13/2000-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 16 февруари 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на член 66 став 2 во делот

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 66 став 2 во оспорениот дел и член 123 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со оспорените одредби се востановувала нееднаквост на граѓаните по однос на полот, така што жените се ставале во поповолна положба во однос на мажите и се утврдувале овластувања за Владата надвор од нејзините права и должности, што не било во согласност со член 8 став 1 алинеја 4, членовите 9 и 28, член 32 став 5, член 91 алинеја 5 и член 122 став 2 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 66 став 1 од Законот за одбрана, на обврската за служење во резервниот состав во армијата на Републиката подлежат воените обврзници кои го отслужиле воениот рок – од денот на отслужувањето на воениот рок и според одредбите на овој закон ја регулирале обврската за служење на воениот рок на друг начин – од денот на регулирањето. Според став 2 на овој член од Законот, служење на жените во резервен состав на армијата започнува од наполнувањето на 19 години живот и трае до наполнувањето на 50 години живот и се остварува со извршувањето на определени задачи утврдени со уредба што ја донесува Владата.

Со член 123 став 1 од Законот се уредува дека работните места на определени должности во Министерството за одбрана и на постојниот состав на армијата на кои тежината на работата и посебните услови под кои тие се вршат битно влијаат врз намалувањето на работната способност, ги определува Владата со уредба. Според ставот 2 на овој член, Владата може со уредба да определи и други работни места што имаат карактер на одредени должности во смисла на став 1 на овој член, а според став 3 од овој член на Законот, заработувачката на работниците на должностите определени со уредбата на Владата се поголеми најмногу до 20% од заработувачката на другите работници со соодветни квалификации.

4. Според член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 од Уставот граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Одбраната на Република Македонија, согласно член 28 од Уставот, е право и должност на секој граѓанин. Остварувањето на ова право и должност на граѓаните се уредува со закон.

Според член 32 став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Републиката, според член 42 став 1 и 3 од Уставот, посебно ги заштитува мајчинството, децата и малолетните лица, а малолетните лица и мајките имаат право на посебна заштита при работа.

Со член 91 алинеја 5 од Уставот се уредува дека Владата на Република Македонија донесува уредби и други прописи за извршување на законите.

Според член 122 став 2 од Уставот одбраната на Републиката се уредува со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Од изнесените уставни одредби произлегува дека граѓаните се еднакви во слободите и правата, независно, меѓу другото, и од полот, меѓутоа жените како мајки посебно се заштитени и имаат посебни права врз основа на мајчинството.

Што се однесува до правото на одбрана на Република Македонија, видно е од Уставот дека тоа не е само право туку е и должност, при што ако се имаат предвид одредбите од Законот за одбрана поголема тежина добиваат обврските за сметка на правата, а Уставот прокламира еднаквост меѓу граѓаните во слободите и правата, независно од полот, а не и во обврските предвидени со Уставот.

Со Уставот на Република Македонија е утврдено само тоа дека одбраната на Република Македонија е право и должност на сите граѓани, што значи и мажи и жени, при што не се утврдени формите и начините за остварување на одбраната на Републиката, туку е препуштено целосно ова прашање да се уреди со закон.

Притоа, смислата и целта на уставната одредба може да биде постигната само доколку положбата на граѓаните во системот на одбраната кореспондира со целината на корпусот на неговите слободи и права утврдени и загарантирани со Уставот. Положбата на граѓаните во рамките на системот на одбрана мора да произлегува и да претставува сегмент на нивната позиција и положба во општеството.

Со Уставот не е утврдена воената обврска како посебно право и должност на сите граѓани во одбраната на Републиката, туку таа е утврдена со Законот, и тоа само како една од формите низ кои се операционализира учеството на граѓаните во одбраната на Републиката.

Други облици низ кои се операционализира учеството на граѓаните во одбраната е служење во резервниот состав, во цивилната заштита, во работни обврски, во материјални обврски и друго, при што учесници во остварувањето на овие обврски се и мажите и жените.

Според тоа, гледано од аспект на целината на одбранбениот систем постојат различни начини на вклучување на жената во вршењето на одбраната на Републиката.

Со оглед на тоа што со Уставот најопшто се утврдува одбраната како систем од повеќе форми и начини на нејзино остварување и тоа како право и должност кое се уредува со закон, Судот оцени дека е право на законодавниот орган да ги утврди формите и начинот на операционализација на одбраната на Републиката, па во тие рамки да ги определи како субјектите, така и нивните посебни права и должности во остварувањето на одбраната.

Притоа, законската определба во однос на служењето на жените во резервниот состав на армијата да трае до наполнувањето на 50 години живот и да се остварува со извршување на определени задачи утврдени со уредба што ја донесува Владата, е всушност операционализација на обврските во остварувањето на одбраната на различните субјекти, учесници во одбраната, како што е во конкретниот случај со жените. Преку определување на траењето на обврската и начинот на нејзиното остварување, што е различно за жената поради нејзините физички и биолошки својства, според мислењето на Судот, не се создава нееднаквост меѓу мажот и жената, ниту таа се става во поповолна положба во однос на мажите.

Понатаму, тргнувајќи од анализа на уставните одредби во однос на поделбата на државната власт и на местото и улогата на органите на државната власт и на граѓаните во остварувањето на одбраната на Република Македонија, а имајќи ја предвид содржината на оспорените одредби во однос на овластувањата на Владата на Република Македонија, според мислењето на Судот, таквите овластувања всушност значат операционализација на правата и должностите што се утврдени со Законот за одбрана и тие не излегуваат од рамките на правата и должностите на Владата утврдени со Уставот.

Имено, неспорно е дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори, и дека во конкретниот случај правата на вработените во областа на одбраната и нивната положба се уредени со Законот за одбрана и Законот за работните односи, дека критериумите за определување на работните места на определени должности и нивната зголемена заработувачка во однос на другите работници, како права, се утврдени со самиот закон, така што овластувањата на Владата за определување на таквите работни места се во функција на операционализација на оспорената одредба и таквото овластување, Судот оцени дека е во рамките на уставните овластувања на Владата на Република Македонија како носител на извршната власт.

Со оглед на наведеното, Судот не го постави прашањето за согласноста на член 66 став 2 во оспорениот дел и член 123 од Законот за одбрана со напред наведените одредби од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.13/00
16 февруари 2000 година
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков