Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 став 1 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 17 јануари 2001 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на точката 32 од Упатството за спроведување на унифицирано работење на комерцијалните служби во дистрибутивните подружници на ЈП “Електростопанство на Македонија” ; бр.11-3187/1 од 11 јуни 1999 година.
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот што се однесува на актот на Јавното претпријатие “Електростопанство на Македонија” според кој се наплатува такса за користење и одржување на јавното осветлување.
3. Атанас Катиновски од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на актите на Јавното претпријатие “Електростопанство на Македонија” според кои се наплатува манипулативен трошок од шест денари на секоја наплатена месе чна сметка за потрошена електрична енергија и се наплатува комунална такса за користење и одржување на јавното осветление.
Иницијаторот смета дека јавното претпријатие нема право да донесува одлуки со кои на граѓаните им се наметнуваат разни давачки и на тој начин се оштетуваат. Иако навидум износите биле мали, кога ќе се пресметало колку корисници плаќаат, на годишно ниво, тој износ излегувало дека е многу голем и дека е тоа во полза исклучиво на јавното претпријатие, а на штета на граѓаните, што не било во согласност со Уставот и со законите.
4. Судот на седницата утврди дека Јавното претпријатие “Електростопанство на Македонија” има донесено Упатство за спроведување на унифицирано работење на комерцијалните служби во дистрибутивните подружници на ЈП ” Електростопанство на Македонија” – Скопје, со кое во точката 32 е предвидена наплата за манипулативни трошоци од 6 денари кои се додаваат како посебна ставка во сметките и фактурите за потрошена електрична енергија.
Што се однесува за наплатата на комуналната такса за користење и одржување на јавното осветление, оваа такса е воведена со Законот за комунални такси и истата се наплатува согласно Тарифата за комунални такси.
5. Според член 15 став 1 од Законот за облигациони односи, во засновањето на двостраните договори учесниците поаѓаат од начелото на еднаквата вредност на взаемните давања.
Оттука принципот на еквивалентност на меѓусебните давања доаѓа до израз при наплатувањето на сметките за потрошената електрична енергија и тоа помеѓу претпријатието кое ја дистрибуира електричната енергија и граѓаните кои ја користат енергијата како стока на пазарот.
Наплатата, пак, на одреден износ денари како манипулативен трошок на претпријатието што дистрибуира електрична енергија е исклучиво во функција за покривање на трошоците за работа на претпријатието при изготвувањето на сметките на граѓаните за наплата на потрошената електрична енергија.
Во конкретниот случај, ЈП “Електростопанство на Македонија” при донесувањето на Упатството водело сметка за укажувањето на Уставниот суд така што во точката 32 од Упатството е предвидено дека манипулативни трошоци во износ од 6 денари се наплатуваат за секоја сметка и фактура независно од цената на потрошената енергија.
Со оглед на изнесеното Судот оцени дека наплатувањето на стварните трошоци за работа на претпријатието и тоа во фиксен износ за сите сметки и фактури не е во несоглансост со Законот за облигациони односи, ниту пак со тоа се доведуваат граѓаните во нееднаква положба.
Во врска со наплатата на комуналната такса за користење и одржување на јавното осветлување, Јавното претпријатие “Електростопанство на Македонија” нема донесено посебен акт туку наплатата за користење и одржување на јавното осветлување ја врши согласно Законот за комуналните такси, каде што е утврдена обврската на граѓаните да ја плаќаат оваа јавна давачка.
Оттука, имајќи предвид дека тарифата за користење и одржување на јавното осветлување е воведена со закон како јавна давачка, а Јавното претпријатие нема донесено посебен акт за воведување ваква давачка, Судот оцени дека не постојат процесни претпоставки за постапување на Судот по иницијативата во делот што се однесува на актот на Јавното претпријатие со кој е воведена наплатата за користење и одржување на јавното осветлување.
6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Тодор Џунов и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р М илан Недков. д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.
У.бр.150/2000
17 јануари 2001 год.
С к о п ј е
сд/.
1/1
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Тодор Џунов