161/1999-1-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 16 февруари 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување законитоста на

а) Одлуката за издавање согласност за било каква изградба на територијата на Општина Чучер-Сандево, донесена од Советот на Општината на 23.06.1999 година (“Службен гласник на Општина Чучер-Сандево” бр.5/99) и

б) Одлуката за висината на надоместокот за издавање на согласност за изградба на објекти на територијата на Општина Чучер-Сандево, донесена од Советот на Општината на 23.06.1999 година (“Службен гласник на Општина Чучер-Сандево”бр.5/99).

2. Трајан Нешков од с. Кучевиште, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на одлуките означени во точката 1 под а) и б) од ова решение.

Првоозначената одлука се оспорува затоа што за неа не е дадена претходна согласност од Министерството надлежно за работите на урбанизамот, поради што не била во согласност со член 25 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Исто така, се оспоруваат и член 1 и 2 од одлуката. Првиот, затоа што со него одлуката се однесува и на населени места за кои постои урбанистичка документација, а според член 25 од означениот закон ваков вид одлуки може да се донесуваат само за населени места за кои не е донесена урбанистичка документација. Вториот, затоа што со него се воведува обврска за издавање

согласност за градба од страна на општинска служба, што не е елемент на постапката за градење ниту според означениот закон, ниту според Законот за изградба на инвестициони објекти.

Конечно, се оспорува и член 3 кој предвидува одлуката да влезе во сила со денот на донесувањето што не било во согласност со член 52 од Уставот.

Второозначената одлука се оспорува затоа што со неа се воведува јавна давачка од страна на општината – надоместок за добивање согласност за градба – што не било во согласност со член 33 од Уставот, затоа што јавни давачки се утврдуваат со закон.

Исто така, се смета дека вакво овластување за општината не произлегува ниту од член 62 од Законот за локалната самоуправа со кој се утврдуваат изворите на нејзините приходи, ниту од Законот за градежно земјиште.

Предлага двете одлуки да се поништат, а исто така Судот да го запре извршувањето на поединечните акти и дејствија преземени врз нивна основа, до донесувањето конечна одлука.

3. На седницата Судот утврди дека според член 1 од првооспорената одлука “изградба во населено место за кое има или нема урбанистичка документација за населено место, може да се врши до нејзиното донесување под услови и на начин што со општ акт ќе ги утврди општината”. Според член 2 “било каква изградба на територијата на Општина Чучер – Сандево може да се врши само по претходна согласност на надлежната служба на Општината”. Во член 3 е предвидено одлуката да влезе во сила со денот на нејзиното донесување, а да се објави во “Службен гласник на Општината”.

Инаку, во уводот, доносителот на одлуката се повикува на член 25 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Судот исто така утврди дека на оваа одлука не е дадена претходна согласност од страна на министерството надлежно за работите на урбанизмот.

Со второоспорената одлука се уредува висината на надоместокот за добивање на согласност по основ на

првооспорената одлука, и тоа во зависност од видот на објектите – станбени, станбено-деловни и деловни – и тоа од 200, 500 и 1000 денари (член 2). Во останатите членови (3 – 5) се утврдува жиро-сметката, надоместокот при легализација на објектите и влегувањето во сила. Оваа одлука за свој основ го утврдува член 62 во врска со член 29 став 1 точка 4 од Законот за локална самоуправа.

4. Според член 25 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/96, 28/97 и 18/99) изградба во населено место, кое нема урбанистичка документација за населено место во општината, може да се врши, до нејзино донесување, под услови и на начин што со општ акт ќе ги утврди општината. Општиот акт се донесува по претходна согласност на министерството надлежно за работите на урбанизмот.

Со оглед на тоа што првооспорената одлука е донесена без претходна согласност од надлежното министерство, пред Судот се постави прашањето за нејзината согласност во целина со член 25 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Со оглед на меѓусебната зависност на двете оспорени одлуки, Судот оцени дека е потребно да ја испитува законитоста на првооспорената одлука и од аспект на пропишувањето на согласноста за градба.

Во член 18 од Законот за изградба на инвестициони објекти (“Службен весник на РМ” бр.15/90, 11/91, 11/94 и 18/99) е предвидено дека со градење на објект се започнува по добивање на одобрение за градење од републички орган на управата надлежен за работите на градежништвото, врз основа на барање со потребна документација (член 19) меѓу која спаѓаат и условите за градба, други технички услови (мислење од Заводот за заштита на споменици и сл.), како и доказ за платени надоместоци кои според закон се плаќаат пред издавање на одобрение. Условите за градба, пак, според член 31 од Законот за просторно и урбанистичко планирање ги соопштува министерството надлежно за работите на урбанизмот, а тие содржат општи и урбанистичко-архитектонски услови утврдени со плановите од член 7 од овој закон и општиот акт од член 25 од овој закон. Во овие закони не постои одредба која

овозможува оваа процедура и надлежност да биде пропишана со акт на општината, ниту општината учествува во таа процедура.

Според тоа, иако е неспорно дека општината може да донесува не само урбанистичка документација, туку и општ акт што ја заменува, општината не може да пропишува постапка и административни услови за остварување на правото на градење. Оттука “согласноста за градба од општинска служба” ниту произлегува од законите како процесно овластување на општински орган, ниту како овластување на општината да пропишува процесни услови или постапка за остварување на правото на градење, поради што пред Судот се постави прашањето за согласноста на содржината на оваа одлука со означените законски одредби.

Со оглед на тоа што со второоспорената одлука само се утврдува надоместок за добивање на согласноста за градба и се утврдува неговата висина, Судот смета дека оваа одлука, како комплементарен акт, мора да се оценува во зависност од допуштеноста на согласноста за градба утврдена во првооспорената одлука. Имајќи предвид дека пред Судот се постави прашањето за законитоста на пропишувањето на согласноста за градење од страна на општината, тоа истовремено и нужно го поставува прашањето за законитоста на пропишувањето на надоместок за таква согласност пропишан со второоспорената одлука, од истите причини.

5. Судот ги имаше предвид наводите во иницијативата со кои се оспорува и уставноста на означените одлуки, но со оглед на изнесените причини за поведување на постапка за оценување на нивната законитост, оцени дека тие, во конкретниов случај, се ирелевантни.

6. Судот исто така го разгледа и предлогот во иницијативата да го запре извршувањето на поединечните акти и дејствија донесени односно преземени врз основа на оспорените одлуки, но оцени дека со нивното извршување не можат да настанат тешко отстранливи последици, поради што тој предлог не го прифати.

7. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.161/99
16 февруари 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков