Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29 декември 1999 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на член 3 став 2 од Правилникот за критериумите за распоредување на воените обврзници во резерва за потребите на пополнување на Армијата на Република Македонија бр.14-1700/1, донесен од министерот за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.29/95).
2. Димитрија Атанасовски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на одредбата од Правилникот означен во точката 1 од ова решение. Во иницијативата се наведува дека според Уставот, не подлежат на обврска во вооружените сили само пратениците во Собранието на Република Македонија, претседателот на Владата и министрите и судиите на Уставниот суд. Сите други граѓани од машки пол, па и работниците на Министерството за внатрешни работи подлежеле на обврската за служење во резервниот состав на Армијата. Поради тоа, оспорената одредба од Правилникот не била во согласност со членовите 9, 28, 54 став 1 и 96 од Уставот и со членовите 3 став 1 и 2 и 66 став 1 од Законот за одбрана, како и со членот 161 став 1 од Законот за органите на управата.
3. Судот на седницата утврди дека Правилникот е донесен врз основа на член 27 став 1 точка 5 од Законот за одбрана и со него се утврдуваат критериумите за распоредување на резервните војници, резервните помлади офицери и резервните офицери (воени обврзници во резерва) за потребите на пополнување на Армијата на Република Македонија. Според член 3 став 1 од Правилникот, воените обврзници во резерва во првите десет години по отслужувањето на воениот рок се распоредуваат за потребите на пополнување на Армијата. Според оспорениот став 2 на овој член, по исклучок од став 1 на овој член, работниците во Министерството за внатрешни работи, не се распоредувааат за потребите на пополнувањето на Армијата додека се во работен однос во Министерството за внатрешни работи.
4. Членот 9 од Уставот утврдува дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.
Според член 28 од Уставот, одбраната на Република Македонија е право и должност на секој граѓанин, а остварувањето на ова право и должност на граѓаните се уредува со закон.
Во член 54 став 1 од Уставот е определено дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.
Согласно член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.
Според Законот за одбрана, одбраната на Републиката се организира како систем на одбрана на независноста и територијалниот интегритет на Република Македонија.
Членот 3 став 1 и 2 од Законот, определува дека воената обврска е општа и дека на воена обрска подлежат сите граѓани на Републиката од машки пол на возраст од 17 до 55 години живот.
Согласно член 15 став 1 точка 12 од Законот, во остварувањето на одбраната претседателот на Републиката наредува употреба на полицијата за извршување на борбени задачи во воена состојба.
Членот 23 од Законот определува дека во воена состојба полицијата може да биде употребена за извршување на борбени задачи како составен дел на армијата.
Според член 26 став 1 и 2 од Законот, пополнувањето на постојниот состав на армијата се врши со регрути, војници по договор, воени старешини и граѓански лица во служба на армијата. Пополнувањето на резервниот состав на армијата се врши со воени обврзници во резерва.
Согласно член 63 став 1 точка 5 од Законот, од обврската за служење на воениот рок се ослободува лице кое завршило училиште за внатрешни работи и поминало најмалку две години на должност милиционер или стражар во Казненопоправен дом.
Членот 66 од Законот утврдува дека на обврската за служење во резервниот состав во армијата на Републиката подлежат воените обврзници кои 1) го отслужиле воениот рок – од денот на отслужувањето на воениот рок и 2) според одредбите на овој закон ја регулирале обврската за служење на воениот рок на друг начин – од денот на регулирањето.
Во Законот за внатрешни работи, во делот што се однесува на правата и должностите на Министерството за внатрешни работи во одбрана (член 45) е утврдено дека работниците во Министерството за извршување на воени и други обврски од областа на одбраната, по правило имаат воен распоред во Министерството. Во услови на воена или вонредна состојба, заради заштитата на безбедноста на Република Македонија или одржување на јавниот ред и мир кога е нарушен во поголем обем, Министерството ангажира лица со воен распоред и работни обврски во Министерството (припадници на резервниот состав). Припадниците на резервниот состав распоредени во полицијата носат униформа и ознаки определени за чиновите во полицијата. Припадниците на резервниот состав кои се повикани заради извршување на работите и задачите од став 2 на овој член, остануваат на распоред во Министерството се додека траат причините поради кои се повикани.
Воената обврска, иако Законот за одбрана ја дефинира како општа, во основа се однесува само на дел од населението и се состои од три дела: 1) регрутна обврска 2) обврска за служење на воениот рок и 3) обврска за служење во резервниот состав на армијата.
Обврската за служење во резервниот состав има за цел постојано одржување на нивото на војничката оспособеност на воените обврзници заради нивно поефикасно вклучување на воените должности во случај на потреба. Имено, по отпуштањето на војниците од армијата, тие автоматски се преведуваат во резерва. Меѓутоа, покрај воените обврзници кои го отслужиле воениот рок, во резервниот состав спаѓаат и оние обврзници кои на друг начин ја регулирале обврската за служење на воениот рок.
Обврската за служење во резервниот состав се остварува, прво во време на мир, со активно учество на воени вежби и други форми на обука и второ, во време на војна, со извршување на војнички должности и водење на вооружена борба.
Тргнувајќи од членот 28 од Уставот според кој одбраната на Република Македонија е право и должност на секој граѓанин чие остварување се уредува со закон, обврската на граѓаните за служење во резервниот состав е уредена со Законот за одбрана и тоа како обврска за сите граѓани и со Законот за внатрешни работи како обврска на вработените во Министерството за внатрешни работи.
Според Законот за внатрешни работи, работниците во Министерството за внатрешни работи, правата и должностите во одбраната ги остваруваат согласно овој закон и по правило имаат воен распоред во Министерството и тоа не само во услови на воена состојба туку и во случаи на вонредна состојба.
Имајќи предвид дека во остварувањето на одбраната, претседателот на Републиката наредува употреба на полицијата за извршување на борбени задачи во воена состојба како и фактот што во воена состојба полицијата може да биде употребена за извршување на борбени задачи како составен дел на армијата, произлегува дека вработените во Министерството за внатрешни работи додека се во работен однос во Министерството во никој случај не се ослободени од обврската за служење во резервниот состав на армијата. Напротив, сите вработени во ова Министерство, по правило имаат воен распоред во Министерството и се припадници на резервниот состав на армијата, токму во согласност со одредбите од Законот за внатрешни работи.
Оттука, Судот оцени дека министерот за одбрана со оспорената одредба од Правилникот според која работниците во Министерството за внатрешни работи не се распоредуваат за потребите на пополнувањето на Армијата додека се во работен однос во Министерството, всушност не одлучува за правата и обврските на лицата вработени во Министерството за внатрешни работи, бидејќи овие права и обврски се уредени со закон. Тоа дефинитивно значи дека работниците во Министерството за внатрешни работи врз основа на закон подлежат на обврската за служење во резервниот состав на армијата, од што произлегува дека со оспорената одредба од Правилникот не се повредува начелото на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите ниту пак станува збор за ограничување на уставно гарантираните права и обврски на граѓаните.
5. Врз основа на изнесеното Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од правилникот со одредбите на Уставот и законите, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.198/99
29 декември 1999 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков