227/1999-1-0

Вовед

Врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 71 и 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 8 март 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на Правилата за продажба на акциите односно уделите кои во постапката за трансформација на претпријатијата со општествен капитал се издадени на Агенцијата на Република Македонија за приватизација, донесен од Управниот одбор на Агенцијата на 9 јули 1999 година.

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста и законитоста на:

– Решението бр.09-2100/3 од 6 мај 1999 година, донесено од директорот на Агенцијата на Република Македонија за трансформација на претпријатијата со општествен капитал и

– Јавниот повик за продажба на удели на одредени претпријатија, објавен во весникот “Нова Македонија” од 29 септември 1999 година.

3. Вера Станоевска од Крива Паланка и Снежана Стојменовска од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на актите означени во точките 1 и 2 од ова решение затоа што оспореното решение не било во согласност со одредбите на Правилникот за начинот и постапката за продажба на акции и удели со кои располага Агенцијата на Република Македонија за приватизација, според кој не е забрането плаќање со дисконт.

Објавениот јавен повик е спротивен на точките 1г, 1д и 1ѓ од одредбите на Правилникот за измени и дополнување на Правилникот за начинот и постапката за продажба на акции и удели со кои располага Агенцијата.

Во објавениот јавен повик од страна на Агенцијата се додадени дополнителни правила кои не се предвидени во Правилникот, на пр. ознака “не отварај” начин на плаќање како и тоа дека во точкаа 1г од Правилникот е предвидено дека понудите се примаат најдоцна во рок од седум дена од денот на објавувањето, а во јавниот повик стои рок од осум дена.

Во уводниот дел од јавниот повик Агенцијата се повикува на Правила за продажба на акции и удели бр.02-5189 од 22 септември 1999 година, а јавниот повик е објавен на 29.09.1999 година. Според тоа подносителот смета дека ако се работи за нови правила истите треба да бидат објавени и по нивното објавување да стапат во сила.

Истовремено подносителот бара Судот да донесе времена мерка.

4. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 95 став 1 од Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал, Управниот одбор на Агенцијата на РМ на 9 јули 1999 година ги донело Правилата за продажба на акциите односно уделите кои во постапката за трансформација на претпријатијата со општествен капитал се издадени на Агенцијата на РМ за приватизација.

Со овие правила се пропишуваат начинот и постапката за продажба на акциите и уделите. Имено со ова правило во член 2 е предвидено кој ја донесува одлуката за продажба.

Во член 2 е предвидено што содржи одлуката за продажба на акциите и уделите.

Во членовите 4, 5, 6, 7, 8, 9 и 10 е регулирано прашањето за начинот на продажба на акциите.

Во членот 11 е регулирано прашањето на продажба на удели и тоа со непосредна спогодба и со објавување на јавен повик за прибирање на понуда.

Во членовите 12, 13, 14 и 15 е регулирано прашањето за тоа што содржи јавниот повик, како се доставуваат понудите и ознаките што треба да ги содржат, што треба да содржи понудата за изразување интерес за купување на удели и рокот во кој се примаат понудите (8 дена) од денот на објавувањето и кој ги разгледува понудите.

Во преодните и завршни одредби не е предвидено дека овие правила ќе се објават (ниту се објавени).

Според член 95 од Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал (“Службен весник на РМ” бр.38/93, 48/93, 21/98, 25/99, 39/99 и 81/99) акциите и уделите што и ги издало друштвото настанато со трансформација, Агенцијата ги става на продажба под услови утврдени со овој закон.

Продажбата на акциите и уделите се објавува во еден од дневните весници што излегуваат во Република Македонија, во весниците на јазиците на националностите и во “Службен весник на РМ”.

До организирање на пазар за продажба на акции, Агенцијата со правилник ги уредува начинот и постапката за продажба на акциите со кои располага согласно со овој закон.

Според член 96, одредбите од овој закон кои се применуваат на акциите во акционерското друштво, соодветно се применуваат и за уделите во друштвата со ограничена одговорност.

Врз основа на наведените одредби управниот одбор на Агенцијата за трансформација на претпријатијата со општествен капитал на 8 декември 1994 година донел Правилник за начинот и постапката за продажба на акции и удели со кои располага Агенцијата на РМ за трансформација на претпријатијата со општествен капитал (“Службен весник на РМ” бр.67/94), а на 15.11.1995 година е донесен Правилник за измена и дополнување на горенаведениот правилник (“Службен весник на РМ” бр.58/95), со кој се уредува начинот и постапката за продажба на акции и удели со кои располага Агенцијата за приватизација. Имено, покрај другото со правилникот и со неговите измени се предвидени елементите што треба да ги содржи понудата за купување на удели и рокот во кој се поднесуваат понудите до Агенцијата.

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал (“Службен весник на РМ” бр.25/99) членот 95 став 1 се менува и гласи “Акциите и уделите издадени на Агенцијата согласно со одредбите на овој закон, Агенцијата ги става на продажба.

Ставот 3 се брише.

Од изнесеното произлегува дека според Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал Агенцијата со законот била должна да донесе Правилник со кој ќе го уреди начинот и постапката за продажба на акции и удели.

Со измените на законот Агенцијата не е овластена да донесува правилник за начинот и постапката за продажба на акции и удели, туку тие ги става на продажба согласно одредбите од Законот.

Со оглед на тоа што со донесување на оспорените правила Агенцијата го уредила начинот и постапката за продажба на акциите и уделите со кои располага согласно законот, и ако такво овластување не е содржано во законот, основано се поставува прашањето дали на тој начин таа не ги пречекорила законските овластуваања.

5. Судот исто така утврди дека на 6 мај 1999 година Директорот на Агенцијата на Република Македонија за трансформација на претпријатијата со општествен капитал по објавен повик од 1 април 1999 година, донел решение со кое не е прифатена понудата на Становска Вера и Стојмановска Снежана за купување на удели со номинална вредност 191, 751,00 ДЕМ со кои располага Агенцијата во претпријатието “Угостител” ДОО Крива Паланка.

Доставената понуда не била прифатена затоа што според Правилникот за начинот и постапката за продажба на акции и удели не било предвидено плаќање со дисконт.

На 29 септември 1999 година Агенцијата на РМ за приватизација повторно објавила јавен повик за продажба на удели на одредени претпријатија кои поименично се наведени, меѓу кои и на “Угостител” Крива Паланка.

Јавниот повик се заснова на Правилата за продажба на акции и удели кои во постапката за трансформација на претпријатијата со општествен капитал се издадени на Агенцијата на РМ бр.02-5189 од 22 септември 1999 година.

Во јавниот повик е предвидено што треба да содржи понудата.

Според член 110 од Уставот на Република Македонија Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Со оглед на тоа што оспореното решение не содржи одредби кои уредуваат односи на општ начин, туку претставува поединечен акт кој се однесува на точно определени субјекти согласно член 110 од Уставот на Република Македонија Уставниот суд не е надлежен да го оценува истото.

Во врска со оспорениот јавен повик, Судот смета дека јавниот повик претставува дејствие што го презема Агенцијата со цел да прибере понуди за продажба на акции и удели, за што Уставниот суд на Репбулика Македонија не е надлежен да одлучува.

6. По однос на барањето за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на оспорените акти, Судот смета дека не се исполнети условите од член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

7. Со оглед на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.227/99
8 март 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков