29/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 17 мај 2000 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Уредбата за начинот на определување на висината на надоместоците за определени материјални трошоци и други примања на работниците во органите на управата, (“Службен весник на Република Македонија” бр.17/92 и 21/96), донесена од Владата на Република Македонија.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавување во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија со решение У.бр.29/2000 од 5 април 2000 година по сопствена иницијатива поведе постпка за оценување уставноста на Уредбата за начинот на определување на висината на надоместоците за определени материјални трошоци и други примања на работниците во органите на управата во целина, затоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека Уредбата е донесена врз основа на член 228 од Законот за органите на управата и дека со неа се уредени прашањата кои се однесуваат на утврдување надоместок за патните, дневните и другите трошоци за службени патувања во Републиката, надоместок на трошоците за одвоен живот од семејството, надоместок за селидбени трошоци, надоместок за трошоци за доаѓање и враќање од работа, надоместок за трошоци за исхрана, надоместок за користење на годишен одмор, надоместок на трошоци за работа на терен и други надоместоци.

Согласно член 32 став 3 од Уставот на Република Македонија секој вработен има право на соодветна заработувачка, а според став 5 на истиот член, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Со Законот за работните односи (“Службен весник на РМ” бр. 81/93, 14/95, 53/97 и 21/98) се уредува остварувањето на правата, обврските и одговорностите на работникот и работодавецот од работен однос, во согласност со условите и критериумите утврдени со закон и колективен договор.

Од наведените одредби произлегува дека прашањата во врска со правата, обврските и одговорностите што произлегуваат од работниот однос се уредуваат со закон и со колективен договор.

Правата кои произлегуваат од работен однос на вработените во органите на управата, а кои се однесуваат на плата и надоместоци на плата и други примања се уредени со Законот за работните односи, Законот за органите на Управата и со Колективниот договор за државните, правосудните и органите на локалната самоуправа на Република Македонија.

Со оглед на тоа што во конкретниот случај со Уредбата се уредуваат прашања за правата на вработените кои исклучиво се уредуваат со закон и колективен договор Судот оцени дека таа не е во согласност со Уставот.

Со оглед на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.29/2000
17 мај 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
Д-р Милан Недков