Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 8 декември 1999 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување уставноста на членовите 25 и 26, членот 27 став 1 во делот на “општествено правно лице” и “ако таков нема на Републиката”, членот 28 став 1 во делот “или општествено правно лице” и членот 29 став 1 во делот “па потоа на Републиката” од Законот за данок на промет на земјишта и згради (“Службен весник на СРМ” бр.36/75, 41/75, 51/88 и (“Службен весник на Република Македонија” бр.38/91 и 4/93).
2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на останатите делови на членовите 27, 28 и 29 од законот означен во точката 1 на ова решение.
3. Трајко Јовев – адвокат од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на законот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата оспорените одредби од Законот биле несогласни со Уставот затоа што го задолжувале носителот на правото на сопственост на земјоделско земјиште, на станбена зграда или стан и на деловна зграда и просторија, пред да ги продаде на трето лице, да ги понуди на општината односно на самоуправната интересна заедница која управува со стабени односно деловни простории, со што се повредувало правото на сопственоста, загарантирано со Уставот на Република Македонија.
4. Судот на седницата утврди дека со одлука У.бр.251/96 од 18 јуни 1997 година, ги укинал членовите 25 и 26, членот 27 став 1 во делот на “општествено правно лице” и “ако таков нема на Републиката”, членот 28 став 1 во делот на “или општествено правно лице”, членот 29 став 1 во делот на “па потоа Републиката”, затоа што оцени дека со утврдувањето првенствено право за купување на земјоделско земјиште од страна на организација на здружениот труд која се занимава со земјоделско производство, се создава нееднаква правна положба на субјектите на пазарот, преферирајќи го само интересот на организациите на здружениот труд, односно општествениот капитал во тие организации во однос на другите правни субјекти на сопственоста и дека се вршат повеќе ограничувања на сопственоста.
Согласно член 28 алниеја 2 и алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и ако постојат други процесни пречки за одлучување.
Со оглед на тоа дека наведените одредби од Законот, Судот ги укинал, односно одстранил од правниот поредок, оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата од тој аспект и одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Судот на седницата, исто така, утврди дека согласно член 27 од Законот носителот на правото на сопственост, што има намера да продаде семејна станбена зграда или стан, како посебен дел од зградата, должен е зградата или станот, со препорачано писмо или со подавка преку судот од општа надлежност, да му ја понуди за продажба на сопственикот на идеалниот дел и да му ја соопшти цената и условите за продажбата.
Ако лицата од претходниот став не се изјаснат дека ја прифаќаат понудата, согласно ставот 2 на овој член од Законот, понудувачот може зградата или посебниот дел од зградата да ја продаде на друго лице но само под истите или под тогашни услови.
Кога според условите на понудата цената треба во целост или делумно да се исплати во готово, согласно ставот 3 на овој член од Законот изјавата за прифаќање на понудата може да има дејство само ако лицето на кое му е направена понудата, во рокот од став 2 на овој член, му го положи на понудувачот, или кај општинскиот суд на чие подрачје се наоѓа зградата, целиот износ што според понудата треба да се исплати во готово.
Согласно член 28 став 1 од Законот ако носител на правото на сопственост продаде семејна станбена зграда или стан како посебен дел на зградата, а на лицата од став 1 од претходниот член не им направи понуда, овие лица можат по судски пат да барат продажбата да се поништи и сопственикот да постапи во смисла на член 27 од овој закон. Тужбата за повреда на првенственото право на купување може да се подигне во рок од 30 дена од денот кога имателот на тоа право дознал за продажбата и за условите на продажбата.
Согласно ставот 3 на овој член од Законот без оглед на тоа кога имателот на првенственото право на купување дознал за тужбата и за условите на продажбата, тужбата поради првенственото право за купување не може да се поднесе по истекот на 6 месеци од денот на извршеното пренесување во јавните книги, а по истекот на една година од тој ден ако зградата или посебниот дел од зградата, му биле понудени по повисока цена од онаа по која е извршена продажбата или под потешки услови, или продажбата е прикриена со замена, подарок или на друг начин. Тужителот е должен во рокот за поднесување на тужбата поради повреда на првенственото право на купување кај општинскиот суд на чие подрачје се наоѓа зградата да ги положи износите на име на купувната цена, што според склучениот договор стасале за плаќање до денот на поднесувањето на тужбата.
Во членот 29 став 1 од Законот е предвидено дека првенствено право на купување на деловни згради и деловни простории има сопственикот на идеалниот дел, а ако таков нема, закупувачот, а согласно ставот 2 на овој член одредбите од членовите 27 и 28 на овој закон, кои се однесуваат на постапката за остварување на првенственото право, се применуваат и на деловните згради и деловните простории.
6. Согласно член 8 од Уставот на Република Македонија, покрај другите темелни вредности на Уставниот поредок на Република Македонија е и правната заштита на сопственоста, слободата на пазарот и претприемништвото.
Согласно член 30 став 1 од Уставот се гарантира правото на сопственост и правото на наследување, а ставот 2 на овој член од Уставот предвидува дека сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и заедницата.
Согласно ставот 3 на овој член од Уставот никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон, а согласно став 4 на овој член од Уставот во случај на експропријација или ограничување на сопственоста, се гарантира правичен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.
Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите, а според став 2 од овој член, секој е должен да го почитува Уставот и законите.
Согласно член 54 став 1 од Уставот слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.
Според член 56 од Уставот добрата од општ интерес за Републиката уживаат посебна заштита, а според став 3 на овој член од Уставот, со закон се уредуваат начинот и условите под кои определени добра од општ интерес за Републиката можат да се отстапат на користење.
Од наведените уставни одредби произлегува дека сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, не можат да бидат ограничени освен во случаи кога се работи за јавен интерес утврден со закон.
Во конкретниов случај, имајки ги предвид одредбите од членовите 28 и 29 од Законот кои го востановуваат приоритетното право на сосопственикот при евентуална продажба на станбениот објект, односно стан и деловен објект, односно деловна просторија чии сосопственик е, Судот оцени дека не станува збор за повреда или ограничување на сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, туку дека е тоа сопственост во права смисла на зборот, чија основна содржина е слободно искористување на стварта и слободно располагање со неа, поради што не може основано да се постави прашањето за нивната уставност од овој аспект.
7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 на ова решение.
8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.121/99
8 декември 1999 година
С к о п ј е
лк.
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков