178/1999-1-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 1 декември 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на насловот на Глава ИИИ – Права и обврски на воените обврзници и членовите 10, 11 и 14 од Правилникот за начинот и условите за извршување на обврската за служење во резервниот состав на Армијата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.48/92).

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на членовите 12, 13, 15 и 16 од Правилникот означен во точката 1 од ова решение.

3. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста и законитоста на Главата ИИИ и членовите 10 до 16 од Правилникот означен во точката 1 од ова решение затоа што согласно член 68 став 2 од Законот за одбраната, врз чија основа бил донесен наведениот правилник, министерот за одбрана бил овластен да го уредува само начинот и условите за извршувањето на обврската за служење во резервниот состав на Армијата на Република Македонија, а не и да уредува, односно востановува права и обврски на воените обврзници. Со оглед дека во оспорената глава, односно во оспорените членови од Правилникот се востановувале права и обврски на воените обврзници подносителот смета дека на тој начин се повредени одредбите на член 96 од Уставот на Република Македонија, членовите 16 точка 4 алинеја 13 и 68 став 2 од Законот за одбрана, членовите 19 став 2, 160, 161 став 1 и 164 од Законот за органите на управата, како и Уредбата на Владата на Република Македонија за висината на надоместоците на граѓаните повикани заради извршување на правата и должностите од областа на одбраната. Имено, правата и обврските можеле да се утврдуваат само со закон, а не и со подзаконски акти, каков што е Правилникот, со кои можело само да се разработуваат одделни одредби на законите заради нивно извршување.

4. Судот на седницата утврди дека Правилникот е донесен врз основа на член 68 став 2 од Законот за одбрана и со него се уредува начинот и условите на извршувањето на обврската за служење во резервниот состав на Армијата на Република Македонија, повикувањето и ажурирањето на евиденцијата.

Во член 3 од Правилникот е утврден денот од кога настапува обврската за служење во резервниот состав, а во член 4 се определува вкупното траење како и годините на живот до кои се исполнува оваа обврска.

Во членот 5 од Правилникот, е утврдено дека подготвувањето и оспособувањето на воените обврзници во резервен состав се врши со изведување на воени и други активности и форми на обука (воена вежба) и се утврдуваат установите и институциите каде што се организираат и изведуваат воените вежби, а во членот 6 е утврдено дека времето поминато на определени активности и задачи, исто така, се признава како време на извршување на воена вежба.

Во членот 7 од Правилникот е утврдено дека условите за извршувањето на обврската за служење во резервниот состав се утврдуваат согласно документите за употреба на воените единици на вооружените сили и други структури на системот на одбраната на Република Македонија, а додека во членовите 8 и 9 се утврдува начинот и времето на доставување на поканата за извршување на обврската за служење во резервниот состав.

Оспорената Глава ИИИ од Правилникот насловена како “Права и обврски на воените обврзници” ја сочинуваат членовите 10 до 16, односно сите оспорени членови со иницијативата и нивната содржина е следна:

Во член 10 е утврдено дека право на одлагање на вршењето на воена вежба имаат редовно воените обврзници во резервен состав, а исклучително претпријатијата каде што истите се вработени. Воената вежба може да се одложи од следните причини: болест на воениот обврзник, полагање на испит, смрт, тешка болест, заразна волест и елементарни непогоди и други несреќи во семејството, неодложни работи во земјоделството или самостојно вршење на дејност со личен труд, доколку со одењето на воената вежба ќе настанат големи материјални штети, бременост на жената, породување и потреба за чување на дете помало од 7 години, неодложни потреби на претпријатието, однапред организирано и платено туристичко патување во странство и вршење на службени и слични работи во странство.

Барањето за одлагање на воена вежба се поднесува во рок од три дена сметано по приемот на поканата.

Кон барањето, воениот обврзник во резервен состав односно претпријатието ги приложува потребните документи за докажување на оправданоста на причината.

Доколку се усвои барањето за одлагање, примерок од решението се доставува до воената единица односно установа која ја изведува воената вежба.

Според член 11, резервниот воен обврзник кој ќе биде повикан во врска со извршување на воена вежба, има право на надоместок на личен доход односно, надоместок за сместување, исхрана и бесплатен превоз во средствата на јавниот сообраќај.

Според член 12, воените обврзници во резервен состав кои од верски убедувања не сакаат да примат оружје, во воените единици на вооружени сили и другите субјекти на системот на одбраната, ќе се распоредуваат на должност и задачи кои не се во судир со нивните верски убедувања.

Според член 13, воените обврзници во резервен состав, кои воениот рок го служеле како ограничено способни за воена служба, ќе се распоредуваат во системот на одбраната на должност и задачи кои одговараат на нивната здравствена, стручна и психофизичка способност.

Според член 14, доколку воениот обврзник во резервен состав е повикан на воена вежба и при тоа дојде до негова смрт или тешка телесна повреда, без негова вина, трошоците за погреб, еднократна парична помош, остварување на семејна пензија и други трошоци за лекување и закрепнување, паѓаат на терет на буџетот на Републиката.

Во член 15 е утврдено дека воениот обврзник во резервниот состав кај кого настанала промена на здравствената состојба, што е од влијание на неговата способност за служба во резервниот состав, може да биде упатено на лекарски преглед заради оценка на способноста за служба во резервен состав.

Оценката за способност за служба во резервниот состав ја дава регрутната комисија на ист начин како и за регрутите.

И на крај, во членот 16 е утврдено дека воениот обврзник во резервен состав кај кого настанала промена од значење за обврската за служење во резервен состав, како и промена на место на живеење и личното име; здравствена состојба; школска и стручна квалификација; вработување, престанок на работен однос; вид и место на самостојна дејност; губење на воена книшка, отпуштање од затвор, престој во странство подолг од 40 дена или подолготрајно вработување во странство, ги пријавува во рок од 8 дена, по настанувањето на промената.

5. Во член 28 став 1 од Уставот е утврдено дека одбраната на Република Македонија е право и должност на секој граѓанин, а според став 2 од овој член од Уставот, остварувањето на ова право и должност на граѓаните се уредува со закон.

Според член 2 од Законот за одбрана (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/92 и 30/95), извршувањето на воената обврска е едно од правата и должностите на граѓаните во одбраната на Републиката. Во таа смисла, според член 3 став 1 од Законот, воената обврска на граѓаните е општа, а според член 4 од Законот, воената обврска се состои од регрутна обврска, обврска за служење на воен рок и обврска за служење во резервен состав. На воениот обврзник воената обврска, според член 5 од Законот, му престанува кога ќе наполни 55 години живот и ако е оценет за трајно неспособен за воена служба.

Обврската за служење во резервниот состав поконкретно е разработена со одредбите на членовите 66, 67 и 68 од Законот , при што се утврдени лицата и времето од кое воените обврзници подлежат на извршување на оваа обврска, годините на живот до кои на мажите оваа обврска може да биде продолжена за време на воена состојба, како и формите односно начинот на кои се извршува оваа обврска.

Според ставот 2 на член 68 од Законот, начинот и условите на извршувањето на обврската за служење во резервниот состав се уредува со правилник што го донесува министерот за одбрана.

Од наведените уставни и законски одредби произлегува дека одбраната на Републиката е право и должност на секој граѓанин чие остварување се уредува со закон, дека согласно Законот за одбрана, извршувањето на воена обврска е едно од правата и должностите што граѓаните ги имаат во рамките на остварувањето на одбраната на Републиката и дека таа обврска е општа за сите граѓани и се состои, меѓу другото, и од обврската за служење во резервниот состав на Армијата на Република Македонија. Понатаму, исто така, произлегува дека обврската за служење во резервен состав, во основа, е разработена во самиот Закон за одбрана, со тоа што Министерот за одбрана е овластен нејзиното извршување поблиску, односно поконкретно да го уреди со правилник и тоа во смисла на утврдување на условите и начинот на кои таа ќе се извршува. Според мислењето на Судот вака утврденото овластување на Министерот за одбрана е во согласност со уставната положба, како и со законски утврдените надлежности, односно функции на органите на државната управа, поради што од овој аспект и не би можело да се постави прашањето за согласноста на Правилникот чии одредби се оспоруваат со Уставот и Законот за органите на управата.

Меѓутоа, разгледувајќи го прашањето дали при уредување на наведените прашања со Правилникот, министерот за одбрана ги надминал законските овластувања и при тоа утврдил права и обврски на граѓаните што пак согласно член 164 од Законот за органите на управата не е допуштено, а при тоа имајќи ја предвид содржината на оспорената глава ИИИ од Правилникот, односно на нејзините одредби, спроед мислењето на Судот не може да се извлече заклучок дека во конкретниот случај станува збор за изворно утврдување на нови права и обврски на граѓаните, односно на воените обврзници во областа на одбраната на Републиката, без оглед што оваа глава од Правилникот е насловена како “Права и обврски на воените обврзници”. Ова особено се однесува на “правата и обврските ” утврдени во оспорените членови 12, 13, 15 и 16 од Правилникот затоа што сите тие “права и обврски” произлегуваат односно за своја основа ја имаат законски утврдената обврска на граѓаните за служење во резервниот состав на Армијата на Република Македонија, која што, согласно член 4 од Законот за одбрана, е дел од воената обврска чие извршување, пак, е утврдено како едно од правата и должностите на граѓаните во одбраната на Републиката (член 2 точка 1 од Законот за одбрана).

Оттука, утврдувањето дека воените обврзници во резервен состав кои од верски убедувања не сакаат да примат оружје се распоредуваат на должност и задачи кои не се во судир со нивните верски убедувања (член 12); дека воените обврзници во резервен состав, кои воениот рок го служеле како ограничено способни за воена служба, се распоредуваат на должности и задачи кои одговараат на нивната здравствена, стручна и психофизичка состојба (член 13); дека воениот обврзник во резервен состав кај кого настапила промена на здравствената состојба може да биде упатен на лекарски преглед заради оценка на способноста за служење во резервен состав (член 15) и дека воениот обврзник во резервен состав кај кого настанала промена што е од значење за обврската за служење во резервен состав и другите промени ги пријавува во рок од 8 дена по денот на настанувањето на промената (член 16), според мислењето на Судот, не може да се окарактеризираат како нови класични права и обврски на граѓаните – воени обврзници, но напротив сите прашања уредени во наведените членови од Правилникот се од процедурален и технички карактер и се од влијание и во функција на извршување на законската обврска за служење во резервен состав.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за уставноста и законитоста на оспорените членови 12, 13, 15 и 16 од Правилникот, затоа што обврската за служење во резервниот состав, како составен дел од воената обврска, според член 68 став 2 од Законот за одбрана се извршува на начин и услови уредени во правилник што го донесува министерот за одбрана, а во тие рамки може да се подведе уредувањето и на прашањата во означените оспорени членови од Правилникот, така што независно од тоа што овие членови се сместени во главата ИИИ – Права и обврски на воените обврзници од Правилникот, тие треба да се толкуваат во наведената смисла.

Меѓутоа, друг е случајот со правата и обврските утврдени во оспорените членови 10, 11 и 14 од Правилникот. Имено, во овие одредби станува збор за утврдување на права и обврски кои што по својот карактер можат да бидат предмет на утврдување само на закон или колективен договор, а не и на друг пропис, како што се актите на органите на државната управа. Така на пример, правото на одлагање на вршењето на воената вежба може да биде утврдено само со Законот за одбрана, а правото на надоместок на личен доход на резервниот воен обврзник кој е повикан во врска со извршување на воена вежба од член 11 од Правилникот веќе е утврдено во член 72 од Законот за работните односи, а додека средствата што се обезбедуват на товар на буџетот на Република Македонија по основ на пензиското и инвалидското осигурување и здравствената заштита на воените обврзници во резервен состав, а од чија област се и некои од правата од член 14 од Правилникот, се, исто така, утврдени во соодветните закони што ги регулираат правата од тие области (членовите 172 став 1 точка 3, 181 и 182 став 1 точка 12 од Законот за пензиското и инвалидското осигурувањње и член 63 став 2 од Законот за здравствената заштита – пречистен текст).

Од друга страна, со Уредбата за висината на надоместоците на граѓаните повикани заради извршување на правата и должностите од областа на одбраната донесена од Владата на Република Македонија, врз основа на овластувањето од членот 16 став 1 точка 14 алинеја 13 од Законот за одбрана (“Службен весник на РМ” бр. 35/93, 36/94, 2/97, 7/98, 22/98 и 27/98), се утврдени видовите на надоместоци што им припаѓаат на граѓаните по овој основ, како и нивната висина. Согласно член 2 од оваа Уредба, на граѓаните повикани заради извршување на правата и должностите од областа на одбраната им припаѓаат, меѓу другото, и: надоместоци на плата, трошоци за превоз, исхрана и сместување, еднократна парична помош во случај на смрт или оштетување на организмот, стварни погребни и други трошоци, а согласно член 20 од истата уредба средствата за сите надоместоци се обезбедуваат од Буџетот на Републиката, а се исплатуват од органот, односно организацијата која ги повикува граѓаните за извршување на правата и должносите од областа на одбраната.

Со оглед на тоа дека во оспорените членови 10, 11 и 14 од Правилникот се утврдени права на резервните воени обврзници, односно обврски што паѓаат на товар на буџетот на Република Македонија, а некои од овие права, односно обврски не се утврдени или се веќе утврдени со закон и со Уредба на Владата на Република Македонија, Судот утврди дека во конкретниот случај, со уредувањето и на овие прашања во оспорениот правилник, Министерот за одбрана го пречекорил законското овластување од член 68 став 2 од Законот за одбрана, поради што основано се постави прашањето за согласноста на членовите 10, 11 и 14 од Правилникот со член 96 од Уставот, член 68 став 2 од Законот за одбрана и членовите 19 став 2, 160, 161 и 164 од Законот за органите на управата.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими и д-р Јосиф Талевски.

У.бр.178/99
1 декември 1999 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков