3/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 април 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на член 11 став 1 од Одлуката за утврдување надоместок за употреба на градежното земјиште на општина Битола, донесена од Советот на општина Битола на 2 јули 1998 година.

2. Миле Димитровски од Битола, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за оценување законитоста на членот 11 став 1 од одлуката означена во точката 1 на ова решение, затоа што ги задолжувала корисниците на градежно земјиште да плаќаат надоместок за истото, што не било согласно со Законот за градежно земјиште.

3. Судот на седницата утврди дека според ставот 1 на член 11 од Одлуката основицата за пресметување на надоместокот за секој обврзник, со решение, ја утврдува градоначалникот на општина Битола, врз основа на површината (посебно за градежното земјиште и посебно за изграден простор (станбен и деловен), како и врз основа на локацијата.

Инаку, во останатиот дел од Одлуката се содржани одредби со кои се утврдува обврска за плаќање надоместок за употреба на градежното земјиште во општина Битола и се утврдуваат висината, роковите на плаќање и начинот на пресметување на надоместокот; се дефинира што се смета за градежно земјиште, во смисла што како такво го определува изграденото и неизграденото земјиште што се наоѓа во градежниот реон на град Битола; се определува намената на средствата од овој надоместок (финансирање на изградбата на комунални објекти и

инсталации: улици и други јавни површини, јавно осветлување, изградба и реконструкција на фекална и атмосферска канализација, водоводна мрежа и други придружни објекти, како и за уредување на градежното земјиште); се определуваат обврзниците на овој надоместок (непосредниот корисник: носител на правото на користење на недвижноста, сопственикот на недвижноста, закупецот на недвижноста и сл.); се определуваат носителите на правото на користење на градежното земјиште, односно згради, во смисла што како такви се предвидуваат: земјишта и згради кои служат: за воени цели, за потребите на странски дипломатски и конзуларни претставништва, згради и простории што им служат на верските заедници и сл.; се определува начинот на пресметување и плаќање на надоместокот (по м2 површина посебно за градежно земјиште и посебно за изграден корисен простор); се определуваат станбените зони (прва, втора и трета) и деловните зони (прва, втора и трета); се определува основицата за пресметување на надоместокот за секој обврзник (тоа е оспорениот член 11 став 1 од Одлуката); се задолжува секој обврзник да овозможи непречена контрола заради утврдување на околностите за правилно одредување на основицата; се определува начинот на кој се врши евиденцијата и пресметувањето на овој надоместок и на крај, се предвидува Одлуката да влезе во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен гласник на општина Битола”.

4. Согласно член 44 од Законот за градежно земјиште (“Службен весник на СРМ” бр.10/79, 18/79 и 21/91) Собранието на општината може да утврди надоместок за употреба на градежното земјиште според обемот и степенот на опременоста со комунални објекти и инсталации.

Ставот 2 на овој член од Законот предвидува со одлуката на општината да се уредува висината, роковите на плаќањето и начинот на пресметувањето на надоместокот.

Во ставот 3 на овој член од Законот е предвидено дека надоместокот за користењето на градежното земјиште го плаќа непосредниот корисник на таквото земјиште.

Како непосреден корисник, според ставот 4 од Законот, се смета носителот на правото на користење на недвижностите и нивниот сопственик.

Согласно член 17 став 1, точките 4, 5 и 27 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.52/95) единиците на локалната самоуправа самостојно: ги вршат работите на уредување и употреба на градежното земјиште во согласност со закон; утврдуваат зони и собираат земјишна такса во согласност со закон и вршат одделни овластувања врз добрата од општа употреба и врз природните богатства на своето подрачје во согласност со закон.

Од изнесените законски одредби произлегува дека: Законот ја овластува единицата на локалната самоуправа да утврди надоместок за употреба на градежното земјиште и дека критериуми според кои се утврдува овој вид надоместок се обемот и степенот на опременоста на градежното земјиште со комунални објекти и инсталации; единицата на локалната самоуправа со одлука ја определува висината, роковите на плаќањето и начинот на пресметувањето на овој вид надоместок; дека надоместокот го плаќа непосредниот корисник на соодветното земјиште и дека како непосреден корисник се смета носителот на правото на користење на недвижноста и сопственикот.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека Советот на општина Битола при донесувањето на оспорената одлука се движел во рамките на законските овластувања, поради што не може да се постави прашањето за нејзината законитост во целост.

Што се однесува посебно до оспорениот член 11 став 1од Одлуката, Судот оцени дека тој ја регулира техниката на пресметување на надоместокот за секој обврзник врз основа на површината (посебно за градежното земјиште и посебно за изграден простор – станбен и деловен), како и врз основа на локацијата, па во контекст на Одлуката во целина, смета дека не може да се постави прашањето за неговта уставност и законитост.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека е согласно со Уставот и со Законот за градежното земјиште, граѓаните да плаќаат надомест за користење на градежно земјиште и дека не може да се постави прашањето за уставноста и законитоста како на целата одлука, така и на оспорениот став 1 на член 11 кој, впрочем, ја регулира техниката на наплатувањето на овој вид надоместок.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.3/2000
12 април 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков