У.бр.143/1999

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија и членовите 56 и 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 10 ноември 1999 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ ОДБИВА барањето на Нешевски Зоран од Скопје за заштита на правата од работен однос од дискриминација по основ на национална припадност

2. Оваа одлука ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија.

3. Нешевски Зоран од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот согласно член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, односно за заштита од дискриминација што се вршела во однос на него при засновање на работен однос. Според наводите во барањето, подносителот бил дискриминиран на тој начин што не бил примен на работното место физикохемичар во Министерството за одбрана на Република Македонија за кое конкурирал и ги имал исполнето предвидените услови.

Имено, подносителот на барањето наведува дека во периодот од 14.05.1997 година до 04.02.1999 година, а врз основа на претходно склучени три договори за работа на определено време, во Министерството за одбрана на Република Македонија работел како физико-хемичар во отсекот за физикохемиски испитувања во Воената пошта 9833.

По конкурсот објавен на 13 мај 1999 година од страна на Министерството, подносителот се пријавил, но не бил примен, поради, според наводите во барањето, неговата национална припадност.

Оттука, подносителот на барањето смета дека е сторена повреда на правата од работен однос по основ дискриминација според национална припадност.

4. На седницата Судот утврди дека подносителот на барањето, врз основа на склучените три договори за работа на определено време, во периодот од 14.05.1997 година до 04.02.1999 година работел како физико-хемичар во Министерството за одбрана на Република Македонија.

На 13 мај 1999 година Министерството распишува конкурс и објавува оглас за прием на еден извршител – физикохемичар на неопределено време.

Врз основа на огласот биле пријавени 5 (пет) кандидати кои ги исполнувале условите за прием дадени во огласот. Врз основа на изготвениот преглед бил извршен прием на еден од пријавените кандидати, по што со акт бр.14-2980/5 од 16.07.1999 година, на пријавените по огласот им биле вратени документите.

5. Согласно член 9 од Уставот на Република Македонија граѓаните во Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.

Според член 32 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, како и тоа дека секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.

Начинот и постапката за засновање на работен однос се уредени со Законот за работните односи, а за во органите на државната управа некои од овие прашања се уредени и со Законот за органите на управата (“Службен весник на СРМ” бр.40/90, 63/94, 63/98), како леџ специалис . Согласно член 22 од Законот за работните односи, работен однос се заснова на време чие траење не е однапред определено.

Согласно член 7, работен однос може да заснова секое лице кое ги исполнува општите услови утврдени со овој и друг закон и посебните услови утврдени со закон, колективен договор и акт на работодавецот, а додека според член 9-а, во јавна установа, јавно претпријатие и др. правно лице што врши дејност на јавна служба, државен орган и орган на општината, односно градот Скопје, потреба од работник се обезбедува со објавување на јавен оглас во дневниот печат.

Согласно член 9-в, избор од пријавените или упатените кандидати врши работодавецот, органот или работник кого тој ќе го овласти.

Според член 190 од Законот за органите на управата, за потребата од нови работници одлучува функционерот кој раководи со органот на управата во рамките на општиот акт за систематизација на работите и задачите под услов да се обезбедени финансиски средства.

Изборот на кандидатите го врши функционерот кој раководи со органот на управата (член 187).

Од наведените уставни и законски одредби произлегува дека со Уставот на сите граѓани на Република Македонија им се гарантира еднаквост пред Уставот и законите како и еднаквост во поглед на слободите и правата, а додека начелото на еднаквост на граѓаните во сферата на трудот се реализира на начин и постапка утврдени со закон.

Имено, подносителот на барањето конкурирал за работното место физико-хемичар, при што претходно склучените три договори на определено време не го обврзуваат работодавецот и не создаваат обврска да го прими во работен однос на неопределено време. Имено, дискреционо право е на министерот, како функционер кој раководи со органот на управата, да изврши прием на кандидатите кои ги исполнуваат условите за соодветното работно место.

6. Со оглед на тоа што во конкретниот случај не би можело да се идентификуваат елементи на дискриминација по национална основа, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.143/1999
10 ноември 1999 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Милан Недков