дополнувањата на оспорената парцела од планот се произлезени од удоволување на барањето на нивниот сосед истакнато во јавната анкета, дека планот е изработен во форма на предлог на одлука, што советот ја донел и по која е добиена согласност од Министерставото за урабанизам, градежништво и заштита на човековата средина од што произлегува дека оспорената одлука е донесена во согласност со постапката утврдена во Законот за просторно и урбанистичко планирање.
Во однос на наводите во иницијативата дека при изработувањето и донесувањето на Деталниот урбанистички план на оспорената парцела не биле почитувани односно целосно не биле применети стандардите и нормативите утврдени во Правилникот за стандарди и нормативи за планирање, кој што важел во време на донесување на овој план, а од кои причини и се оспорува овој план, Судот, врз основа на податоците добиени од Советот на општина Кичево, утврди дека стандардите и нормативите од членовите 7, 8 и 9 од Правилникот во целост не биле применети не само во случај на градежната парцела предвидена на КП. бр.3432, за која инаку се приговара во иницијативата, но и во случај на парцелите предвидени на КП.бр.3433 на подносителите на иницијативата. Според мислењето на доносителот на оспорената одлука и во двата случаи предвидените површини (локации) за градба биле максимални со оглед на тоа што истите се наоѓале во централното градско јадро, каде што изграденоста на објектите и искористеноста на градежните парцели од една страна, и почитувањето на сопственоста на парцелите и задоволувањето на барањата и потребите на сопствениците, од друга страна, не дозволувале докрај, односно доследно да се применат наведените членови од Правилникот. Односно, во случајот се работело за примена на нормативите и стандардите до граници на нивната применливост на определените локации, при тоа почитувајќи ја истовремено и реалната, односно постојната состојба на теренот на кој тие се предвидени како и потребата од рационално користење на просторот и задоволување на барањата на сопствениците на парцелите, кои се и основни начела што произлегувале од Законот за просторно и урбанистичко планирање и Правилникот за стандардите и нормативите за планирање.
4. Според член 8 од Уставот на Република Македонија, една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и уредувањето на животната средина и на природата (алинеја 10 од овој член од Уставот).
Во член 115 од Уставот е утврдено дека во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку свои претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење во областите утврдени во самиот Устав и во други области утврдени со закон, а меѓу тие области е утврдена и областа на урбанизмот.
Наведените уставни одредби се операционализирани и разработени во Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија”, бр.4/96, 8/96, 28/97, 18/99) во кој се утврдени механизмот и инструментите на обезбедувањето на просторното и урбанистичкото планирање, целите на овој вид на планирање, начинот на учеството на граѓаните во единиците на локалната самоуправа во одлучувањето за прашањата од оваа област, надлежноста и овластувањата на другите органи и институции во одделните фази на постапката утврдена за донесување на поодделните видови урбанистички планови и сл. При тоа, според членот 2 од наведениот закон, просторното и урбанистичкото планирање, освен со донесување, се обезбедува и со изработување на детални урбанистички планови, а во членот 4 децидно се утврдени целите што се обезбедуваат со просторното и урбанистичко планирање, а тоа се: порамномерен просторен развој, рационално уредување и користење на просторот, услови за хумано живеење и работа на граѓаните, а се предвидуваат и мерки за заштита и унапредување на животната средина и природата, заштита од воени разорнувања, од природни и технолошки непогоди.
Во член 1 од Правилникот за стандарди и нормативи за планирање (“Службен весник на РМ” бр.11/97), кој што важел во време на донесување на оспорениот детален урбанистички план е предвидено дека со овој Правилник се пропишуваат стандарди и нормативи за планирање кои што ќе се применуваат при изработување на генерален урбанистички план, детален урбанистички план и урбанистичка документација за населено место во општината односно при организирање нови урбанистички – архитектонски целини и во организирани населби со максимално почитување на постојната состојба односно изградените објекти.
Понатаму, во членовите 7, 8 и 9 од Правилникот, а поради чија недоследна примена се оспорува уставноста на предметниот детален урбанистички план се предвидени минималните растојанија меѓу станбените објекти (член 7), големината на парцелата за домување, односно минималната широчина на парцелата (член 8) и коефициентот на искористеност на земјиштето (член 9).
Имајќи ги предвид наведените уставни и законски одредби, од една страна, како и фактот дека стандардите и нормативите за планирање не се утврдени во Законот за просторно и урбанистичко планирање, но во подзаконски акт (правилник), а оспорената одлука Советот на општината Кичево ја донел во согласност со постапката утврдена во овој закон, од друга страна, Судот наоѓа дека во конкретниот случај барањето во иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука, од аспект на примената на стандардите и нормативите за планирање утврдени во соодветниот Правилник го доведува Судот во крајна линија да одлучува за меѓусебната усогласеност на оваа одлука односно на конкретниот детален урбанистички план со наведениот Правилник за што Уставниот суд не е надлежен, согласно член 110 од Уставот. Ова дотолку повеќе што во иницијативата не се наведени ниту уставни ниту законски одредби кои се повредени со оспорената одлука, но се наведени само цитираните одредби од Правилникот.
За тоа дали планот е донесен во согласност и со прописите донесени врз основа на Законот за просторно и урбанистичко планирање, каков што е и овој Правилник, одлучува, односно согласност издава министерството надлежно за урбанизам (член 22 став 6 и член 23 од Законот).
Уставниот суд на Република Македонија не е надлежен да одлучува во конкретниот предмет и поради фактот што одредбите на Правилникот за нормативи и стандарди за планирање се од чисто технички и стручен карактер кои се применуваат при изработка на секој конкретен урбанистички план, кои што, пак, согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање ги изработуваат определени и овластени стручни организации или лица за тоа. Значи, за реализација и правилна примена на пропишаните стандарди и нормативи се задолжени изработувачите на овие планови, а контролата пак на примената на тие стандарди и нормативи при изработката на тие планови, исто така, согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање, ја вршат овластени стручни организации за тоа, преку експертиза, односно преку стручна ревизија на планот, која, исто така, претставува дел од постапката за нивно донесување, а не Уставниот суд.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Милан Недков, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.131/99
13 септември 2000 година
С к о п ј е
сд/.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов