1/2000-1-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 1 март 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 34 во делот “и со општите акти на Министерството за здравство”, член 37 став 1 во делот “и прописите донесени врз основа на него” и член 59 став 1 точка 4 од Законот за здравствената заштита (“Службен весник на РМ” бр.38/91, 73/92, 46/93 и 55/95).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение, затоа што определуваат правата на граѓаните од задолжителното здравствено осигурување да се уредуваат и со општи акти на Министерството за здравство, а не само со закон и со колективен договор како што определува членот 34 од Уставот, поради што оспорените одредби не биле во согласност со наведената уставна одредба.

3. На седницата Судот утврди дека со член 34 од Законот се определува правата од задолжителното здравствено осигурување, осигурениците и членовите на нивните семејства да ги остваруваат во Фондот за здравствено осигурување под условите и начинот утврдени со овој закон и со општите акти на Министерството за здравство. Потоа, со член 37 став 1 од Законот се определува дека правата од задолжителното здравствено осигурување во рамките на обемот на правата утврдени со овој закон и прописите донесени врз основа на него, осигуреникот и членовите на неговото семејство ги остваруваат врз основа на здравствена легитимација и доказ дека придонесот за здравствено осигурување е платен, а со член 59 став 1 точка 4 од Законот се утврдува дека заради остварување на загарантираните права и утврдените потреби и интереси на општеството и остварување на правата и обврските од здравственото осигурување, Министерството за здравство поблиску го уредува начинот на остварувањето на правата и обврските од здравственото осигурување.

Имајќи ги предвид другите одредби од Законот со кои прецизно се определуваат правата на граѓаните (1) од задолжителното здравствено осигурување (и тоа видовите на услугите и субјектите кои ги имаат тие права – член 11, 12, 29 од Законот) и (2) загарантираните здравствени права независно дали граѓаните се осигурани (член 32 од Законот), Судот смета дека оспорените одредби треба да се разберат како овластување на ресорното министерство со свои општи акти да го операционализира (практично разработи) начинот на остварувањето на наведените права на граѓаните, што значи разработка во рамките и врз основа на Законот, а не како овластување на ресорното министерстрво со подзаконски акти да пропишува и други права на граѓаните од здравствената сфера, надвор од законите.

4. Според член 96 од Уставот органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Со оглед на тоа што со оспорените делови од означените законски одредби се уредува правото на ресорното министерство да определува како граѓаните да дојдат, практично, до своите уставни и законски права од здравствената сфера, Судот утврди дека таквите законски решенија имаат уставна основа, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.1/2000
1 март 2000 година
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков