22/2000-0-0

Вовед

Врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 1 март 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 80 од Колективниот договор за државните, правосудните и органите на локалната самоуправа на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.53/95) во делот на текстот “за непрекината работа во ист орган односно организација”.

2. Пане Ристов од Велес на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 80 од актот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со него се доведуваат во нерамноправна положба вработените, кои во текот на својот работен век поминале на работа од една во друга организација т.е. равотодавец било поради вршење на јавни функции, било поради престанок на работен однос кај еден работодавец поради структурални, економски или технолошки причини и упатување на работа кај друг работодваец, во однос на работниците кои непрекинато работеле во една организација односно кај ист работодавец.

3. Судот на седницата утврди дека во член 80 е предвидено дека за “непрекината работа во ист орган или организација, на работникот му се исплатува јубилејна награда определена со акт на работодавецотврз основа на месечна просечна плата остварена во стопанството на Републиката.

4. Согласно член 32 став 3 од Уставот на Република Македонија секој вработен има право на соодветна заработувачка, а според став 5 на истиот член, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Со Законот за работните односи (“Службен весник на РМ” бр.81/93, 14/95, 53/97 и 21/98) се уредува остварувањето на правата, обврските и одговорностите на работникот и работодавецот од работен однос, во согласност со условите и критериумите утврдени со закон и колективен договор.

Од наведените одредби произлегува дека прашањата во врска со правата, обврските и одговорностите што произлегуваат од работниот однос се уредуваат со закон и со колективен договор.

Предвидувањето на определени односи со колективен договор како и обемот на правата зависи од вољата на учесниците во колективното договарање, при што колективниот договор не може да пропише помали права, ниту пак, да ги менува односите утврдени со закон, но може да разработува односи точно определени со закон како и да уредува права што воопшто не се предмет на законско регулирање.

Според тоа, Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба со Уставот и законот од аспект на правото со колективниот договор да се предвидат, покрај другите права, и правото на јубилејни награди на вработените во органот или организација.

5. Исто така Судот смета дека не може да стане збор за нарушување на начелото на еднаквост утврдено во член 9 од Уставот имајќи предвид дека со оспорената одредба не се исклучуваат работниците од јубилејни награди кои поминале од еден во друг орган или организација, туку и тие треба да поминат определен период во органот и по протек на тоа време ќе го остварат правото на јубиларна награда. Имено времето поминато во органот или организацијата всушност претставува услов да се оствари тоа право и тоа право има за цел да се стимулираат работниците кои подолго време работеле во органот односно организацијата.

Со оглед на изнесеното Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член од колективниот договор со начелото на еднаквост, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.22/2000
1 март 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков