У.бр.159/1999

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29 декември 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценувње законитоста на Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план на станбените единици “Карпош” I и II – Скопје, донесена од Советот на Општина Карпош на седницата одржана на 26 декември 1997 година (“Службен гласник на Град Скопје” бр.13/98).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување законитоста на дел од Графичкиот прилог, надвор од опфатот на границите утврдени со членот 1 на Одлуката означена во точката 1 на ова решение.

3. СЕ ЗАПИРА извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на Одлуката означена во точкаа 1 на ова решение.

4. Ова решение ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”

5. Небојша Јовановиќ и повеќе граѓани од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесоа иницијатива за оценување на законитоста на актот означен во точката 1 на ова решение. Според наводите во иницијативата оспорената одлука не била донесена во постапка утврдена со Законот за просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.3/96, 28/97). Имено, според Законот за просторното и урбанистичкото планирање кој стапил во сила на 2 февруари 1996 година, постапката за изработување на плановите претставувала техничка фаза и не предизвикува правни последици, па оттука не може да се смета дека постапката за донесување на оспорениот план е започната пред влегувањето во сила на Законот. Во прилог на ваквото тврдење се укажува на заклучоците на Собранието на Град Скопје бр.08-2816/1 од 8 ноември 1996 година со кои се усвојува Предлогот за донесување на Планот, се утврдува нацртот на Планот и се задолжува органот за урбанизам нацртот на Планот со графичките прилози да ги стави на јавен увид и да организира јавна расправа од што несомнено произлегувало дека постапката за донесување на Планот започнала во време кога Законот за просторното и урбанистичкото планирање не бил веќе во сила што значи дека Нацртот на Планот требало да го утврди Советот на Општина Карпош, а не Градот Скопје, односно целата постапка за донесување на оспорената одлука требало да ја спроведе Општина Карпош и тоа целовито по новиот закон. Понатаму во иницијативата се наведува дека во членот 2 од оспорената одлука биле означени документите кон предлогот на Планот кои биле потребни за неговото донесување од Советот на Општина Карпош. Меѓутоа, не биле означени Извештајот на Министерството за урбанизам и градежништво за спроведената анкета и резултатите од стручната расправа по нацрт на Планот и дека нацртот на Планот бил изложен на јавно место, ниту дека било објавено соопштение во јавните гласила за времето и местото на излагање на Планот.

Исто така, во приложената документација кон Планот недостасувала прибавена согласност од Министерството за урбанизам и градежништво од што произлегувало дека Планот бил неспроведлив.

На аголот помеѓу улицата Орце Николов и Миладин Поповиќ била предвидена градба на колективна станбена зграда П+М+4+Пк. Квартот кој е предвиден за градба на овој станбен објект претставува дел од населбата Карпош И во која доминирале, со над 95%, индивидуални станбени згради со максимална катност од П+2+Пк и претставувал природен, урбанистички, градежен и во секој поглед продолжеток на Дебар Маало со кое било разделено само со улицата Рузвелтова. Планирањето на спорниот објект со висина од над 23 метри и со над 30 станови на просторот во кој постоела единствено индивидуална станбена градба претставувал директна повреда на законските одредби за просторното и урбанистичкото планирање затоа што при изработката на урбанистичкиот план не биле почитувани урбанистичките стандарди и нормативи за планирање на просторот со цел да се овозможи порационално уредување и користење на просторот и создавање на услови за хумано живеење на граѓаните.

Планирањето на спорниот објект претставувало директна повреда и на стандардите за инсолацијата на соседните објекти (на член 7 од Правилникот за стандардите и нормативите за планирање), затоа што со неговата изградба не можело да се обезбеди ниту минималното осончување од 1 час на приземјето на соседните објекти, ниту можело да се обезбеди потребното растојание од 6 метри меѓу просториите од соседните објекти, односно 3 метри од границата на урбанистичката парцела.

Исто така при планирањето на спорниот објект не биле земени предвид максимално дозволените коефициенти на искористеност на земјиштето со оглед на тоа што објектот го надминувал максимално дозволениот коефициент 1.4., а истовремено бил надминат и максимално дозволениот процент на изграденост на локацијата.

Подносителите на иницијативата посебно го нагласуваат непочитувањето на стандардите и нормативите за планирање во поглед на паркирањето (проблемот да биде решен во рамките на градежната парцела, а истовремено да се почитувал нормативот за минималниот број на паркиралишните места). Во случајов, за планираниот објект би требало да се обезбедат 40 паркиралишни места што физички било невозможно.

Од Нацртот на Планот, односно од неговиот графички прилог било видно дека измените и дополнувањата се однесувале само на опфат од површина 42 ха, кој опфат е утврден и во текстуалниот дел на нацрт одлуката. Спорниот објект бил надвор од опфатот на Нацрт-планот и произлегол од предлози на граѓани и после јавната расправа е вцртан, тој и други објекти во графичкиот прилог. Меѓутоа, Министерството за урбанизам и градежништво при давањето согласност за спроведување на Планот, согласноста ја дало само за опфатот во границите на Предлогот на Планот што е идентичен со Нацртот на Планот. Со оглед на тоа што измените и дополнувањата на Планот на одделни микро локации не биле во Нацрт на Планот тие не биле предмет на јавен увид и по нив да се произнесат граѓаните преку јавна анкета.

Планирањето со Деталниот план на спорниот објект со катност П+М+4+Пк во населба со исклучиво индивидуална станбена градба не било во согласност и со Генералниот урбанистички план на град Скопје бидејќи подрачјето според овој план претставува зона за домување со градини во која не била дозволена градба за колективно становање.

Со иницијативата се бара Судот да донесе и решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземени врз основа на оспорената одлука, со оглед на тоа што со нивното извршување можат да настанат неотстранливи штетни последици.

6. Судот на седницата утврди дека нацртот за донесување Одлука за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план за урбанистичките единици “Карпош И и ИИ”-Скопје, е утврден од Собранието на Град Скопје на седницата одржана на 8 ноември 1996 година, по претходно добиено мислење и извршена стручна ревизија од надлежните органи и организации. Нацртот бил изложен на јавен увид во месните заедници Карпош И и Карпош ИИ, а јавната расправа по Планот во месните заедници е одржана на 14 јануари 1997 година односно на 17 јануари 1997 година. По одржување на јавната расправа е составен извештај за прифатените и за неприфатените забелешки со образложение, врз основа на што е изготвен предлог на Одлуката кој му е доставен на Советот на Општина Карпош на усвојување. Министерството за урбанизам, со свој акт бр.18-493/4 од 16 април 1998 година дало согласност за спроведување на оспорената одлука за опфат даден во графичкиот прилог на Предлог на Планот.

7. Според член 56 од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/96, 28/97), урбанистичките планови за кои постапката за нивното донесување е започната пред влегувањето во сила на овој закон, ќе продолжи според одредбите на овој закон. Според ставот 2 на овој член деталните урбанистички планови чија постапка за донесување е започната од Градот Скопје ќе се донесат од општината од одрачјето на Градот Скопје за чие подрачје се однесува планот.

Означената одредба има предвид ситуација кога постапката за донесување на деталните урбанистички планови е започната пред стапување во сила на Законот за просторно и урбанистичко планирање, односно регулира преоден режим.

Според мислењето на Судот продолжување на постапката за донесување на деталните урбанистички планови подразбира преземање на плановите во фазата во која се нашле пред стапувањето во сила на Законот, што значи и со сите преземени дејствија во постапката за донесување на плановите.

6. Според член 11 став 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање деталниот урбанистички план содржи особено: план на намена на просторот и објектите, план на градежни парцели и површини за изградба на објекти определени со регулациони и градежни линии, максимална висина на објектите и други поблиски услови за изградба, план на сообраќајна мрежа со нивелманско решение и мрежа на оски со геодетски податоци, решенија за секундарни водови и објекти на инфраструктура, услови за спречување на архитектонските бариери, урбани санациони мерки и плански мерки за заштита и унапредување на животната средина и природата, природното и градителското наследство, за заштита од воени разурнувања, природни и технолошки непогоди, одредби за спроведување на планот, билансни показатели и соодветни графички прикази.

Означената одредба ја определува содржината на деталниот урбанистички план, односно што особено мора да содржи деталниот план, што не значи дека не може да содржи и некои други елементи што ја чинат содржината на планот. Меѓутоа, според мислењето на Судот деталниот план не може да се смета дека не е донесен во согласност со законот ако како елемент на содржината од предлогот на планот не се означени извештај на надлежниот орган за спроведена анкета, во случајов од одржана јавна расправа и ако не ги содржи резултатите од стручната расправа, како и мислење од Министерството за урбанизам за спроведување на деталниот план, односно тоа што не се наведени во одлуката не значи и дека постапката за донесување на планот не е спроведена согласно Законот.

Меѓутоа согласно член 17 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, плановите од член 7 на овој закон (просторните и урбанистичките планови) се изработуваат како нацрт и предлог на план. По нацртот на планот се организира стручна расправа, а по нацрт на деталните планови се организира јавна анкета со излагање на планот на јавно место најмалку 15 дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот, доставуваат писмени забелешки (член 18 од Законот).

Во членот 52 став 2 од Законот е предвидено дека до основање на јавно претпријатие од член 15 од Законот, изработката на плановите од член 7 на овој закон, како и довршувањето на започнатите планови, ќе го вршат претпријатијата регистрирани за изработка на просторни и урбанистички планови, што значи дека изработката на плановите, од неговото порачување до утврдување на нацртот на планот од надлежниот орган на општината претставува техничко прашање односно не претставува фаза во постапката за донесување на планот, ниту пак може да предизвика правни последици во однос на донесувањето на плановите или пак во поглед на правата и обврските на граѓаните во постапката за донесување. Со други зборови, според мислењето на Судот постапката за донесување на деталните урбанистички планови започнува со донесување одлука од надлежниот орган за прифаќање на предлогот за донесување на планот и утврдување на нацртот на планот.

При неспорен факт дека Законот за просторно и урбанистичко планирање стапил во сила на 2 февруари 1996 година, а предлогот за донесување со нацртот на оспорениот план од Советот на Град Скопје се усвоени на седницата одржана на 8 ноември 1996 година, односно по стапување во сила на Законот, во случајов не може да се прифати мислењето дека оспорениот план претставува ситуација која го уредува преодниот режим за донесување на деталните планови. Имено, со оглед на тоа што постапката за донесување на плановите не започнува со изработка на плановите од страна на овластена организација, туку со акт на надлежниот орган, во случајов со акт за усвојување на предлогот за донесување на планот и утврдување на нацртот планот, постапката за донесување на оспорениот план требало целосно да се спроведе по Законот за просторно и урбанистичко планирање, поради што Судот смета дека основано може да се постави прашањето за неговата законитост од овој аспект.

Според член 22 став 6 од Законот, урбанистичките планови од ставовите 3, 4 и 5 на овој член, можат да се спроведуваат по издавање на согласност од министерството надлежно за работите на урбанизмот, а според ставот 7, исто на овој член, плановите за кои не е изадена согласност од став 6 на овој член (да можат да се спроведуваат), се сметаат дека не се донесени.

Тргнувајќи од согласноста за спроведување на оспорениот план издадена од Министерството за урбанизам и градежништво односно дека согласноста се однесува само на спроведување на Планот во границите на опфатот утврдени со текстуалниот дел на Одлуката (член 1) и графичкиот прилог, а спорниот објект и другите објекти од другата страна на улицата

“Орце Николов” се надвор од опфатот на утврдената граница, од означената законска одредба произлегува дека тој дел од Планот не е донесен, па според тоа не може да биде предмет на оценување на неговата законитост пред овој суд. Всушност тој дел од Планот не постои.

8. Според член 27 од Деловникот на Судот, Уставниот суд може во текот на постапката, до донесувањето на конечната одлука, да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на закон, друг пропис или општ акт чија уставност односно законитост ја оценува, доколку со неговото извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици.

Судот оцени дека со извршување на оспорената одлука можат да настанат тешко отстранливи последици поради кое одлучи да ги запре од извршување поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оваа одлука.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.159/99
29 декември 1999 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Милан Недков