76/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 јули 2000 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 40 став 1 точка 3 од Законот за Агенцијата за разузнавање (“Службен весник на РМ” бр.19/95).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива од Стамен Филипов од Скопје со решение У.бр.76/2000 од 24 мај 2000 година поведе постапка за оценување уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение, бидејќи основано се постави прашањето за неговата согласност со член 38 став 2 и член 54 став 1 од Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според член 40 став 1 точка 3 од Законот, директорот на Агенцијата ќе донесе подзаконски пропис за работите и задачите кои е неопходно да се извршуваат во времето на штрајкот.

5. Со членот 38 од Уставот, се гарантира правото на штрајк. Со закон може да се ограничат условите за остварување на правото на штрајк во вооружените сили, полицијата и органите на управата.

Според член 2 од Законот за Агенцијата за разузнавање, Агенцијата е надлежна да собира податоци и информации од значење за безбедноста и одбраната на Република Македонија и стопанските, политичките и други интереси на државата. Агенцијата врши анализи и истражувања на податоците и информациите од став 1 на овој член и задолжително ги известува претседателот на Република Македонија, Владата на Република Македонија и други државни органи за прашања од значење за нивниот делокруг. Акт за начинот на информирањето од став 2 на овој член донесува Владата на Република Македонија, со претходна согласност на претседателот на Република Македонија.

Согласно членот 33 од овој закон, вработените во Агенцијата правото на штрајк можат да го остваруваат под услови битно да не се нарушува редовното извршување на работите и задачите на Агенцијата. Заради спречување на евентуални штетни последици од неизвршување на работите и задачите за време на штрајкот, директорот или од него овластен работник е должен да обезбеди потребно функционирање на организационите единици во процесот на работата. Врз основа на преземените мерки од став 2 на овој член, вработените се должни да постапуваат по соодветните наредби. Доколку вработените не постапат согласно со став 3 на овој член директорот односно овластениот работник е должен да го обезбеди остварувањето на работниот процес со заменување на соодветни работници.

Од изнесеното произлегува дека правото на штрајк е уставно гарантирано право на вработените, организирано да запрат со работата со цел да постигнат остварување на одредени економски или политички права. Меѓутоа, за да се спречи битно нарушување на редовното извршување на работите и задачите, можно е со закон да се ограничат условите за остварување на правото на штрајк во вооружените сили, полицијата и органите на управата.

Оттука, Судот оцени дека оспорената одредба од законот, според која директорот на Агенцијата со подзаконски пропис ќе ги определи работите и задачите кои е неопходно да се извршуваат во времето на штрајкот, не е во согласност со членот 38 од Уставот според кој единствено со закон може да се ограничат условите за остварување на правото на штрајк во вооружените сили, полицијата и органите на управата.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.76/2000
12 јули 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов