230/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 19 јануари 2000 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 8 од Законот за извршување на Буџетот на Република Македонија за 1999 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.18/99).

2. Ратко Тримчески од Гостивар на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбата од член 8 од Законот означен во точката 1 на ова решение. Според наводите во иницијативата оспорената одредба не била во согласност со Уставот на Република Македонија, со Законот за работните односи затоа што со неа се ограничувало правото за надоместок на трошоците за превоз до и од работното место чија висина била утврдена со колективен договор. Подносителот на иницијативата смета дека надоместокот треба да изнесува колку што фактички изнесува возната карта, а со ограничувањето на висината до 900 денари се намалувала неговата плата и на другите вработени кај корисниците на буџетските средства.

3. Судот на седницата утврди дека според член 8 од Законот надоместокот за превоз до и од работното место, по претходно дадена писмена изјава се исплатува само за вработените чие место на живеење е оддалечено над 2,5 км. од работното место, но не повеќе од 900 денари.

На вработените кои користат службени возила до и од работното место не им следува надоместок за превоз.

Судот, исто така, утврди дека според член 32 од Законот, Буџетот за 1999 година се извршува од 1 јануари до 31 декември 1999 година.

4. Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки да одлучува по иницијативата.

Со оглед на тоа што со извршување на Буџетот за 1999 година односно со 31 декември 1999 година Законот престана да важи, Судот оцени дека не постојат процесни претпоставки за одлучување по иницијативата, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав претседавач судијата д-р Никола Крлески и судиите Бахри Исљами, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.230/99
19 јануари 2000 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков