58/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и
112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд
на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на
седницата одржана на 12 јули 2000 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за
населбите Буњаковец и Дебар Маало бр.07-254, донесена од Советот на општина
Центар-Скопје на 29 април 1999 година, во делот на согласноста издадена од
Министерството за урбанизам и градежништво со акт бр.10-341 од 18.02.2000
година.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во
“Службен весник на РМ”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по иницијатива поднесена од
Мирослав Грчев, градоначалник на општина Центар, со Решение У.бр.58/2000 од 31
мај 2000 година поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на
Одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави
прашањето за нејзината согласност во оспорениот дел со Уставот и Законот за
просторно и урбанистичко планирање.

4. Судот на седницата утврди дека Министерството за урбанизам и
градежништво со актот означен во точката 1 од оваа одлука, а врз основа на член
22 од Законот за просторно и урбанистичко планирање издало согласност на дел од
Деталниот урбанистички план за населбите Бунаковец и Дебар Маало и тоа:

– За Дебар Маало: – Четврт 1 Блок 1.1 и Блок 1.17 (за парцели 5 и 6); Четврт
3 Блок 3.6 (за парцели 3 и 4); Четврт 4 Блок 4.3 (за парцели 1 и 14) и Блок
4.4; Четврт 6 Блок 6.1, Блок 6.2, Блок 6.5 (за парцели 15 и 16) и Блок 6.6.

– За Буњаковец: Четврт 1 Блок 1.1, Блок 1.2, Блок 1.3 б, Блок 1.4, и
Блок 1.10; Четврт 2 Блок 2.1, Блок 2.2, и Блок 2.3; Четврт 3 Блок 3.3 (за
парцели 1, 3 и 4), и Блок 3.9 (за парцела 7); Четврт 4 Блок 4.1, Блок 4.3 (за
парцела 4), и Бок 4.10; Четврт 6 Блок 6.1; Четврт 7 Блок 7.4 и Блок 7.13.

Од увидот во образложението на согласноста Судот, исто така, утврди
дека овој детален урбанистички план е изработен во две фази и тоа како нацрт на
план и предлог на план, дека по нацртот на планот е извршена стручна ревизија и
стручна консултација, дека е прибавено стручно мислење од главниот градски
архитект на Скопје, дека е спроведена јавна анкета, за која граѓаните биле
известени преку дневниот печат, а е изготвен и извештај од спроведената анкета
по нацртот на планот.

Од образложението на издадената согласност видно е дека за останатиот
дел од планот кој не е вклучен во оваа согласност, според Министерството,
потребно е да се изработи согласно Правилникот за стандарди и норамтиви за
планирање и да се спроведе постапка согласно Законот за просторно и
урбанистичко планирање.

5. Во член 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање,
просторното и урбанистичкото планирање е дефинирано како континуиран процес кој
се обезбедува со изработување, донесување и спроведување на просторни и
урбанистички планови кои меѓусебно се усогласуваат.

Во член 4 од истиот закон предвидено е дека со просторното и
урбнаистичко планирање се обезбедува порамномерен просторен развој, рационално
уредување и користење на просторот, услови за хумано живеење и работење на
граѓаните, како и се предвидуваат мерки за заштита и унапредување на животната
средина и природата, заштита од воени разурнувања, од природни и технолошки
непогоди.

Според член 11 од Законот, деталниот урбанистички план се донесува за
одделни делови на населени места и други подрачја за кои е донесен генерален
урбанистички план и содржи особено: план на градежни парцели и површина за
изградба на објекти определени со регулациони и градежни линии, максимална
висина на објектите и други поблиски услови за градба, план на сообраќајна
мрежа и друго.

Според членовите 17, 18 и 19 од Законот, плановите се изработуваат во
две фази: нацрт на план и предлог на план, при што по нацртот на планот
задолжително се врши стручна ревизија и се организира стручна расправа, а
додека по нацртот на деталниот урбанистички план се спроведува јавна анкета.
Изменувањата и

дополнувањата на урбанистичките планови, согласно член 20 став 1 од Законот се
вршат по иста постапка за нивно донесување.

Во членот 22 став 6 од Законот, утврдено е дека урбанистичките планови
што ги носат општините, градот Скопје и општините од подрачјето на градот
Скопје, а меѓу нив спаѓаат и деталните урбанистички планови, можат да се
спроведуваат по издавање на согланост од Министерството надлежно за работите на
урбнаизмот, а додека според ставот 7 на истиот член, плановите за кои не е
издадена соглансост, се сметаат дека не се донесени.

Од наведените законски одредби произлегува дека просторните и
урбанистичките планови се документи од посебно значење за уредувањето и
користењето на просторот, кои што мораат да ги содржат сите елементи утврдени
во Законот и да се донесат во постапка пропишана со Законот, во која што, исто
така, се врши и нивно изменување и дополнување. Од наведените законски одредби,
а пред се од ставот 7 на член 22 од Законот, исто така, произлегува дека
согласноста што ја издава Министерството за урбанизам претставува составен дел,
односно фаза од постапката за донесување на деталните урбанистички планови, со
оглед дека согласно тој став, за донесени се сметаат само оние урбанистички
планови за кои е издадена согласност, а во спротивно плановите не се сметаат
за донесени, односно планот на кој не е дадена соглансот не може да се
спроведува и да произведува правно дејство. Тоа, со други зборови значи дека во
самиот Закон за просторно и урбанистичко планирање при донесување на
урбанистичките планови е утврдена поделена надлежност меѓу органите на
единциите на локалната управа и Министерството за урбанизам и градежништво,
како еден од органите на извршната власт.

Меѓутоа, од суштината на наведените законски одредби, според мислењето
на Судот произлегува дека Министерството за урбанизам и градежништво може да
издаде или да не издаде согланост за спроведување на целиот план, а не само на
дел од планот, во зависност од тоа дали планот како целина е донесен или не е
донесен согласно одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање и
прописите донесени врз основа на овој закон. Ова особено затоа што и од целата
концепција на системот на просторното и урбанистичко планирање утврдена во
Законот произлегува дека урбанистичкиот план се донесува за планирање на
уредувањето и користењето на определен простор, односно подрачје

опфатено со тој план и во контекст на целината на тој простор се планираат,
заштитуваат и хармонизираат сите параметри, односно елементи што мора да ги
содржи тој план. Оттука неделивоста на просторот и елементите на тој простор во
сите фази на донесување на планот стартуваат, односно почнуваат од границите на
опфатот на просторот што се планира, така што со селективно и арбитрерно
издвојување на одделни објекти и други содржини што биле планирани на тој
простор во фазата на давањето на согласноста на планот, како што е во
конкретниот случај, а и во било која друга фаза, се врши разбивање, односно
цепкање на планот, односно се нарушува целината и хармноизацијата на просторот
опфатен со тој план, што е во спротивност и со целите и функциите за кои се
донесуваат урбанистичките планови.

Со оглед на тоа што во конкретниот случај Министерството за урбанизам
и градежништво издало согласност само на дел од Деталниот урбанистички план за
населбите Буњаковец и Дебар Маало, а од сутшината на член 22, како и на другите
одредби од Законот за просторно и урбанистичко планирање според мислењето на
Судот не произлегува можност за издавање на делумна согласност, односно на
согласност само на дел на детален урбанистички план, а имајќи предвид дека
предмет на оспорување беше само согласноста на планот, како негов составен дел,
а не и планот во целина, Судот оцени дека оспорената одлука односно оспорениот
Детален урбанистички план во делот на согласноста издадена од Министерството за
урбанизам и градежништво не е во согласност со напред наведените одредби од
Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Од причини што со согласноста само на дел на Деталниот урбанистички
план за нас. Буњаковец и Дебар Маало – Скопје истовремено е нарушена целината
на планот и е создадена дисхармонизација во планирањето на просторот опфатен со
овој план, Судот, исто така оцени дека овој план, во оспорениот дел не е во
согласност и со член 8 став 1 алинеја 9 од Уставот, според кој една од
темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е уредувањето
и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина
и на природата, која е операционализрана меѓу другото и со Законот за
просторно и урбанистичко планирање.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа
одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-
р Тодор Џунов и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен
Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф
Талевски

У.бр.58/2000
12 јули 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов