236/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 став 1 алинеја 2 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 16 февруари 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за
оценување уставноста на член 3 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на РМ” бр.80/93, 3/94, 14/95, 71/96 и 32/98).

2. Вите Исјановски, претседател на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на членот 3 став 1 од Законот означен во точката 1 од ова решение. Според иницијативата со членот 36 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување било утврдено дека највисоката старосна пензија не може да изнесува повеќе од 80% од просечната плата остварена во Република Македонија во годината пред остварувањето на правото на пензија, зголемена за четири пати. Меѓутоа, со оспорениот член 3 став 1 со кој е изменет членот 36, било утврдено дека највисоката старосна пензија не може да изнесува повеќе од 80% од просечната плата остварена во нестопанството во Републиката во претходната година, зголемена за 2,7 пати. На тој начин граѓаните кои правото на пензија го оствариле до крајот на 1996 година биле во привилегирана положба во поглед на највисокиот износ на пензијата во однос на граѓаните кои тоа право го оствариле по 1 јануари 1997 година, што не било во согласност со членот 9 од Уставот со кој била гарантирана еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите.

Според иницијативата, целта на членот 3 била да се продолжи примената на членот 6 од Законот за исплата на платите и пензиите во Република Македонија, иако тој член бил укинат со Одлука на Уставниот суд. Како доказ за ова тврдење се наведува дека Фондот, највисоката пензија и понатаму ја пресметувал врз основа на просечната плата на сите вработени во Републиката во 1993 година зголемена на 11,37% колку што изнесувало усогласувањето на пензиите чиј износ бил над две просечни пензии во 1994 година согласно укинатиот член 6.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 3 од Законот со кој се менува членот 36, највисоката старосна пензија не може да изнесува повеќе од 80% од просечната плата остварена во нестопанството во Републиката во претходната година зголемена за 2,7 пати. Највисоката старосна пензија од став 1 на овој член, во текот на годината се усогласува со процентот со кој се усогласуваат другите пензии.

4. Судот, исто така утврди дека Уставниот суд на Република Македонија со решение У.бр.216/99 од 15 декември 1999 година не поведе постапка за оценување уставноста на членот 3 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

Според Судот правото на социјалното осигурување кое во себе ги опфаќа здравственото, пензиското и инвалидското осигурување се однесува на сите граѓани подеднакво. Меѓутоа, Уставот не содржи никакви услови за стекнување на правата од социјалното осигурување ниту пак го уредува режимот на нивното користење. Напротив, карактерот на социјалното осигурување, обемот и субјектите на осигурувањето, изворите за финансисрање на социјалното осигурување е препуштено без никакво ограничување да се уредат со закон и колективен договор.

Оттука, право е на законодавецот во зависност од економската моќ на државата да определува лимит за најниската односно за највисоката старосна пензија. Во конкретниот случај, со оспорената одредба од законот, законодавецот определил дека највисоката старосна пензија не може да изнесува повеќе од 80% од просечната плата остварена во нестопанството во Републиката во претходната година зголемена за 2,7 пати. Гледана сама за себе, оспорената одредба со ништо не ги прави граѓаните пензионери нееднакви пред Уставот, бидејќи е неспорно дека се однесува на сите граѓани-пензионери кои стекнале право на највисока старосна пензија, ниту пак со неа се доведува во прашање социјалната сигурност на осигурениците.

Во однос на прашањето дали со измената на законската одредба законодавецот ги довел граѓаните-пензионери во нееднаква положба, поради тоа што некои граѓани пензионери го оствариле правото на највисока старосна пензија според претходната одредба која била поповолна, од граѓаните пензионери кои го остваруваат правото на највисока старосна пензија според важечката одредба од законот, Судот оцени дека не станува збор за нееднаквост на граѓаните-пензионери, бидејќи сите тие го оствариле или треба да го остварат своето право на највисока старосна пензија врз основа на два различни правни режими. Според тоа, новиот правен режим востановен со оспорената одредба се однесува на сите пензионери кои го остваруват правото на највисока старосна пензија од моментот на влегувањето во сила на Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

5. Согласно член 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основ за поинакво одлучување.

Со оглед на тоа што Судот ја ценеше уставноста на членот 3 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување и не поведе постапка, а нема основи за поинакво одлучување на Судот, Судот оцени дека иницијативата треба да се отфрли, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.236/99
16 февруари 2000 година
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков