Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29 март 2000 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на Уверението за избор на член на Советот на Општината Јегуновце, бр.48/99 издадено од Изборната комисија на Општината Јегуновце на 9 септември 1999 година.
2. Славчо Јовановски од с. Прељубиште-Јегуновце, со група од шест граѓани од Општина Јегуновце, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на Уверението означено во точката 1 од ова решение, затоа што поради неправилна примена на одделни одредби од Законот за локалната самоуправа и Законот за локалните избори, Изборната комисија на Општината Јегуновце издала Уверение на Кирил Јованов за член на Советот на Општината, што не било во согласност со Уставот.
3. Судот на седницата утврди дека со Уверението издадено од Изборната комисија на Општината Јегуновце под бр.48/99 од 9 септември 1999 година, се констатира дека Кирил Јованов е избран за член на Советот на Општината Јегуновце и дека изборот е конечен на ден 9.09.1999 година.
4. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на колективните договори и другите пропии со Уставот и законите.
Согласно член 28 алинеја 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.
Тргнувајќи од содржината на наведените одредби, а имајќи ја предвид содржината на оспореното Уверение, Судот оцени дека Уверението не претставува пропис и затоа не подлежи на
уставно-судско оценување, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
Во однос на наводите во иницијативата за неправилна примена на законските одредби, Судот, исто така, не е надлежен да одлучува.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.40/2000
29 март 2000 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков