181/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 12 април 2000 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за колективен потписник на жиро сметка на Буџет на Општина Старо Нагоричане бр.07-270/2 од 15.05.1998 година, донесена од Советот на Општина Старо Нагоричане.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во ” Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, со решение У.бр.181/99 од 29 декември 1999 година, по повод поднесената иницијатива на Милован Трајковиќ, Градоначалник на Општина Старо Нагоричане, поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од оваа Одлука, затоа што се постави прашањето за најзината согласност со член 52 став 1 од Уставот на Република Македонија, според кој законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила, односно со член 43 став 1 точка 3 и 4 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.52/95), според кој Градоначалникот се грижи и го обезбедува извршувањето на одлуките на Советот и се грижи за извршување на работите што со закон и се доверени на единицата на локалната самоуправа.

4. Судот на седницата утврди дека со член 1 од Одлуката поименично се утврдуваат три физички лица, (од кои едниот е Градоначалникот, а другиот претседавач на Советот на Општина Старо Нагоричане) како колективни потписници на жиро сметката на Буџетот на Општината.

Согласно член 2 од одлуката, потпишувањето на жиро сметката е колективно и тоа по двајца потписници истовремено од именуваните тројца потписници.

Според член 3 од одлуката, истата стапува во сила со денот на нејзиното донесување и се спроведува пред надлежните органи.

5. Согласно член 29 став 1 точка 6 од Законот за локалната самоуправа, Советот на Општината основа јавни служби, јавни установи и јавни претпријатија во согласност со закон и врши контрола над нивната работа.

Согласно точката 4 од истиот член, Советот донесува одлуки со кои ги уредува и остварува надлежностите на единиците на локалната самоуправа.

Оттука, неспорно е правото на Советот на општината да донесе одлука која е во функција на ефектуирање на буџетот како општ акт на Општината со кој се утврдуваат вкупните приходи и расходи во текот на годината.

Меѓутоа, со одлуката се предвидува колективно потпишување на жиро сметката на буџетот на општината од три физички лица, при што потпишувањето задолжително мора да биде од најмалку двајца потписници истовремено. Иако еден од потписниците е Градоначалникот на Општината, сепак постои можност жиро сметката на буџетот да биде потпишана (и како таква полноважна) од преостанатите двајца, со што се врши одземање, односно ограничување на извршната власт на Градоначалникот.

Ваквото решение, според мислењето на Судот, не е во согласност со член 43 став 1 точка 3 од Законот за локалната самоуправа, според кој Градоначалникот се грижи и го обезбедува извршувањето на одлуките на Советот на Општината.

Согласно член 52 став 1 од Уставот на Република Македонија, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.

Во член 3 од одлуката е предвидено истата да стапи во сила со денот на нејзиното донесување. Тоа значи дека истата влегува во сила со нејзиното донесување, а не со или по нејзиното објавување, што не е во согласност со горе цитираниот член од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа Одлука.

7. Оваа Одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.181/99
12 април 2000 год.
С к о п ј е
бј/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков