Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29 декември 1999 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 23 во делот “а за делот што се однесува на шумите во приватна сопственост, се на товар на сопствениците на шумата “и членот 57 став 2, 3 и 4 од Законот за шумите (“Службен весник на Република Македонија” бр.47/97).
2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на членовите 20 во делот “и приватна”, членот 22 став 3 и 5, членот 33 став 1 во делот “и приватна” и став 2, членовите 38, 39 и 56 став 1 во делот “без оглед во чија сопственост е”, членот 67 став 2 во делот “како и сопствениците на шуми во висина од 5% од вредноста на исеченото дрво, франко камионски пат во шума” и став 4, членовите 77 и 78 од Законот означен во точката 1 од ова решение.
3. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од Законот за шумите означени во точките 1 и 2 од ова решение, од причина што со истите се вршело ограничување на сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, што не било во согласност со член 8 став 1 алинеја 6 и член 30 став 1 и 3 од Уставот на Република Македонија. Ограничувањето на сопственоста се вршело на тој начин што истата се условувала со планирање, со третман на шуми со посебна намена, со означување за сеча, одобрение за сеча и плаќање за тоа, со недавање можност да се превезува или пренесува исеченото дрво, ако не е жигосано и снабдено со испратница, со обезбедување одобрение за продажба на свое сопствено дрво, со плаќање за проста репродукција итн.
4. Судот на седницата утврди дека согласно членот 23 од Законот, трошоците за изработка на посебните планови за делот кој се однесува на шумите во државна сопственост се на товар на јавното претпријатие, односно правното лице кое врши одгледување и заштита на шумата за посебна намена, а за делот што се однесува на шумите во приватна сопственост, се на товар на сопствениците на шумата.
Согласно оспорениот член 57 став 2, физичко лице може со одобрение да врши продажба на дрво само ако потекнува од сопствена шума, односно од поединечни или група на шумски дрвја надвор од шума на сопствено земјиште, во количество според одобрението за сеча и издадената испратница.
Според ставот 3, одобрението за продажба го издава субјектот што го издал одобрението за сеча.
Во ставот 4 е предвидено право на сопственикот на дрвото против актот за издавање одобрение за продажба да поднесе жалба до министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.
5. Со членот 56 од Уставот на Република Македонија е утврдено дека сите природни богатства, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба, како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон, се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита.
Согласно член 2 од Законот за шумите, шумите се природно богатство и како добро од општ интерес за Републиката уживаат посебна заштита.
Во таа насока е и планирањето на шумите како обврска која постои независно од сопственичкиот режим врз шумите.
Така, согласно член 22 од Законот, посебните планови за стопанисување со шуми кои се носат врз основа на општиот план ги носи јавното претпријатие (за стопанисување на шумите за стопанска намена) и правното лице (за одгледување и заштита на шумите за посебна намена). Со посебните планови се опфаќаат и шумите во приватна сопственост.
Согласно член 8 став 1 алинеја 6 од Уставот на Република Македонија, правната заштита на сопственоста претставува една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.
Со член 30 став 1 од Уставот, се утврдува уставната гаранција на правото на сопственост и правото на наследување.
Согласно ставот 3 на истиот член, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.
Но, сепак, сопственоста не е апсолутна категорија која е строго индивидуализирана.
Согласно член 30 став 2 од Уставот, сопственоста создава права и обврски и треба да служи за доброто на поединецот и на заедницата.
Оттука, недвосмислено произлегува дека посебните планови за стопанисување со шумите се во насока на нивно планирање за период од десет години. Планирањето на шумите, кое ги опфаќа и оние во приватна сопственост, не претставува ограничување на правото на сопственост, туку начин на однесување насочен кон заштита на шумата како природно богатство.
Покривањето на трошоците за изработка на посебните планови од страна на сопствениците на шумата, за делот што се однесува на шумите во приватна сопственост претставува обврска која поединецот ја исполнува во корист на заедницата – заштита на шумите како добро од општ интерес. Овие трошоци претставуваат траен извор на средства кои повторно се враќаат на шумата – планирањето е во насока на обезбедување заштита и зачувување на шумите, без оглед на сопственичкиот режим. Средствата кои сопствениците на шумите ги вложуваат за изработка на плановите, претставуваат еден вид нивен придонес (законски утврдена обврска) за заштита на шумите.
Согласно оспорениот член 57 став 2, физичко лице може со одобрение да врши продажба на дрво само ако потекнува од сопствена шума, односно од поединечни или група на шумски дрвја надвор од шума на сопствено земјиште, во количество според одобрението за сеча и издадената испратница.
Според ставот 3, одобрението за продажба го издава субјектот што го издал одобрението за сеча.
Во ставот 4 е предвидено право на сопственикот на дрвото против актот за издавање одобрение за продажба да поднесе жалба до министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Согласно член 31 став 2 од Законот, користење може да се врши само на оние шуми за кои е донесен посебен план.
Ознака за сеча во државна и во приватна шума врши јавното претпријатие, односно правното лице кое врши одгледување и заштита на шумата за посебна намена (член 33 став 1).
Одобрение за сеча во шума во приватна сопственост издава јавното претпријатие, односно правното лице кое врши одгледување и заштита на шумата за посебна намена, по барање на сопственикот на шумата (член 38 став 2).
Согласно член 56 од Законот, исеченото дрво во шума (независно од сопственоста), не може да се превезува или пренесува од местото на сеча или од место до место, ако, меѓу другото не е снабдено со испратница која го прати исеченото дрво за време на превезувањето, односно пренесувањето.
Покрај тоа, согласно член 58, забранет е откуп или преработка на дрво кое не е жигосано и снабдено со испратница.
Врз основа на изнесеното Судот оцени дека законот предвидува низа мерки кои имаат за цел да обезбедат соодветно правилен начин на користење на шумите кој би бил во функција на нивна заштита и зачувување. Посебната заштита која ја уживаат шумите (независно од сопственичкиот режим) како природно богатство и добро од општ интерес за Републиката, наметнува определени заштитни мерки со цел да се спречи бесправното користење и располагање со шумите.
Одобрението за продажба на дрвото кое го издава јавното претпријатие, односно правното лице кое врши одгледување и заштита на шумата за посебна намена е токму во функција на реализирање на заштитната цел на законодавецот – спречување промет на бесправно исеченото дрво. Одобрението за продажба се јавува како кумулативна последица на ознаката и одобрението за сеча, жигосувањето и испратницата и истото никако не може да се
толкува како ограничување на сопственоста и правата кои произлегуваат од неа. Одобрението за продажба се надоврзува на мерките на контрола на бесправна сеча утврдени во членовите 56 и 58 од Законот.
6. Согласно член 28 став 1 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Со Решение У.бр.297/97 од 2 декември 1998 година, Судот не поведе постапка за оценување на уставноста, меѓу другото, на членовите 20 и 22 од причина што обврската на сопствениците на шумите, како и на државата да стопанисуваат со шумите врз основа на планови за таа цел, не претставува ограничување на сопственоста, туку начин на однесување насочен кон заштита на природно богатство.
Расправајќи по членовите 33, 38 и 39 од Законот, Судот оцени дека истите се во функција на сочувување на шумата и растителните видови во неа, независно од сопственичкиот режим и не доведуваат до ограничување на сопственоста.
Со решението, Судот не поведе постапка за оценување на уставноста на членот 56 од Законот од причина што истиот предвидува соодветни заштитни мерки кои се израз на политиката на законодавецот да ги заштити шумите од бесправна сеча.
Учеството на сопствениците на шумите за проста репродукција во висина од 5% од вредноста на исеченото дрво, предвидено со член 67 од Законот, Судот оцени дека треба да се вкалкулира во вкупните трошоци што сопствениците на шумите ги поднесуваат според Законот, и како такви дирекно се насочуваат односно враќаат кон приватните шуми.
Во однос на членовите 77 и 78 од Законот, Судот оцени дека е право на Републиката со закон да ги определи казнивите дела и казните за нив, поради што не постои основ да се постави прашањето за нивната согласност со Уставот.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.190/99
29 декември 1999 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков