126/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92) на седницата одржана на 8.12.1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на Законот за радиодифузната дејност (“Службен весник на Република Македонија” бр.20/97) во деловите што се однесуваат на постапката и условите за доделување концесија за вршење радиодифузна дејност, како и на преодниот режим на законот.

2. Трговските друштва “Радио Луна”, “КИМ Радио”, “Фолк Радио”, “Радио Пинк”, “Галеб Тон”, “Радио БИС”, ТВ “Амазон”, “Радио Мала станица” и ТВ “Тоска” сите од Скопје, преку полномошникот Игнат Панчевски, адвокат од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на Законот за радиодифузна дејност во деловите означени во точка 1 од ова решение поради неколку причини. Најпрво се оспорува тоа што во членовите од Законот што се однесуваат на издавање на концесија за вршење на радиодифузната дејност, нема одредба со која се гарантира правото на жалба на учесниците на конкурсот кои не добиле концесија против одлуката за издавање на концесија, што не било во согласност со член 15 од Уставот.

Понатаму, се смета дека издавањето на концесија само на определен ограничен број радио и телевизиски станици, а не и на сите што конкурирале и ги исполнуваат условите, се повредувала слободата на основање на институции за јавно информирање од член 16 став 2 од Уставот.

Трето, се смета дека со тоа што Законот не утврдил преодна одредба со која на радио и ТВ станици основани пред влегувањето во сила на законот би им се гарантирало правото да продолжат да ја обавуваат својата дејност и тие мораат да конкурираат за концесија како и сите други, законот имал повратно дејство, што не било во согласност со член 52 став 4 од Уставот.

Конечно, истиов основ се употребува за критика на Законот и од аспект на член 56 став 3 од Уставот, бидејки се смета дека со тоа на овие постојни радио и ТВ станици им се одзема веќе стекнатото право на користење на добра од општ интерес (фреквенции).

3. На седницата Судот утврди дека во член 13 до 21 од Законот, во главата ИИИ “Доделување на концесија за вршење на радиодифузна дејност”, се предвидени условите и постапката за доделување односно издавање концесија (конкурс, определени услови, предлог од Советот за РДФ и одлука на Владата) Во ниедна од тие одредби не е предвидено правото на жалба или било какво друго правно средство против одлуката на Владата за доделување на концесија.

Во член 15 од Уставот се гарантира правото на жалба против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организација или други институции што вршат јавни овластувања.

Уставниот суд, имајки ја предвид природата на концесијата како правен однос помеѓу државата и определени субјекти, оцени дека актот за доделување концесија за користење на радиодифузниот етер како добро од општ интерес, кој му претходи на договорот за концесија помеѓу државата и концесионерот, има карактер на управен акт, но со специфична карактеристика во поглед на основите за неговото донесување и органот што го донесува. Имено, од една страна актот за доделување на концесијата се донесува во компетитивна постапка во која е вклучено дискреционото право на органот на државата, во рамки на законските услови, да изврши избор помеѓу понудите на потенцијалните концесионери, што го издвојува тој акт од другите управни акти во кои се решава за остварување на права и обврски на субјектите утврдени со закон. Од друга страна, актот за концесија за вршење на радиодифузна дејност не го донесува управен орган, туку Владата на Република Македонија како носител на извршната власт, што го затвора кругот на определување на односот на државата кон избраниот концесионер. Со други зборови, актот за доделување на концесија во оспорениот закон не е управен акт што го донесува управен орган во прв степен во смисла на член 15 од Уставот, туку управен акт со кој извршната власт преку својот највисок орган во прв и последен степен одлучува за инволвирање на државата во концесионерски однос со одреден субјект. Оттаму, правото на жалба, кое подразбира повисок надлежен орган во истата гранка на државната власт, е беспредметно, како што е неможно и Владата да се третира како управен орган кој одлучува во прв степен.

Со оглед на изнесеното, отсуството на правото на жалба во означените одредби од Законот не може да се доведе во контекст на член 15 од Уставот, поради што Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на Законот во овој дел со член 15 од Уставот.

4. Судот утврди дека во член 13 став 4 од Законот имплицитно е предвидено дека концесиите можат да бидат ограничени. Во овој член е предвидено дека концесијата за вршење на радиодифузна дејност на трговските друштва се издава на она друштво што ќе понуди подобри услови. Јавните радиодифузни претпријатија концесијата ја добиваат со законот односно одлуката со кои се основани.

Исто така и во Законот за изменување и дополнување на Законот за телекомункации (“Службен весник на Република Македонија” бр.45/95) е предвидено дека по исклучок бројот на расположивите концесии може да биде ограничен поради недоволни ресурси, како што се радиофреквентниот спектар и Планот за нумерација (член 21).

Во член 16 став 2 од Уставот се гарантирани слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање и слободното основање на институции за јавно информирање.

Судот оцени дека за остварувањето на слободата на основање на институции за јавно информирање во согласност со Уставот, која во принцип не може и не смее да се ограничи, е релевантно за кој вид на информативен ресурс станува збор. Во конкретниот случај слободата на основање на институции за јавно информирање е битно условена од природно и технички ограничениот радиофрекфентен телекомуникациски спектар, што е природен услов за вршење на радиодифузната дејност.

Врз основа на изнесеното Судот смета дека ако слободата на основање на радиодифузните организации е ограничена поради ресурсните ограничувања и поради тоа зависи од компетитивните предности на субјектите што сакаат да се занимаваат со радиодифузната дејност, не може да се поставува прашањето за повреда на таа слобода. Поради тоа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на овој дел од Законот со член 16 став 2 од Уставот.

5. Во преодните и завршните одредби од Законот не се предвидени одредби со кои на постојните трговски друштва за радиодифузна дејност би им се гарантирало правото да продолжат со нејзиното вршење, освен ако според условите на законот не се здобијат со концесија.
Во член 52 став 4 од Уставот е предвидено дека законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, кога е тоа поповолно за граѓаните.

Според член 56 став 3 од Уставот со закон се уредуваат начинот и условите под кои определени добра од општ интерес за Републиката можат да се отстапат на користење.

Разгледувајки го преодниот режим на Законот во контекст на изнесените наводи во иницијативата, Судот утврди дека со овој закон не се навлегува во режимот на односите што постоел пред неговото влегување во сила, што го исклучува приговорот дека законот има повратно дејство. Од друга страна, законот навистина не ги гарантира стекнатите права на радиодифузните претпријатија што ги остварувале пред влегувањето во сила на овој закон, што е различно прашање од повратното дејство. Битна карактеристика на оспорениот закон е тоа што со него се воведува нов и во Република Македонија за прв пат, режим на радиодифузната дејност кој подеднакво треба да се однесува на секој субјект.

Исполнувањето на условите за вршење на радиодифузната дејност и подведувањето на субјектите под компетитивната процедура што ја пропишува законот е елементарен услов на неговото важење и примена. Прилагодувањето на субјектите кон новиот режим на правното регулирање на дејноста, исто како и основањето на нови радиодифузни организации во согласност со законот, е еден од ефектите на законот што ја обезбедуваат неговата примена “отсега па натаму”, а тоа ја исклучува релевантноста на т.н. стекнати права.

Друго е прашањето на законодавната политика која можела, но не морала, да ги уважи ситуациите настанати пред влегувањето во сила на овој закон и да ги признае како компатабилни со новиот правен режим, во кое Уставниот суд не може да навлегува.

Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста и на овој дел од Законот со член 52 и 56 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во член 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами , д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.126/99
8 декември 1999 година
С к о п ј е
ат.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков