29/2000-1-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 5 април 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на Уредбата за начинот на определување на висината на надоместоците за определени материјални трошоци и други примања на работниците во органите на управата, (“Службен весник на Република Македонија” бр.17/92 и 21/96), донесена од Владата на Република Македонија.

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на член 56 став 4 точка 3 од Општиот колективен договор за јавните служби, јавните претпријатија, државните органи и органите на локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.39/94, 30/96 и 11/98).

3. Фатмир Скендеровски и Ваит Пајковски од Дебар на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на член 21 од актот означен во точката 1 од ова решение и член 56 став 4 точка 3 од актот означен во точката 2 од ова решение, затоа што тие биле спротивни на член 8 од Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2000 година, поради тоа што со нив било предвидено на работникот да му се исплатува надоместок за патни трошоци во висина на стварно направениот износ а во законот бил утврден износ до 900,00 денари. Имено во зависност од оддалеченоста на местото на живеење од работното место стварниот трошок на работникот бил поголем од 900,00 денари. При проучување на предметот Судот по сопствена иницијатива одлучи да поведе постпка за оценување уставноста на Уредбата за начинот на определување на висината на надоместоците за определени материјални трошоци и други примања на работниците во органите на управата во целина.

4. Судот на седницата утврди дека Уредбата е донесена врз основа на член 228 од Законот за органите на управата и дека со неа се уредени прашањата кои се однесуваат на утврдување надоместок за патните, дневните и другите трошоци за службени патувања во Републиката, надоместок на трошоците за одвоен живот од семејството, надоместок за селидбени трошоци, надоместок за трошоци за доаѓање и враќање од работа, надоместок за трошоци за исхрана, надоместок за користење на годишен одмор, надоместок на трошоци за работа на терен и други надоместоци.

Согласно член 32 став 3 од Уставот на Република Македонија секој вработен има право на соодветна заработувачка, а според став 5 на истиот член, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Со Законот за работните односи (“Службен весник на РМ” бр. 81/93, 14/95, 53/97 и 21/98) се уредува остварувањето на правата, обврските и одговорностите на работникот и работодавецот од работен однос, во согласност со условите и критериумите утврдени со закон и колективен договор.

Од наведените одредби произлегува дека прашањата во врска со правата, обврските и одговорностите што произлегуваат од работниот однос се уредуваат со закон и со колективен договор.

Правата кои произлегуваат од работен однос на вработените во органите на управата, а кои се однесуваат на плата и надоместоци на плата и други примања се уредени со Законот за работните односи, Законот за органите на Управата и со Колективниот договор за државните, правосудните и органите на локалната самоуправа на Република Македонија.

Со оглед на тоа што во конкретниот случај со Уредбата се уредуваат прашања за правата на вработените кои исклучиво се уредуваат со закон и колективен договор Судот смета дека основано се поставува прашањето за нејзината согласност со Уставот.

5. Судот исто така утврди дека во член 56 став 4 точка 3 од општиот колективен договор е утврдено дека, покрај другите примања на работникот му се исплатува надоместок за трошоци за превоз во локалниот јавен сообраќај до и од работа над 2 км само во случај кога нема организирано превоз.

6. Според член 32 став 5 од Уставот остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Според член 8 од Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2000 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.86/99) ” надоместокот за превоз до и од работно место по претходно дадено писмена изјава се исплатува само за вработените чие место на живеење е оддалечено над 2,5 км. од работното место, но не повеќе од 900,00 денари. На вработените кои користат службени возила до и од работното место не им следува надоместок за превоз.

Предвидувањето на определени односи со колективен договор како и обемот на правата зависи од вољата на учесниците во колективното договарање, при што колективниот договор не може да пропише помали права, ниту пак, да ги менува односите утврдени со закон, но може да разработува односи точно определени со закон како и да уредува права што воопшто не се предмет на законско регулирање.

Според тоа поаѓајќи од фактот што со колективниот договор регулирањето на определени односи зависи од вољата на учесниците во договарањето за еден подолг временски период при што со колективниот договор може да се предвидат и поголеми права од оние утврдени со закон, Судот смета дека оспорената одредба со која е предвидено дека надоместок за превоз до и од работа се исплаува во висина на стварните трошоци и за оддалеченост од над 2 км. иако отстапува од законското решение може да опстојува доколку се создадат материјални можности за исплата. Ова од таму што законско ограничување на износот на трошоците за превоз во висина од 900,00 денари и над 2,5 км. има свој основ во материјалните можности на државата. Фактот што во овој период не може да дојде до примена на одредбата од колективниот договор која е поповолна за работнико истата не ја прави несогласна со законот.

Со оглед на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.29/2000
5 април 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков