Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 алинеја 3, а во врска со член 68 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 22 март 2000 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
1. СЕ ОТФРЛА барањето на Јошевски Иван од Прилеп за заштита на станарското право стекнато согласно Законот за станбени односи на стан доделен по основ на работен однос.
2. Јошевски Иван од Прилеп на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на станарското право на станот што го добил по основ на работен однос, при тоа наведувајќи ги податоците во однос на тоа кога и од кого го добил станот и дека од 1986 година па наваму немал платено кирија, односно закупнина, поради што против него била поднесена и тужба со која, освен закупнината, било барано да плати и затезна камата што според него е во спротивност со член 61 од Законот за станбени односи од 1973 година.
Во контекст на ова барање, подносителот бара Судот да му одговори односно да даде свое мислење и по неколку прашања што ги поставува во врска со становите што работниците ги добивале од работните организации во кои биле вработени и по тогашните прописи стекнале станарско право.
3. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот, за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите и ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.
Со оглед на тоа што од содржината на иницијативата произлегува дека суштината на барањето на подносителот се однесува на заштита на станарското право на станот што го добил по основ на работен однос, а непосреден мотив и причини за поднесување на ова барање е тоа што подносителот немал можност овој стан да го откупи согласно Законот за продажба на становите во општествена сопственост (“Службен весник на РМ” бр.36/90, 24/92, 43/92 и 92/92), ниту да плаќа станарина (кирија), односно закупнина, па во таа смисла истовремено бара Уставниот суд да му одговори и на прашањата што ги поставува во иницијативата, Уставниот суд не е надлежен да одлучува по оваа иницијатива (барање) затоа што станарското право не само што не спаѓа во кругот на правата и слободите за чија заштита, согласно цитираната уставна одредба, е надлежен Уставниот суд на Република Македонија, но ова право повеќе не егзистира ниту во правниот поредок на Република Македонија, бидејќи Законот за станбените односи, на кој се повикува подносителот, а со кој беше утврдено и станарското право како основ за користење на стан, престана да важи со влегувањето во сила на Законот за домување (“Службен весник на РМ” бр.21/98). Со овој закон, меѓудругото, на соодветен начин е уреден и режимот на користење на становите, чии носители на станарското право не успеале да ги откупат овие станови.
Имено, во член 5 од Законот за домување утврдено е дека единствени основи врз кои може да се користи станбена зграда или стан се правото на сопственост и право на закуп на стан, а согласно член 10 став 2 од истиот закон, правата и обврските на закуподавачот и закупецот се уредуваат со договор на закуп. Во членовите 55 и 56 од Законот, пак, кои по својот карактер се преодни решенија, утврдено е дека решенијата за доделување на станови издадени до влегувањето во сила на овој закон ќе се усогласат со одредбите на овој закон во рок од шест месеци од денот на влегување во сила на овој закон, а договорите за користење на стан склучени на неопределено време до влегување во сила на овој закон престануваат да важат во рок од една година од влегувањето во сила на овој закон. Тоа значи дека, согласно овие одредби од Законот за домување, стекнатото станарско право на користење на стан во општествена сопственост согласно Законот за станбени односи во рок од шест месеци од влегувањето во сила на овој закон задолжително се трансформира во закупнички однос, а на односите меѓу закуподавачот и закупецот што произлегуваат од таквиот однос според член 9 од истиот закон се применуваат одредбите од Законот за облигационите односи и овој закон. Тоа, од друга страна, значи, дека за сите спорови што настануваат во врска со користењето на становите под закуп, меѓу кои и за плаќањето на закупнината, како што е во конкретниот случај, се надлежни да одлучуваат другите судови, а не Уставниот суд на Република Македонија.
4. Во однос на барањето Уставниот суд да даде свое мислење односно одговор и на прашањата поставени од страна на подносителот, а во врска со главното барање за заштита на станарското право, Судот, исто така, утврди дека, согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, не е надлежен да одлучува за такви прашања.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.234/1999
23 март 2000 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Милан Недков