Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 7 јуни 2000 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Одлуката бр.07-799/1 за изменување и дополнување на дел од Деталниот урбанистички план на град Струмица во блок број 20 во делот на планот за улица “Ленинова”, донесена од Советот на општина Струмица на 10 декември 1999 година (“Службен гласник на општина Струмица” бр.6).
2. Вангел Настев и група граѓани од Струмица, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесоа иницијатива за поведувње постапка за оценување на законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение. Во иницијативата се тврди дека на донесувањето на оспорената одлука не и претходела законска постапка за измена на планот односно не била спроведена јавна расправа на подрачјето за кое се однесува измената на Деталниот урбанистички план. Во иницијативата се наведува дека подносителите се сопственици на деловни простории лоцирани на улицата “Ленинова” веќе 24 години и дека од овие деловни простории егзистираат триесетина семејства. Со оспорената одлука, на овој простор се предвидувало изградба на колективен станбено-деловен објект, а за корисницитге на времените објекти што се лоцирани на локацијата за која се врши измена и дополнување на планот се предвидувало да имаат приоритет при исти услови при продажбата на деловниот простор во објектот што ќе се гради.
3. Судот на седницата утврди дека Одлуката е донесена од Советот на општина Струмица врз основа на член 22 став 3 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање и член 42 став 1 точка 5 од Статутот на општина Струмица. Со членот 1 од Одлуката се врши изменување и дополнување на дел од Деталниот урбанистички план на град Струмица – блок број 20 во делот на Планот на улица “Ленинова” на КП број 1316, 1317, 1318, 1319, 1320, 1321, 1322, 1323, 1324, 1325, 1326 и 1327 и се зацртува на градба на колективно станбено-деловен објект. Според членот 2, составен дел на оваа Одлука е елаборатот со технички број 2921 изработен од ДГ “Бетон” РЕ институт за студии и проектирање – Скопје. Според членот 3, корисниците на времените објекти што се лоцирани на локацијата на која се врши горенаведената измена и дополнување, да имаат приоритет при исти услови при продажбата на деловниот простор во објектот што ќе се гради, а според членот 4 оваа Одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен Гласник на општина Струмица”.
4. Согласно член 17 став 3 и член 18 став 1 и 3 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, по нацртот на деталниот урбанистички план и урбанистичка документација за населено место во општина, се спроведува јавна анкета. Јавната анкета се спроведува со излагање на планот на јавно место најмалку 15 дена во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица во конкретното подрачје опфатено со планот, доставуваат писмени забелешки на анкетни листови до организаторот на анкетата. За јавната анкета, Министерството надлежно за работите на урбанизмот, изготвува извештај со образложение за неприфатените забелешки, кој се доставува заедно со предлогот на планот на усвојување.
Од документацијата на Советот на општина Струмица, што ја достави до Судот, евидентно е дека преку ТВ “Интел” на граѓаните им било соопштувано дека се спроведува јавна анкета за измена и дополнување на планот која ќе трае од 17 август до 31 август 1999 година и дека планот ќе биде изложен на увид во зградата на локалната самоуправа – кабинет на главниот архитект на градот.
Според извештајот од јавната анкета, јавната анкета била спроведена од 17 август до 31 август 1999 година, но во текот на одржувањето на јавната анкета не била дадена ниту една забелешка од заинтересираните лица или организации.
Понатаму, согласно член 22 од Законот, оспорената одлука е донесена од надлежен орган – Советот на општината и со издадената согласност од Министерството надлежно за работите на урбанизмот изменетиот и дополнет план може да се спроведува.
Од изнесената правна и фактичка состојба произлегува дека Одлуката за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план на град Струмица – блок 20 во делот на планот на улица “Ленинова” е донесена во постапка предвидена со закон поради што Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Милан Недков, д-р Јован Проевски и Бесим Селими.
У.бр.69/2000
7 јуни 2000 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Тодор Џунов