Вовед
Уставниот суд на Република Македцонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 9 февруари 2000 година, донесе
О Д Л У К А
Текст
1. СЕ УКИНУВА член 24 став 4 од Законот за семејството (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/92).
2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.
3. Уставниот суд на Република Македонија, со решение У.бр.149/99 од 12 јануари 2000 година, по повод поднесена иницијатива од Стамен Филипов од Скопје, поведе постапка за оценување уставноста на член 24 став 4 од законот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за неговата согласност со Уставот на Република Македонија.
4. Судот на седницата утврди дека во ставот 4 на член 24 од Законот е предвидено по жалбата против решението на матичарот да решава органот на управата надлежен за водење на матичните книги.
5. Согласно член 15 од Уставот на Република Македонија се гарантира правото на жалба против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања.
Од изнесената одредба произлегува дека Уставот го гарантира правото на жалба против наведените акти, со што го обезбедува начелото на двостепеност во одлучувањето.
Од друга страна, пак, согласно член 116 од Законот за органите на управата, Министерството за внатрешни работи, меѓу другото, ги врши и работите што се однесуваат на матичните книги.
Согласно член 2 од Законот за матичната евиденција матичните книги ги води Министерството за внатрешни работи и други органи во случаи определени со закон.
Согласно член 3 на овој закон матичните книги се водат одделно за секое населено место, според матични подрачја што ги определува Министерството за внатрешни работи и од овластен работник ( во натамошниот текст- матичар).
Согласно член 24 од Законот за внатрешни работи работниците на Министерството кои имаат посебни должности и овластувања определени со закон се овластени службени лица.
Согласно став 2 точка 3 на овој член од Законот за овластени службени лица во смисла на овој закон, меѓу другите, се сметаат: министерот, неговиот заменик, раководните работници и работници кои раководат со одредени организациони единици.
Од наведените законски одредби, произлегува дека водењето на матичните книги спаѓа во доменот на работата на Министерството за внатрешни работи; дека матичните книги ги води овластен работник за тоа – матичар при истото министерство и дека раководното лице надлежно за водење на матичните книги е работникот кој раководи со организационата единица на матичната евиденција, што наведува на заклучок дека по жалбата против решението на матичарот со кое се одбива склучувањето на бракот, како второстепен орган, одлучува раководното лице надлежно за водење на матичните книги, односно истиот орган на управа кој учествувал во донесувањето на првостепеното решение.
Имајќи го предвид изнесеното, како и одредбата од членот 15 од Уставот, Судот утврди дека со предвидувањето по жалбата против решението на матичарот да одлучува органот на управата надлежен за водење на матичните книги односно матичната евиденција, не е во духот на уставната интенција за гаранција на начелото на двостепеност во одлучувањето, односно дека органот на управата надлежен за водење на матичните книги не може да се јавува како второстепен орган, затоа што неговото предвидување како таков, го доведува во прашање начелото на двостепеност во одлучувањето, што е загарантирано со Уставот на Република Македонија, поради што оцени дека оспорената одредба е несогласна со Уставот на Република Македонија.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од овас одлука.
7. Оваа одлука, Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талески и д-р Тодор Џунов.
У.бр.149/99
9 февруари 2000 год.
С к о п ј е
сс/.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков