Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 19 април 2000 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВА Одлуката за донесување Урбанистичка документација за с.Враништа – населено место на општина Струга во делот на зонирањето на атарот на село Враништа североисточно од регионалниот пат П-418 за бензиската пумпа, дрвна индустрија и мало стопанство, донесена од Советот на општина Струга на 14 јули 1999 година.
2. СЕ СТАВА ВОН СИЛА Решението за запирање од извршување на поединечните акти или дејствија што се донесени, односно преземени врз основа на одлуката означена во точката 1 на оваа одлука.
3. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
4. Уставниот суд на Република Македонија, по поднесена иницијатива од заменикот јавен правобранител на Република Македонија за подрачје Струга, по барање на Месната заедница на село Враништа и петиција потпишана од 50 граѓани на село Враништа, поведе постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 на ова решение, затоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со член 12 став 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.
5. Судот на седницата утврди дека членот 1 од Одлуката предвидува донесување на урбанистичка документација за село Враништа – населено место на општина Струга.
Согласно членот 2 од Одлуката, урбанистичката документација содржи: текстуален дел (книга), графички дел и образложение за стручната расправа и јавната анкета.
Според членот 3 од Одлуката образложението за стручната расправа и јавната анкета, изготвена од општинската служба надлежна за работите на урбанизмот е составен дел на одлуката.
Членот 4 од Одлуката предвидува урбанистичката документација да ја спроведува Министерството за урбанизам и градежништво П.Е. – Струга по добивањето согласност за спроведување на Планот од Минситерството за урбанизам и градежништво – Скопје.
Согласно членот 5 од Одлуката урбанистичката документација се заверува со печат на Советот на општина Струга и потпис на претседавачот на советот на општина Струга.
Членот 6 од Одлуката предвидува истата да влезе во сила со денот на објавувањето во “Службен гласник на општина Струга”.
6. Градоначалникот на општина Струга, во одговорот на наводите во иницијативата наведе дека во почетокот на 1999 година, општината Струга повела постапка за донесување Урбанистичка документација за село Враништа – општина Струга. За таа цел, поконкретно за утврдување Нацрт урбанистичка документација, од ЈП за просторни и урбанистички планови Скопје – Подружница Охрид побарала да изготви Нацрт урбанситичка документација, графички приказ со зонирање на сите градби во рамките на атарот на с.Враништа и легенда со шематски објаснувања.
Ова јавно претпријатие после изведбата на нарачаниот Нацрт, комплетната урбанистичка документација ја доставило до општината Струга, со карактеристика на спорниот дел од атарот на с.Враништа – североисточно од регионалниот пат П-418, наменето за земјоделска обработка, т.е. лозја, ливади и пасишта.
После приемот на нацрт графичкиот дел согласно член 17 став 3 и член 18 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, општината Струга спровела јавна анкета за утврдување Предлог урбанистичка документација за с.Враништа.
Во таа смисла Нацрт урбанистичката документација била јавно изложена во зградата на општина Струга и во просториите на Месната заедница с.Враништа. Иницирањето на постапката било публикувано преку локалните радио станици при што биле повикани сите заинтересирани лица, во рок од 15 дена, своите забелешки писмено да ги достават на посебни анкетни листови.
Во оставениот рок со уредно пополнета забелешка на анкетен лист се јавил единствено Претседателот на Месната заедница од с.Враништа со барање за отварање пристапи до објекти и сервисни улици. Останатите граѓани имале само усмени интересирања за кои, соодветни одговори им давала Стручната комисија оформена од главниот архитект во деновите вторник и петок.
После завршувањето на “анкетниот рок” општината Струга спровела стручна консултација по Нацрт Урбанистичката документација со учество на стручни лица и тоа:
– Началникот на Министерството за урбанизам ПЕ Струга;
– Главниот Архитект на град Струга;
– Директорот на ЈП за просторни и урбанистички планови во својство на изготвувач на документацијата;
– Претставник на “Телеком” – Струга;
– Началникот на Министерство за земјоделство шумарство и водостопанство ПЕ Струга;
– Заменик командирот на Сектор за сообраќај при ОВР Струга и
– Директорот на Фондот за локални патишта и улици.
Присутните лица на стручната консултација ставиле свои забелешки кои биле прифатени како корекции на Урбанистичката документација на с.Враништа. Во таа смисла изготвувачот на Нацрт урбанистичката документација предвидел изградба на трафостаница од 11= КВ, за потребите на “Телеком” – Струга предвидел локација за објект со ѕведеста форма непосредно до регионалниот пат, а вклопен бил и регионалниот водоснабдителен систем на “Проаква” – Струга.
Нацрт Урбанистичката документација со овие корекции била оформена како Предлог Урбанистичка документација за с.Враништа и како таква била доставена на донесување на Советот на Општина Струга.
Ниту во стручната консултација, ниту на седница на Советот на Општина Струга не било расправано и одлучувано за сервисна зона и бензиска пумпа кои би биле зонирани северо-источо од регионалниот пат П-418.
Со други зборови, Советот на Општина Струга на седницата која и претходела на нападнатата Одлука расправал и одлучувал по Урбанистичката документација која во атарот на с.Враништа, северо-источно од регионалниот пат Струга – Дебар со ознака П-418 била зонирана како лозја, ливади и пасишта.
Тоа од причини што не постои анкетен лист со забелешки за таква урбанистичка предвиденост (индустриска зона и бензиска пумпа), на стручна консултација ниту еден субјект не побарал во тој дел опфат на индустриска зона и бензинска пумпа, а воедно и изготвувачот на Нацртот кој бил во законска процедура не зонирал такви објекти. Подоцна после спроведување на постапка за донесување на урбанистичка документација, без знаење или согласност на Советот на Општина Стуга, без почитување на постапката за донесување на Урбанистички планови предвидени во чл.17 ст.3 и чл.18 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, непознат субјект своеволно извршил измена на графичкиот дел на оспорената Урбанистичка документација. Така графичкиот дел составен дел на оспорената одлука на советот на Општина Струга бр.07-382/7 од 14.07.1999 год. во делот северо-источно од регионалниот пат П-418 (индустриска зона и бензнска пумпа) суштински се разликува со зонирањето на просторот, усвоено на Седница на Советот на Општина струга (лозје, ливада и пасишта).
7. Врз основа на изнесеното, Судот ја утврди следнава фактичка состојба:
Во февруари 1999 година, Јавното претпријатие за просторни и урбанистички планови Скопје-Подружница Охрид, изготвило нацрт-Урбанистичка документација за с.Враништа, населено место – Струга;
– На 23 март 1999 година градоначалникот на општина Струга, преку средствата за јавно информирање, објавил соопштение за спроведување јавна анкета за утврдување нацрт-урбанистичка документација за с.Враништа – населено место во општина Струга;
– Јавната анкета траела од 24 март до 7 април 1999 година, односно Нацрт-урбанситичката документација за с.Враништа била 15 дена истакната на видно место во селото и во зградата на локалната самоуправа на оштина Струга;
– Заинтересирантие граѓани и правни лица, додека траела јавната анкета, преку анкетни листови, доставувале забелешки до организаторот на анкетата;
– Изработувачот на Нацрт-урбанистичката документација за с.Враништа обезбедил присуство на стручни лица кои, во тој период од 15 дена, секој петок од 18,00 до 19,00 часот давале стручни појаснувања;
– Во Нацрт-урбанистичката докуметација која била предмет на јавната расправа и по која граѓаните пополнувале анкетни листови не била вцртана ниту бензинската пумпа, ниту објекти на дрвна индустрија и мало стопанство;
– По завршувањето на јавната анкета, стручната комисија која била формирана со задача да ги согледа забелешките, изготвила Извештај од јавната анкета од кој се гледа дека сите забелешки од граѓаните на с.Враништа биле усвоени, со исклучок на забелешката на претседателот на месната заедница која се однесувала на отворање сервисни улици и пристапи до поедини објекти, при што било заклучено истите да се решат со Деталниот урбанистички план;
– На 26 мај 1999 година, според Извешатајот, Нацрт-урбанистичката документација е доставена на усвојување на првата седнциа на Советот на општина Струга;
– на 14 јули 1999 година, градоначалникот на општина Струга со Известување за постапување по Извештајот од спроведената стручна расправа по Нацрт-урбанистичката документација, констатирал дека со сите овие извршени корекции нацрт-урбанистичката документација, станува Предлог урбанистика документација и оди на усвојување пред Советот на општина Струга;
– На 14 јули 1999 година Советот на општина Струга ја донел оспорената Одлука за донесување Урбанистичка документација под бр.07-382/7 и
– На 6 септември 1999 година, Министерството за урбанизам и градежништво – Сектор за планирање на просторот, дало Согласност за спроведување на Урбанистичката документација за населеното место Враништа, општина Струга.
Со тоа дефинитивно завршила постапката во врска со донесувањето и спроведувањето на урбанистичката документација во село Враништа – населено место Струга.
Меѓутоа, од увидот во истата, Судот утврди дека во конечното урбанистичко решение во северо-источниот дел од атарот на КО Враништа, северо-источно од регионалниот пат П-418 е вцртана бензиска пумпа, дрвна индустрија и мало стопанство кои, како такви не постоеле во нацрт документацијата и по кои не е расправано.
8. Согласно член 7 став 1 точка 2 алинеја 3 од Законот за просторно и урбанистичко планирање во зависност од просторот, кој е предмет на планирање, како еден вид урбанситички план, се донесува урбанистичка документација за населено место во општината.
Согласно член 12 од Законот, урбанистичката документација се донесува за населено место во општината кое е од селски карактер.
Согласно член 17 став 3 од Законот по нацртот на урбанистичкиот план и урбанистичката документација за населено место во општина, се спроведува јавна анкета.
Членот 17 став 5 од Законот предвидува стручната расправа и јавната анкета по урбанистичката документација за населено место во општина да ги организира општината, односно Градот Скопје.
Согласно член 18 став 4 од Законот извештај за стручната расправа и јавната анекта по урбанистичката документација, со образложение за неприфатените забелешки (кое е составен дел на документацијата на планот), изработува општината, односно градот Скопје.
Согласно член 22 став 5 од Законот општината, меѓу другото, донесува урбанистичка документација за населено место за подрачјето на општината, а согласно ставот 6 на овој член од Законот урбанистичката документација може да се спроведува по издавање на согласност од Министерството надлежно за работите на урбанизмот.
Урбанистичката документација, за која не е издадена ваква согласност, согласно став 6 на овој член од Законот, се смета дека не е донесена.
Согласно член 23 став 1 од Законот со овој вид согласност се потврдува дека планот е донесен согласно со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.
Оваа согласност, согласно став 2 на истиов член од Законот, се издава во рок од 30 дена од поднесувањето на барањето од страна на доносителот на планот, а доколку не се издаде во овој рок, ќе се смета дека истата е издадена.
Од наведените законски одредби произлегува дека Урбанистичка документција претставува еден вид урбанистички план кој се донесува за населено место во општината. (Во случајов за с.Враништа – населено место во општина Струга); дека јавната анкета по нацрт-урбанистичката документација ја организира општината, која потоа подготвува Извештај со образложение за неприфатените забелешки и дека согласноста за спроведувањето на урбанистичката документација, издадена од Министерството за урбанизам е задолжителен услов.
Од изнесеното произлегува дека завршно со јавната анкета постапката при донесувањето на урбанистичката документација се одвивала согласно Законот за просторното и урбанситичкото планирање.
Меѓутоа, Судот утврди дека со вцртувањето на бензиската пумпа и погонот за производство на бетонски елементи во конечниот графички дел на урбанистичката документација, всушност е извршена измена на урбанистичкиот план (во случајов урбанистичка документација), независно дали оваа измена ќе се оквалификува како измена од помал или поголем обем, затоа што Законот го познава само квалификативот измена на урбанистичкиот план која се врши по истата постапка пропишана за неговото донесување.
Според Судот, во случајов тоа значи дека на јавната анкета требало да се информираат граѓаните за ваквата измена на планот односно урбанистичката документација, која требала да биде вцртана и во нацрт-урбанистичката документација за село Враништа а која била изложена без овие содржини.
Имено, ако се има предвид дека урбанистичката документација содржи особено: намена на површините со граници на опфатот, основна сообраќајна мрежа и друга инфраструктура, услови и режим за градба (член 12 став 2 од Законот), при спроведувањето на јавната анкета, организаторот на истата бил должен да ги запознае присутните граѓани за внесување во нацрт-документацијата на новите содржини (бензинска пумпа и погон за произведување на бетонски елементи) и по истите граѓаните од с.Враништа требало да се произнесат.
Со оглед на тоа што во случајов граѓаните што учествувале во јавната анкета по нацрт-документацијата не биле запознаени со овие содржини (бензинска пумпа и погон за произведување на бетонски елементи) и по истите не се произнеле, Судот утврди дека оспорената одлука во делот што се однесува на зонирањето на атарот во с. Враништа, односно во северо-источниот дел означени како бензинска пумпа, дрвна индустрија и мало стопанство е несогласна со Законот за просторно и урбанистичко планирање.
9. Судот го укина Решението за запирање од извршувањето на поединечните акти или дејствија донесени, односно преземени врз основа на Одлуката како беспредметно.
10. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од оваа одлука.
11. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.211/99
19 април 2000 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков