228/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 16 февруари 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на Правилникот за легитимациите на овластените службени лица во органите за безбедност и воената полиција во Министерството за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.46/93).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на Правилникот означен во точката 1 од ова решение, затоа што оспорениот правилник немало основ да го донесе министерот за одбрана, заради што тој не бил во согласност со член 96 од Уставот, член 17 точка 32 од Законот за одбрана, како и со членовите 19 став 2, 108, 160, 161 став 1 и 164 од Законот за органите на управата.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот правилник, врз основа на член 17 точка 32 од Законот за одбрана, а во врска со член 108 од Законот за органите на управата, го донел министерот за одбрана на 19 јули 1993 година.

Со Правилникот се пропишува образецот, постапката за издавање, рокот на важењето и начинот на водењето на евиденцијата на легитимациите што им се издаваат на овластените службени лица на органите за безбедност и воената полиција во Министерството за одбрана. Имено, според член 2 од Правилникот, службената легитимација им се издава на лица од Министерството за одбрана, кои имаат својство на овластени службени лица на органите за безбедност и воената полиција, а издавањето го врши помошникот министер за безбедност и разузнавање, по распоредувањето на овластените службени лица на работното место во органите за безбедност и воената полиција за кое е предвидено издавањето на легитимацијата. Со член 3 од Правилникот се опишува образецот на легитимацијата, со член 4 времето на важењето на легитимацијата, со член 5 дека таа не смее да се носи во странство, а со член 6 обврската да се извести службата во случај на нејзино губење. Со членовите 7, 8 и 9 од Правилникот, се уредува замената на легитимацијата, нејзината ништовност и евидентирањето на издадените легитимации.

4. Според член 96 од Уставот органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Со член 17 точка 32 од Законот за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/92 и 30/95) се уредува дека во остварувањето на одбраната, Министерството за одбрана врши надзор врз спроведувањето на овој закон и другите прописи од областа на одбраната.

Според член 19 став 2 од Законот за органите на управата (“Службен весник на СРМ” бр.40/90 и “Службен весник на Република Македонија” бр.63/94 и 63/98), органите на управата ги извршуваат законите, другите прописи и општи акти, покрај другото, и со донесување на прописи за извршување на законите, другите прописи и општи акти, кога за тоа се овластени со закон, друг пропис и општ акт.

Во согласност со член 108 од Законот, овластувањето за вршење на инспекциски надзор инспекторот го докажува со посебна легитимација.

Според член 161 од Законот, функционерите кои раководат со органите на управата донесуваат правилници, наредби и упатства за извршување на законите и другите прописи и општи акти на Собранието, како и на прописите на Владата кога за тоа се овластени со тие закони, прописи односно акти. Според член 161 став 1 од овој закон, со правилник се разработуваат одделни одредби на законите и другите прописи и општи акти заради нивно извршување, а според член 164 од Законот, со прописите на функционерот кој раководи со органот на управата не можат за граѓаните, претпријатијата, установите и за другите организации и заедници да се установуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на органите.

Од содржината на наведените уставни и законски одредби, јасно произлегува дека работата на органите на државната управа, а во тие рамки и нивните надлежности, се уредуваат со закон, имајќи ја предвид нивната уставна положба, како дел од извршната власт. Во согласност со таквата положба органите на државната управа можат да бидат овластени да донесуваат прописи со кои се разработуваат законски одредби заради нивно извршување, при што законот на чие извршување тие се однесуваат, мора да ги содржи основите за уредување на односите, како и рамките на овластувањето на органот на државната управа.

Тргнувајќи од анализа на наведените одредби, а имајќи ја предвид содржината на оспорениот правилник со која се пропишува образецот, постапката за издавање, рокот на важењето и начинот на водењето на евиденцијата на легитимациите што им се издаваат на овластените службени лица на органите за безбедност и воената полиција во Министерството за одбрана и дека според тоа, не се уредуваат прашања што се однесуваат на граѓаните и другите правни субјекти, ниту пак, се пропишуваат надлежности на органите, според мислењето на Судот, може да се извлече заклучок дека со одредбите на оспорениот правилник не се надминуваат овластувањата на органите на државната управа, во конкретниот случај на министерот за одбрана и дека тој во уредувањето на прашањата со правилникот се движел во рамките на постојната системска поставеност на државната управа, поради што, Судот не го постави прашањето за согласноста на оспорениот правилник со напред наведените уставни и законски одредби.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.228/99
16 февруари 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков