Вовед
Уставниот суд на Република Македонија врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (Службен весник на Република Македонија бр.70/92) на седницата одржана на 8 декември 1999 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на Законот за судски такси (“Службен весник на Република Македонија” бр.46/90, 11/91, 65/92, 20/95 и 8/99) и Законот за административни такси (“Службен весник на Република Македонија” бр.17/93, 20/96 и 7/98).
2. Симо Вучковски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на законите означени во точката 1 од ова решение затоа што висината на таксите била зголемена за 600 – 1000% во однос на претходните закони, па така високите такси не можат да ги платат особено невработените граѓани и граѓаните со ниски примања и на тој начин не можат да ги остварат своите граѓански права.
Понатаму според иницијаторот се создава нееднаквост на граѓаните пред Законот бидејки за аследство од 100.000 денари и за наследство од 1.000.000 германски марки се плаќа иста висина на судска такса од 12.000 денари.
3. Според член 68 од Уставот на Република Македонија, Собранието на Република Македонија покрај другото, донесува закони и ги утврдува јавните давачки.
4. Со оглед на тоа што Собранието на Република Македонија е уставно овластено да ги утврдува јавните давачки, а во тие рамки е надлежно да ја утврдува висината на административните и судските такси, а подносителот ја оспорува висината на административните односно судските такси, Судот смета дека одредувањето на висината на давачките е прашање на законодавната политика, поради што не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените закони со Уставот.
Имајки го предвид изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами , д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.212/99
8 декември 1999година
С к о п ј е
ат.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков