У.бр.210/1999

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 24 ноември 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 154 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување (“Службен весник на Република Македонија” бр.80/93, 3/94, 14/95, 71/96 и 32/97).

2. Атанас Ристески од Скопје во име на група граѓани, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на член 154 од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што со оспорената одредба од Законот, правото на вработување на пензионерите се условувало со престанок на исплатата на пензијата, со што се ограничувало правото на работа и правото на социјална сигурност и социјално осигурување и се повредувало начелото на социјална правичност, што не било во согласност со членовите 32 и 35 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 154 од Законот, на корисник на пензија додека е во работен однос или додека врши дејност во Републиката или во странство му се запира исплатата на пензија.

Исто така, Судот утврди дека постапувајѓи по иницијатива на истиот иницијатор, со Решение У.бр.229/98 од 27 јануари 1999 година, ја отфрлил иницијативата за оценување уставноста на член 154 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, со оглед на тоа што Судот веќе ја оценувал уставноста на овој член од Законот и не нашол основ за поинакво одлучување.

4. Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Тргнувајќи од тоа дека во наводите на иницијативата не се изнесуваат нови факти или околности кои не му биле познати на Уставниот суд во одлучувањето по предметот У.бр.229/98, Судот не најде основ за поинакво одлучување, поради што одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов. (У.бр. 210/99)