226/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 7 јуни 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 219 став 1 во делот “и прописите донесени врз основа на закон” од Законот за органите на управата (“Службен весник на Република Македонија” бр.40/90, 63/94 и 63/98).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Стамен Филипов од Скопје поведе постапка за оценување уставноста на делот од одредбата од законот означен во точката 1 од оваа одлука, бидејќи основано се постави прашањето за неговата согласност со одредбите на Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според член 219 став 1 од Законот, во рамките на средствата за работа на органот на управата во зависност од видот, обемот и квалитетот на извршените задачи и работи утврдени со програмата за работа на органот на управата и од условите за нивно извршување, работниците во органот на управата стекнуваат лични доходи и средства за заедничка потрошувачка во согласност со закон, колективен договор и прописите донесени врз основа на закон.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото.

Согласно член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Според член 95 став 3 од Уставот, организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Членот 96 од Уставот утврдува дека органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Со Законот за органите на управата, се уредуваат правата, должностите и одговорностите на органите на управата на Република Македонија, како и нивните односи со граѓаните и спрема други органи, организации, заедници, здруженија, претпријатија, установи и други субјекти. Со овој закон се уредуваат и прашањата што се однесуваат на организацијата, видовите и делокругот на органите на управата, нивните меѓусебни односи, средствата за работа на овие органи, како и правата, должностите и одговорностите на работниците во органите на управата.

Согласно член 138 од овој закон, министерот или другиот функционер кој раководи со органот на управата, меѓу другото одлучува во согласност со закон за правата, должностите и одговорностите на работниците во вршењето на службата доколку со закон не е поинаку определено.

Во Законот за органите на управата постои посебна глава ИИ ЛИЧНИ ДОХОДИ И СРЕДСТВА ЗА ЗАЕДНИЧКА ПОТРОШУВАЧКА НА РАБОТНИЦИТЕ, во која е сместен и оспорениот член 219 став 1.

Исто така, платата и надоместоците на плата како и другите примања на вработените во органите на управата се уредени и со Колективниот договор за државните, правосудните и органите на локалната самоуправа на Република Македонија.

Имајќи ја предвид одредбата од член 32 став 5 од Уставот според која остварувањата на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор, произлегува дека оспорениот член 219 став 1 од Законот за органите на управата во делот “и прописите донесени врз основа на закон” не кореспондира со уставната одредба со оглед на тоа што во него платата се одредува со посебен пропис донесен врз основа на закон како што се актите и прописите што ги донесува Владата односно функционерот што раководи со органот на управата во функција на спроведување на законите согласно нивните уставни односно законски овластувања.

Поради тоа Судот оцени дека членот 219 став 1 од Законот во делот “и прописите донесени врз основа на закон” не е во согласност со одредбите на Уставот, поради што одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

6. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски и Бесим Селими.

У.бр.226/99
7 јуни 2000 година
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов