86/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 7 септември 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 8 од Законот за изменување и дополнување на Законот за денационализација (“Службен весник на РМ” бр.31/2000) во точка 1 од новиот член 9-а.

2. Живко Серафимовски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение затоа што смета дека со неа поранешните сопственици се доведуваат во нееднаква положба во поглед на остварување правото на сопственост во рамките на денационализацијата, во зависност од тоа дали врз национализираниот имот постои право на користење (било како имот во општествена сопственост или како имот врз кој се воспоставени кориснички права и од физички лица) или на тој имот во изминатиот период е воспоставено право на сопственост, што не било во согласност со член 9 во врска со член 30 од Уставот. Подносителот на иницијативата укажува дека со оваа одредба посебно се погодени поранешните сопственици на земјоделско земјиште кое по национализацијата било доделувано во сопственост на други физички лица и кое денес, само заради сопственичкиот режим на тоа земјиште, иако истото не е променето во неговата намена, не може да им се врати. Наспроти тоа се наведува, становите и станбените згради кои се доделени со право на користење, се врќаат во сопственост. Смета дека поранешните сопственици треба да имаат еднаков третман независно од видот на надвижноста и од нејзиниот правен режим во секој случај кога недвижноста физички постои, а таа не е под некој режим на јавен интерес.

3. На седницата Судот утврди дека со член 8 од Законот за изменување и дополнување на Законот за денационализација, во Законот се додава нов член 9-а кој гласи “Не се враќа во сопственост, а се дава надомест за:

1) имот на кој до денот на влегувањето во сила на овој закон право на сопственост стекнало друго физичко или правно лице со правно дело или одлука на надлежен орган.

2) национализиран сточен фонд (стада овци, кози, крупен добиток и друг сточен фонд)”.

Истовремено Судот утврди дека веќе ја оценувал уставноста на иста одредба која постоеше како член 9 став 1 точка 2 од основниот текст на Законот за денационализација (“Службен весник на Република Македонија” бр.20/98) и со Решение У.бр.120/98 од 23 и 24 декември 1998 не повел постапка за нејзината уставност од аспект на повреда на правото на сопственост гарантирано со член 30 од Уставот.

4. Разгледувајќи ја оспорената одредба од Законот од аспект на повреда на правото на еднаквост, Судот утврди дека според член 9 став 1 и 2 од Уставот граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба и се еднакви пред Уставот и законите.

Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот една од темелните вредности на уставниот поредок е и владеењето на правото, што го содржи и принципот на правната сигурност, како и забраната на повратно дејство на законите утврдена со член 52 став 4 од Уставот.

5. Оспорената одредба несомнено пропишува различен третман на поранешните сопственици во зависност од тоа дали врз национализираниот имот е стекнато право на сопственост со правно дело или со одлука на надлежен орган или на денот на влегување во сила на Законот тој имот имал друг правен режим (општествена сопственост, право на користење и сл.). Меѓутоа различниот третман се однесува само на обликот, но не и на правото на денационализација на поранешните сопственици. Дали национализираниот имот ќе се врати физички, или пак Републиката ќе ја изврши својата обврска со плаќање на надомест за тој имот, зависи во прв ред од физичката егзистенција и идентитетот на имотот, но, според мислењето на Судот, и од состојбата на неговиот правен статус. Имено, Судот оценува дека стекнувањето право на сопственост на национализираниот имот што во изминатиот период се случило во согласност со законите и други важечки прописи што го регулирале правниот промет, претставува релевантен правен факт, кој, од една страна, ја налага примената на принципот на правната сигурност и начелото на забрана за ретроактивно дејство на законите, а од друга, различниот третман во оспорената одредба го исклучува како облик на повреда на принципот на еднаквост, затоа што е само правно релевантен основ за различен начин на враќање на имотот, а не и основ за исклучување на одделна група субјекти од тоа право.

Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека оспорената одредба од Законот не е во несогласност со член 9 од Уставот и одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.86/2000
7 септември 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов