Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 8 декември 1999 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување законитоста на Одлуката бр.07-545/1 од 30.12.1998 год. за определување на локација за изградба – доградба на индивидуална станбена зграда на улица “Коце Металец” бр.48 во Крива Паланка, донесена од Советот на општина Крива Паланка.
2. Михаил Станковски од Крива Паланка на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение, затоа што со оспорената одлука,на неговиот сосед Митановски Ѓорѓи му се дозволувало доградба на неговата индивидуална станбена зграда, која била изградена на катастарска парцела бр.6612, сопственост на брачната другарка на подносителот на иницијативата, по основ на наследство од нејзината мајка. На овој начин биле повредени правото на сопственост и правото на наследување од член 30 од Уставот на Република Македонија.
Понатаму во иницијативата се наведува дека Советот на општината,непочитувајќи го Уставот и законот, оспорената одлука ја донел нерегуларно и на тој начин ги легализирал сите претходни неправилности и злоупотреби, а воедно ги суспендирал и ставил вон употреба решението за уривање на изградената тераса и заклучокот за извршување бр.19-921/2-3 од 21.08. и 25.08.1997 година на Републичкиот инспекторат за урбанизам и градежништво при Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина. Исто така се наведува дека оспорената одлука била во спротивност и со член 1 и 3 од Правилникот за начинот и постапката за применување на урбани санациони мерки. Поради сите наведени причини во иницијативата за оценување на законитоста, подносителот предлага Уставниот суд да ја поништи оспорената одлука.
3. Судот на седницата утврди дека оспорената одлука е донесена врз основа на член 54-а од Законот за просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на РМ” бр.4/96, 28/97, 18/99) и тоа за време на важењето на овој член од Законот, со оглед дека Уставниот суд на Република Македонија со Одлука У.бр.214/98 од 17.11.1999 година го укина овој член.
Во точката 1 од оспорената одлука е наведено дека се определува локација за доградба на индивидуална станбена зграда во се според урбанистичкиот проект. Во точката 2 од Одлуката е наведено дека градежната парцела е со површина од 646 м2 К.П.бр.6612 КО Крива Паланка сопственост на Митановски Ѓорги од Крива Паланка.
Според точката 3 од Одлуката, составен дел на оваа одлука е урбанистички проект во размер М=200, а според точката 4, оваа одлука влегува во сила осмиот ден од објавувањето во “Службен гласник на општина Крива Паланка”.
4. Судот на седницата, исто така, утврди дека според член 54-а од Законот за просторното и урбанистичкото планирање (“Службен весник на РМ” бр.4/96, 28/97, 18/99), кој што важел во времето на донесувањето на оспорената одлука, до усогласувањето на постојните детални урбанистички планови со одредбите на овој закон, за објектите предвидени со плановите може да се издаде решение за услови за градба во поглед на: определување на површината која се зафаќа со објектот, определување на градежни линии, максимална висина на објектот и другите поблиски услови за градба, врз основа на претходно изготвен урбанистички проект со кој изградбата се усогласува со соседните постојни објекти на одделна улица или комплекс, во согласност со генералниот урбанистички план.
Според член 31 од истиот закон, кој што, исто така, важеше во времето на донесување на оспорената одлука , надлежен орган за издавање на решението за услови за градба е Министерството за урбанизам и градежништво (според измените на овој член од Законот од 1999 година, за условите за градба Министерството не е повеќе обврзано да носи решение, но условите за градба ги соопштува најдоцна во рок од десет дена од поднесувањето на барањето).
Од наведените законски одредби произлегува дека овластувањето за издавање на решение за услови за градба, врз основа на претходно изготвен урбанистички проект, а во согласност со генералниот урбанистички план, може да се користи до усогласувањето на деталните урбанистички планови со одредбите на овој закон и дека ова овластување се однесува на органот на управата надлежен за работите на урбанизмот, а не на Советот на општината.
Имајќи го предвид наведеното, како и фактот дека во конкретниот случај оспорената одлука е донесена врз основа на член 54-а од Законот за просторното и урбанистичко планирање и дека со неа се определува локација за доградба на конкретен објект на конкретна градежна парцела, во се според претходно изготвен урбанистички проект (според терминологијата на поранешниот Закон за системот на просторното и урбанистичкото планирање, условите за градба се определуваа со решение за локација, а не со решение за услови за градба како што е според сега важечкиот закон), Судот оцени дека оспорената одлука по својот карактер и содржина претставува поединечен управен акт, а не пропис во смисла на член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, независно од тоа што таа е донесена во форма на одлука од Советот на општина Крива Паланка, кој што не бил овластен за нејзино донесување.
5. Со оглед на тоа што оспорената одлука не претставува пропис или друг акт за чија уставност и законитост е надлежен да одлучува Уставниот суд на Република Македонија, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.136/99
8 декември 1999 година
С к о п ј е
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков