51/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 јули 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 15 став 2, член 18 став 2 и член 21, во делот ” и мерката забрана за излегување од објектите на Академијата до 30 дена” од Законот за воената академија (“Службен весник на Република Македонија” бр.30/95 и 54/97).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбата од Законот за Воената академија означени во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата член 15 став 2 се оспорува затоа што се
смета дека условите за запишување на студенти на Академијата мора да бидат утврдени со закон, а не со правилник на министерот за одбрана. Се смета дека оваа одредба не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51, член 91 алинеја 5 и член 96 од Уставот. Притоа, иницијаторот укажува дека во случајов со законот не се утврдени основи и рамки на овластувањето на министерот да донесува подзаконски прописи за извршување на законот.

Член 18 став 2 се оспорува од истите причини – висината на личните примања и патните трошоци не може да се утврдува со акт на министерот, затоа што само Владата донесува уредби за извршување на закон.

Член 21, во оспорениот дел, бил во несогласност со член 9, член 12 став 1 и 2, член 27 став 1 и 3 и член 54 став 1 од Уставот, затоа што прво, со таа мерка студентите се ставаат во нееднаква положба со студентите на другите факултети на кои таква мерка не може да се примени, па дури ни на војниците во АРМ кои исто така живеат и работат во касарнски услови; второ, што со Законот не е утврдена постапката и правни средства во врска со изрекувањето на таа мерка и трето, што таа мерка претставува дури кривично дело противправно лишување од слобода и ограничување на слободата на движење.

3. На седницата Судот утврди дека во Законот се утврдени дејноста на Академијата, раководењето со Академијата, условите за запишување на питомци и нивната положба, финансирањето и други детали.

Според член 1 Воената академија се основа за образование на кадри за потребите на Армијата на РМ, а во член 2 таа е дефинирана како воена високообразовна и научно-истражувачка установа.

Приемот на питомците е регулиран со членовите 13, 14, 15 и 16 од Законот во кои се утврдени прецизни услови и постапка за кандидатите – македонски државјани (член 13 и 14).

Во оспорениот член 15 став 1 е предвидено дека на Академијата можат да студираат и припадници на вооружените сили на странски држави, а според оспорениот член 15 став 2 условите за прием и школување на лицата од став 1 на овој член со правилник ги утврдува министерот за одбрана.

Во член 18 се утврдени одредени примања на питомците за време на студирањето (во интернатски услови) почнувајќи од сместување, исхрана, униформи, месечни примања за неопходни лични потреби, па до патни трошоци за доаѓање и одење од Академијата за распуст и др.

Во оспорениот член 18 став 2 е предвидено дека висината на месечните примања за неопходните лични потреби и висината на патните трошоци со правилник ја утврдува министерот за одбрана.

Во оспорениот член 21 е предвидено дека поради повреда на должностите и неисполнување на обврските, спрема питомецот се применува, освен мерките утврдени со Законот за насочено образование, и мерката забрана за излегување од објектите на Академијата до 30 дена.

Инаку, во Законот за насочено образование (член 101) се утврдени мерките писмена опомена, опомена пред отстранување и отстранување од организацијата за насочено образование, кои ги изрекува наставничкиот односно наставно-научниот совет, а против одлуката студентот има право на приговор до органот на Факултетот чија одлука е конечна. Повредите на дисциплината се утврдуваат со статутот на високообразовната организација.

4. Според член 91 алинеја 5 од Уставот Владата на Република Македонија, помеѓу другото, донесува уредби и други прописи за извршување на законите, а согласно член 96 од Уставот органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите.

Разгледувајќи ја оспорената одредба од член 15 од Законот, Судот оцени дека Правилникот за условите за прием и школување на припадници на оружени сили на странски држави, не може да се сведе на класичен извршен пропис, туку има специфични обележја кои треба самостојно да се проценуваат.

Имено, кога би се работело за посебна групација на македонски државјани за која би се налагале некои посебни и специфични услови, би било неспорно дека тие услови би морале да бидат пропишани исто така со закон. Во случајов, меѓутоа, се работи за посебна групација на странски државјани, припадници на оружени сили на странска држава (но не и други странски лица), што битно ја менува ситуацијата.

Меѓудржавната воена соработка е вообичаена и дозволена активност и содржината на член 15 став 1 од Законот кој дозволува запишување и на такви лица на Академијата е логичен израз на таа реалност. Меѓународната воена соработка, пак, се остварува првенствено преку меѓународни договори што ги склучува Владата или преку своите министри, а кои понекогаш и не се ратификуваат. Во таа смисла правото и обврската на нашата држава да прими странски студенти – припадници на оружени сили на странски држави, се уредува на пониско ниво од закон. Освен тоа, и условите за прием на Академијата се, во основа, дел од тој и таков меѓународен договор. Ингеренциите на министерот за одбрана, пак, се претпоставени со самото дефинирање на Академијата како специјализирана воена установа. Според тоа, основано може да се заклучи дека условите за запишување на странски питомци во основа се уредени со договори за меѓународна воено-техничка соработка, во кои ни самиот министер не е апсолутно слободен, туку е условен од позициите и интересите или посебните барања на другата страна.

Оттука, според мислењето на Судот, Правилникот од оспорениот член 15 став 2 од Законот може да го добие својот основ во специфичната ситуација која инволвира странски елемент поврзан со меѓународните воено-технички односи на нашата со други армии. Исто така, во овој контекст е значајно што посебните услови што се пропишуваат со таков правилник не ги засегаат македонските граѓани, односно не го напаѓаат член 9 од Уставот од аспект на нивната еднаквост пред законот и нивното право на образование од член 44 од Уставот, чии услови се секако утврдени со закон.

Врз основа на тоа, Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 15 став 2 од Законот со означените одредби од Уставот.

5. Во поглед на прашањето поврзано со член 18 став 2 од Законот, Судот смета дека законот, давајќи го овластувањето на министерот, истовремено прецизно ги утврдил видовите на надоместоците кои им следуваат на питомците, а определувањето на нивната висина е навистина техничко и фактичко прашање кое законот и не може да го решава, следејќи го менувањето на цените на возниот билет или на другите трошоци. Притоа, за Судот е неспорно дека не само Владата, туку и органите на управата може да донесуваат извршни прописи, ако законот покрај овластувањето, содржи и рамки на овластувањето, како што тоа е случај и тука. Поради тоа Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста и на овој член од Законот со член 91 и 96 од Уставот.

6. Според член 12 став 1 од Уставот слободата на човекот е неприкосновена, а според став 2 на овој член таа никому не може да му биде ограничена, освен со одлука на судот и во случаи и во постапка утврдена со закон.

Согласно член 27 од Уставот секој граѓанин на Република Македонија има право слободно да се движи на територијата на Републиката, а остварувањето на ова право може да се ограничи со закон единствено кога тоа е потребно заради заштита на безбедноста на Републката, водење на кривична постапка или заштита на здравјето на луѓето.

Основното пашање што Судот треба да го одговори е дали означената мерка од член 21 од Законот претставува лишување од слобода односно ограничување на слободата на движење во контекст на интернатскиот режим во Академијата.

Во прв ред, Судот смета дека престојот на питомците на Академијата во интернатски услови сам по себе не може да се смета за ограничување или лишување од слобода или движење во правна смисла, иако фактички претставува режим на ограничување. Оттука критериумот за лишување од слободата треба да биде лишувањето кое битно отстапува од нормалниот режим на ограничувања. Ако е неспорно дека интернатскиот режим подразбира излегување во одредени денови и во одредено време, легнување во одредено време и т.н., и тоа само се третира како нужен и со закон оправдан дисциплински режим во Академијата, тогаш поострувањето на тој режим може да се означи како мерка на засилена дисциплина, која не го спречува питомецот да си ги исполнува своите права и обврски на академијата, ниту го изолира од нормалниот интернатски живот, што би било случај ако питомецот физички е затворен во просторија од која не може да излезе.

Од друга страна, должината на забраната за излегување од објектите на Академијата и начинот на нејзиното извршување во контекст на интернатски режим укажуваат дека таа останува во границите на дисциплинска мерка и не може да добие кривично правни обележја во смисла на член 12 од Уставот.

Врз основа на изнесеното, Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 21 со означените одредби од Уставот.

7. По прашањето во иницијативата што се однесува на недостаток од одредби во Законот со кои би се пропишала процедурата за изрекување на оваа мерка, како и би се предвиделе правни средства за заштита, Судот утврди дека според член 4 од Законот, одредбите од Законот за насочено образование и Законот за научно истражувачка дејност се применуваат во работата на Академијата, доколку со овој закон поинаку не е определено. Како што е веќе наведено, во член 101 од Законот за насочено образование се определени првостепениот и второстепениот орган кој одлучува по приговор и чија одлука е конечна, а овој член не ги исклучува и евентуалните постапки пред надлежните судови. Оттука Судот смета дека овој навод во иницијативата е неоснован.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Милан Недков д-р Јован Проевски д-р Стојмен Михајловски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.51/00
12 јули 2000 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов
сс/.