Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 16 февруари 2000 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Правилникот за произведување на воени старешини, донесен од Министерот за одбрана на 10 јануари 1998 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/98).
2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на правилникот означен во точката 1 на ова решение, затоа што условите за произведување во воени старешни не можеле да се пропишуваат со општ акт, туку со закон.
Од тие причини, оспорениот правилник не бил согласен со членот 96 од Уставот на Република Македонија, членот 27 точка 3 од Законот за одбрана, членот 19 став 2, членот 160, членот 161 став 1 и членот 164 од Законот за органите на управата.
3. Судот на седницата утврди дека членот 1 од Правилникот предвидува со него да се пропишуваат условите за произведување на воени старешини во Армијата на Република Македонија.
Членот 2 од Правилникот ги предвидува условите што треба да ги исполнува кандидатот што треба да биде произведен во воен старешнина (подофицер) од постојниот состав на Армијата на Република Македонија.
Во членот 3 од Правилникот се предвидени условите што треба да ги исполнува кандидатот што треба да биде произведен во воен старешина (подофицер и офицер) во резервниот состав на Армијата на Република Македонија.
Согласно членот 4 од Правилникот, со неговото влегување во сила престанува да важи Правилникот за произведување во воени старешени од 1992 година.
И на крај, членот 5 од Правилникот предвидува истиот да влезе во сила со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
4. Согласно членот 95 од Уставот на Република Македонија државната управа ја сочинуваат минис-терства и други органи на управата и организации утврдени со закон.
Согласно членот 96 од Уставот (на чија повреда се повикува подносителот на иницијативата) органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.
Согласно членот 19 став 2 од Законот за органите на управата, органите на управата во рамките на правата и должностите на Републиката, ги извршуваат законите, другите прописи и општи акти на Собранието и пропсите и општите акти на Владата, со непосредно применување на тие закони, прописи и општи акти, односно со обезбедување на нивното извршување, со решавање во управни работи, со вршење на управен надзор и на други управни работи за кои се овластени како и со донесување на прописи за извршување на законите, другите прписи и општи акти, кога за тоа се овластени со закон, друг пропис или општ акт.
Во членот 160 од овој закон е предвидено дека функционерите кои раководат со органите на управата донесуваат правилници , наредби и упатства за извршување на законите и на другите прописи и општи акти на Собранието и на прописите на Владата, кога за тоа се овластени со закон, друг пропис или општ акт.
Согласно членот 161 став 1 од овој закон со правилник се разработуваат одделни одредби од законите и другите прописи и општи акти заради нивно извршување.
Од наведените уставни и законски одредби произлегува дека министерствата се органи на државната управа кои работата од својата надлежност ја вршат самостојно во рамките на Уставот и законите.
Исто така, од наведените одредби произлегува дека, како органи на државната управа, меѓу другото, министерствата се овластени да донесуваат прописи за извршување на законите.
Понатаму, од изнесените одредби (член 160 од Законот) исто така, произлегува дека тие содржат поконкретни овластувања за функционерите што раководат со органите на управата , во смисла што истите, меѓу другото, се овластени да донесуваат правилници за извршување на законите кога за тоа се овластени со закон како и со правилници да разработуваат одделни одредби од законите.
Согласно членот 27 точка 3 од Законот за одбрана, министерот за одбрана во согласност со документите за развој на армијата и со актите на претседателот на Републиката донесува акти за школување, произведување и унапредување на воените старешни.
Врз основа на оваа одредба од Законот, како и посочените одредби од Законот за органите на управата, министерот за одбрана го донел оспорениот правилник за произведување на воени старешени.
Поточно, со овој правилник, министерот за одбрана не предвидел право според кое воените старешини ќе се произведуваат во определени чинови, бидејќи таквото право е предвидено во Законот за одбрана, поточно во членот 17 точка 29 од истиот според кој министерството за одбрана ги планира потребите и го организира оспособувањето на стручните кадри за потребите на одбраната, туку врз основа на ова законско овластување, а посебно на овластувањето од членот 27 точка 3 од Законот според кое министерот донесува акти за школување, произведување и унапредување на воени старешини, со таков акт (оспорениот правилник) ги предвидел условите за школувањето, произведувањето и унапредувањето на воените старешини.
Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека министерот за одбрана има законско овластување со акт, каков што е оспорениот правилник, да ги определи условите за произведување на воени старешени, поради што оцени дека не може да се постави прашањето за неговата уставност и законитост.
5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.229/99
16 февруари 2000 година
С к о п ј е
сд/.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков