160/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 став 1 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 12 јануари 2000 година, донесе

О Д Л У К А

Текст

1. СЕ УКИНУВА член 14 став 1 точка 31, член 55 став 1 алинеи 4 и 6, член 75 став 3 во делот “а по исклучок што го утврдува советот на општината со денот на донесување” и член 78 од Статутот на Општина Чучер-Сандево кај Скопје.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, на иницијатива на Трајан Нешков од с. Кучевиште кај Скопје, со Решение У.бр.160/99 од 24 ноември 1999 година поведе постапка за оценување уставноста и законитоста на одредбите од Статутот означени во точката 1 од оваа одлука, затоа што се постави прашањето за согласност на член 14 став 1 точка 31 од Статутот со член 8 став 1 алинеја 4, со членовите 13 и 14 и со член 98 став 2 од Уставот, потоа на член 75 став 3, во означениот дел, на Статутот со член 52 став 1 од Уставот, понатаму на член 55 став 1 алинеи 4 и 6 од Статутот со член 24, член 43 став 1 точки 9 и 11, член 52 и со член 53 ставовите 1 и 3 од Законот за локалната самоуправа и, конечно, на член 78 од Статутот со член 43 став 1 точките 1 и 8 и со член 60 став 2 од Законот за локалната самоуправа.

На наводите во означеното решение на Судот, доносителот на оспорените статутарни одредби (Советот на Општината) искажа поинакво мислење само во однос на член 78 од Статутот, сметајќи дека таа статутарна одредба има основа во член 3 став 2 од Европската повелба за локалната самоуправа, во член 25, член 29 став 1 точка 4 и во член 60 став 2 од Законот за локалната самоуправа односно дека советот на општината е законски овластен орган да одлучува за сите прашања во општината, па и за располагањето и стопанисувањето со нејзиниот имот. За другите одредби, Советот на Општината не изнесе поинакво мислење од она на Судот.

4. Судот, на седницата, утврди дека според член 14 став 1 точка 31 од Статутот, Општината самостојно “определува престапи и казни кога не се почитуваат прописите на општината”. Судот, исто така, утврди дека одредбите со истоветна содржина од Законот за локалната самоуправа (член 17 став 1 точка 31 и член 29 став 1 точка 10) се укинати од овој Суд со Одлука У.бр.16/98 од 20 јануари 1999 година (“Службен весник на Република Македонија” бр.5/99), затоа што: (1) само судовите можат да одлучуваат за вината на сторителите на казниви дела, а не и советите на општините кои се претставнички тела, што е согласно на поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска (член 8 став 1 алинеја 4 и член 13 од Уставот); (2) судовите можат да судат за казниви дела само ако тие се претходно утврдени со закон и ако со закон е определена санкција за нив, а не и ако казнивите дела и санкциите се определени со прописи на општините (член 14 и член 98 став 2 од Уставот); (3) пропишувањето на казнивите дела и на санкциите за нив, како и нивното спроведување, се исклучиво надлежност на државната власт; (4) нема потреба општините односно нивните совети да утврдуваат престапи и казни бидејќи тие своите надлежности ги вршат во согласност со определени закони во кои се веќе предвидени казнивите дела и санкциите за нив.

Имајќи ја предвид изнесената фактичка и правна состојба, Судот, по сопствена иницијатива, утврди дека означената статутарна одредба нема основа во наведените уставни одредби, поради што одлучи како во точката 1 од оваа одлука..

5. Понатаму, Судот утврди дека според член 75 став 3 од Статутот општите акти стапуваат во сила осмиот ден од денот на објавувањето, а по исклучок што го утврдува Советот на општината со денот на донесување.

Според член 52 став 1 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.

Од изнесената уставна одредба произлегува дека прописите мора најнапред да се објават, а тоа значи мора да им се овозможи на граѓаните да се запознаат со содржината на тие прописи односно со правата и обврските на граѓаните кои произлегуваат од тие прописи, па потоа да влезат во сила односно да предизвикуваат правни последици за граѓаните.

Со оглед на тоа што оспорениот дел на став 3 од членот 75 од Статутот определува општите акти на Општината Чучер – Сандево да можат, по исклучок, да влезат во сила со денот на донесувањето, а тоа практично значи пред да се објават односно пред граѓаните да се запознаат со нивните права и обврски кои произлегуваат од тие општи акти, а не после објавувањето (веднаш или по истек на извесен временски период), Судот утврди дека тој дел од одредбата не е во согласност со наведената уставна одредба, поради што одлучи како во точката 1 од оваа одлука..

6. Судот, на седницата, утврди дека во член 55 став 1 алинеите 4 и 6 од Статутот се определува градоначалникот на Општината да “именува и разрешува главен архитект на градот” (алинеја 4) и да “именува и разрешува членови на градскиот совет за архитектура” (алинеја 6).

Според член 24 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија” бр.52/95 и 60/95) органи на единиците на локалната самоуправа се: совет, градоначалник, управни и административни органи (став 1), а во единица на локалната самоуправа која има град како седиште на единицата на локалната самоуправа се именува главен архитект на градот (став 2).

Притоа, делокругот на главниот архитект на градот се состои во покренување иницијатива за измена и дополнување на деталните урбанистички планови, покренува иницијатива за изработка на урбанистички планови и архитектонско-урбанистички проекти, дава стручно мислење на наведените планови и проекти, дава насоки при изработка на проектите со цел да се зачуваат амбиенталните вредности на одделни градски квартови и објекти, дава согласност на архитектонски проекти што се од големо значење за градот според критериумите утврдени од единицата на локалната самоуправа, ….. (член 52 од Законот).

Инаку, главниот архитект се именува и разрешува од страна на градоначалникот на единицата на локалната самоуправа (член 43 став 1 точка 9 и член 53 став 1 од Законот), при што главниот архитект му предлага на градоначалникот состав на градскиот совет за архитектура од истакнати архитекти и други стручни профили заради компетентно, стручно и ефикасно вршење на своите надлежности (член 53 став 3 од Законот), а именувањето и разрешувањето на членовите на градскиот совет за архитектура го врши градоначалникот (член 43 став 1 алинеја 11 од Законот).

Од изнесените законски одредби произлегува дека, и формално и содржински, главниот архитект на градот и градскиот совет за архитектура можат да постојат како помошни органи на градоначалникот во некоја единица на локална самоуправа чие седиште е урбанизирано (градско) населено место.

Со оглед на тоа што седиштето на Општината Чучер-Сандево не е урбанизирано (градско) населено место, што произлегува од член 8 став 1 точка 116 на Законот за територијалната поделба на Република Македонија и определување на подрачја на единиците на локалната самоуправа – “Службен весник на Република Македонија” бр.49/96, како и од фактот дека таа општина опфаќа само неурбанизирани (селски) населени места, Судот утврди дека постоењето главен архитект на градот и градски совет за архитектура во оваа општина не е во согласност со наведените законски одредби, поради што одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Исто така, Судот утврди дека според член 78 од Статутот, “за купување, оттуѓување и оптоварување на имотот на општината одлучува советот на општината” (став 1) и дека “Советот со одлука може да го овласти градоначалникот на општината да врши купување, оттуѓување и оптоварување на дел од имотот на општината” (став 2).

Според член 43 став 1 од Законот за локалната самоуправа, градоначалникот ја претставува и застапува единицата на локалната самоуправа (точка 1) и управува со имотот во согласност со статутот на единицата на локалната самоуправа (точка 8). Согласно член 60 став 2 од истиот закон, со имотот, единицата на локалната самоуправа располага и стопанисува во јавен интерес и како добар домаќин.

Од изнесените законски одредби произлегува дека градоначалникот на општината е орган кој е овластен да ја претставува и застапува општината, а во тие рамки и да управува со имотот на општината, при што тој тоа мора да го прави така што ќе го остварува јавниот интерес и ќе се однесува како добар домаќин, а со статутот на општината може да се определи добивање на согласност, претходна или накнадна (на пример од советот), но без да му се одзема таквото законско овластување на градоначалникот.

Законските одредби, пак, посочени од доносителот на Статутот (Советот на Општината) се однесуваат на генералната положба на советот на општината (да одлучува за прашања од надлежност на општината), која пак не може да значи одземање на законското овластување на градоначалникот да ја претставува и застапува општината и во тие рамки да управува со имотот на општината, што е изрично законско определување.

Со оглед на тоа што член 78 ставовите 1 и 2 од Статутот му го одземаат правото на градоначалникот да управува со имотот на општината определено со означените законски одредби, а не ја регулираат поблиску материјата околу согласноста на таквото право на градоначалникот, Судот оцени дека член 78 од Статутот не е во согласност со наведените законски одредби, поради што одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

9. Оваа одлука Судот ја донесе едногласно во однос на првите три одредби и со мнозинство во однос на член 78 од Статутот, во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.160/99
12 јануари 2000 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков