У.бр.196/1999

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, на седницата одржана на 1 декември 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на:

а) Одлуката број 0301-117 од 5 март 1996 година, донесена од Управниот одбор на Здравствениот дом Валандово;

б) Заклучокот број 0301-193 од 21 мај 1998 година, донесен од Управниот одбор на Здравствениот дом Валандово;

в) Одлуката за упатување на специјализација број 0201-53 од 6 февруари 1998 година, донесена од Управниот одбор на Здравствениот дом Валандово.

2. Д-р Митко Дуролојков од Валандово на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законтоста на актите означени во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата Одлуката под а) била неуставна и спротивна на Законот за здравствена заштита затоа што во постапките за упатување на специјализација одлучувал управниот одбор на Здравствениот дом Валандово. Имено, според членот 20 од Статутот на Здравствениот дом, по своите ингеренции Управниот одбор немал право да одлучува за упатување на специјализација, туку согласно алинејата 7 од овој член Управниот одбор требало да формира постојани комисии и тоа: Комисија за стручно усовршување (специјализација и едукација) и Комисија за жалби и приговори.

Согласно членот 32 од Статутот постојаните комисии за својата работа му одговарале на Управниот одбор и поднесуваат извештај еднаш годишно, односно по завршената работа.

Подносителот смета дека во случајов со оспорената одредба од Одлуката Управниот одбор ги преземал ингеренциите на Комисијата и со тоа ги суспендирал членовите 31 и 32 од Статутот, а со тоа и Законот за здравствена заштита.

Оспорениот заклучок не бил во согласност со Уставот и Законот за здравствена заштита затоа што Управниот одбор на Здравствениот дом согласно утврдените надлежности во членот 20 од Статутот немал право да ја прекинува специјализацијата на здравствените работници кои по спроведена процедура биле упатени на специјализација. Законот јасно ги предвидувал случаите и кој можел да ја прекине специјализацијата.

Со оспорената одлука за упатување на специјализација на д-р Шенол Тахир бил суспендиран Статутот на Здравствениот дом Валандово и Законот за здравствена заштита затоа што за оваа специјализација не бил распишан конкурс со што биле повредени правата да конкурираат и други здравствени работници. Со ваквото постапување бил повреден и Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според точката 1 од Одлуката означена под а од ова решение се повлекува од употреба Правилникот за критериумите и постапката за упатување на специјализација на високостручни здравствени работници од Здравствениот дом Валандово. Во точката 2 од Одлуката е предвидено дека во понатамошните постапки ќе се користи единствениот правилник што ќе биде донесен од страна на Министерството за здравство, а според точката 3 од Одлуката, до донесувањето на единствен правилник при упатувањето кадри на специјализација ќе се користат критериумите од Законот за здравствена заштита.

Во точката 1 под ИИ од Одлуката е предвидено дека се разрешува Комисијата за стручно усовршување (бодирање) при Здравствениот дом Валандово а според точка 2 исто под ИИ од Одлуката, во постапките за упатување на специјализација ќе одлучува управниот одбор на Здравствениот дом.

Во точката 1 од оспорениот заклучок е констатирано да не се исплатат 4.500 дм за специјализација по фармацевтска технологија на м-р Илија Дуролајков од причини што истата не е одобрена ниту од Управниот одбор ниту од Министерството за здравство, а Здравствениот дом нема потреба од оваа специјализација.

Според точката 2 на заклучокот, бидејки неосновано се исплатени предходно 9.000 дм по налог на поранешниот директор да се најде начин парите да се вратат на Здравствениот дом, а во точката 3 е предвидено дека да се поведе постапка за кривична одговорност на поранешниот директор д-р Митко Дуролајков поради злоупотреба на функцијата за бесправно исплатени средства за специјализацијата по фармацевтска технологија, со што на Здравствениот дом му нанесол штета во износ од 9.000 дм.

Со оспорената одлука за упатување на специјализација, д-р Шенол Тахир со завршен медицински факултет – доктор на медицина, на работра во Здратвениот дом Валандово на неопределено време, се упатува на специјализација по гранката на медицина акушерство и гинекологија.

4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија, меѓу другото одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи со Уставот и законите.

Разгледувајки ги оспорените акти Судот утврди дека тие не претставуваат прописи во смисла на член 110 од Уставот затоа што не се однесуваат на права на трети лица, поради што Уставниот суд на Република Македонија не е надлежен да ја оценува нивната уставност и законитост.

Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами , д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.196/1999
1 декември 1999 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Милан Недков