У.бр.155/1999

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 3 ноември 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување
а) уставноста на член 11 од Законот за народниот правобранител (“Службен весник на Република Македонија” бр.7/97);
б) уставноста на член 141 став 2 од Законот за парничната постапка (” Службен весник на Република Македонија” бр.33/98);
2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на членовите 141 став 1, 158 и 159 од Законот означен во точката 1 под б) од ова решение.
3. Душко Чангов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста и законитоста на членовите од законите означени во точките 1 и 2 од ова решение.
Според наводите во иницијативата, со оспорениот член 11 од Законот означен во точката 1 под а) од ова решение, на народниот правобранител му се ускратувала надлежноста да го штити основното право на граѓаните на правична и судска заштита од страна на судот, како орган со јавно овластување, што било во спротивност со неговата позиција и надлежност од член 77 од Уставот. Имено, со оспорената законска одредба, на судот, кој според подносителот на иницијативата е исто така организација со јавни овластувања пред која се постапува и одлучува за правата на граѓаните, му е даден посебен третман, затоа што бил изземен од останатите организаци со јавни овластувања пред кои народниот правобранител можел да постапува и на тој начин на овој орган му било оневозможено да врши увид во работењето и на судската власт и за тоа да го известува Собранието на Република Македонија. Со тоа практично се нарушувала и рамнотежата меѓу законодавната и судската власт, со доминација на втората, бидејќи во случајот судот сам себе се контролирал и одлучувал какви оценки ќе даде за своето работење пред законодавната власт, наместо тоа да го прави народниот правобранител, кој бил установен како уставно средство, односно орган за меѓусебно влијание и контрола и меѓу овие два вида на државната власт, која се заснова врз принципот на поделбта на власта на законодавна, извршна и судска власт, што обезбедува нивна самостојност и независност.
Член 141 од Законот за парничната постапка се оспорува затоа што со пропишувањето во овој член дека секоја странка претходно сама ги поднесува трошоците што ги предизвикала со своето дејствие се негирала уставната гаранција од член 50 став 1 на Уставот за судска заштита на слободите и правата на секој граѓанин без оглед на неговиот материјален статус, а додека членовите 158 и 159 од овој закон, освен од овој аспект, се оспоруваат и поради тоа што со нив било предвидено ослободување од судските трошоци само на физичките, а не и на правните лица, со што се повредувало уставното начело на еднаквост на граѓаните како и начелото за рамноправност на странките пред судските органи од член 10 од Законот за судовите.
4. Судот на седницата утврди дека според член 11 од Законот за народниот правобранител, народниот правобранител не постапува по предметите за кои е во тек судска постапка.
Според член 141 став 1 од Законот за парничната постапка, секоја странка претходно сама ги поднесува трошоците што ги предизвикала со своето дејствие, а според ставот 2 на истиот член судот нема да постапува по тужба, ниту да презема друго дејствие за кои не е платена судска такса.
Во член 158 став 1 од овој закон е утврдено дека судот ќе ја ослободи од плаќање на трошоците на постапката странката која според својата општа имотна состојба не е во можност да ги поднесува овие трошоци без штета за нужната издршка своја и на своето семејство. Во ставот 2 од овој член е утврдено дека ослободувањето од плаќање на трошоците во постапката опфаќа ослободување од плаќање на такси и ослободување од полагање на аванс за трошоците на сведоците, вештаците, за увид и за судски такси, а во ставот 3 е утврдена можност за ослободување само од плаќање на судски такси (т.н. делумно ослободување), ако со нивното плаќање значително би биле намалени средствата од кои се издржува странката и членовите на нејзиното семејство.
Во ставот 4 се утврдува дека при донесување на одлуката за ослободување од плаќање на трошоците на постапката судот грижливо ќе ги оцени сите околности, а особено ќе ја земе предвид вредноста на предметот на спорот, бројот на лицата што ги издржува странката и приходите што ги има странката и членовите на нејзиното семејство.
Во оспорениот член 159 од Законот е утврдено кој суд е надлежен за донесување на одлуката за ослободување од плаќање на трошоците, должноста на странката кон предлогот за ослободување да поднесе уверение од надлежниот орган на управата за имотната состојба, е пропишано што мора да содржи уверението за имотната состојба, можноста на судот, кога е тоа потребно, по службена должност да прибави потребни податоци и известувања за имотната состојба на странката и др.
5. Судот на седницата, исто така, утврди дека по предметот У.бр.24/99 веќе ја оценувал уставноста на член 11 од Законот за народниот правобранител и со решение У.бр.24/99 од 24 март 1999 година одлучил да не поведе постапка затоа што пред Судот не се постави прашањето за согласноста на овој член од Законот со членот 77 од Уставот, односно оценил дека член 11 од Законот за народниот правобранител е во согласност со наведениот член од Уставот.
Во врска со оспорениот член 141 од Законот за парничната постапка, Судот утврди дека досега на повеќе наврати ја оценувал уставноста само на ставот 2 од овој член и при тоа оценил дека истиот не е во несогласност со членовите 9, 30, 50 и 54 од Уставот од чиј аспект беше оспоруван овој став, поради што и со решение У.бр.221/98 и У.бр.10/99 од 24 февруари 1999 год. не повел постапка за оценување на уставноста, а со решение У.бр.52/99 од 5 мај 1999 год. ја отфрлил подоцна поднесената иницијатива.
6. Според член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.
Од наводите во иницијативата произлегува дека главните аргументи за оспорувањето на членот 11 од Законот за народниот правобранител подносителот ги заснова на сопственото мислење дека и судовите се организации со јавни овластувања, па оттука и ограничувањето на народниот правобранител да постапува по предмети за кои е во тек судска постапка според него е спротивно на член 77 од Уставот.
Во врска со овие наводи Судот утврди дека според Уставот предмет на надлежност на народниот правобранител се само актите и дејствијата на органите на државната управа и другите органи и организации што имаат јавни овластувања, кои во тој дел се изедначуваат со органите на државната управа. Постапувањето на народниот правобранител во однос на овие акти и дејствија претставува своевидна контрола на работењето на овие органи и организации од аспект на запазувањето и остварувањето на начелото на уставност и законитост од нивна страна. Тоа од друга страна значи дека според самиот Устав од кругот на надлежностите на народниот правобранител се изземени одлуките и постапувањето на судовите, а судската функција во никој случај не може да се подведе под поимот ” јавни овластувања” затоа што според Уставот судовите не се носители на овие овластувања, но се носители на судската власт.
Имај?и го предвид наведеното, како и фактот дека Уставниот суд ве?е се произнел, постапувајќи по предметот У.бр.24/99 за уставноста на оспорениот член 11 од Законот и со Решение У.бр.24/99 од 24 март 1999 година не повел постапка, а ненао?ај?и основ за поинакво одлучување, Судот одлучи, согласно член 28 од Деловникот, да ја отфрли иницијативата во тој дел.
7. Според член 9 став 1 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата неза-висно од полот, расата, бојата на кожата, националното и соци-јалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, а според ставот 2 од истиот член, граѓаните се еднакви пред Уставот и законите.

Според член 50 став 1 од Уставот, секој граѓанин може да се повика на заштитата на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност.
Според член 98 став 5 од Уставот, видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон, што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Според член 1 од Законот за парничната постапка, со овој закон се определуваат правилата на постапката врз основа на кои судот расправа и одлучува во споровите од личните и семејните односи, од работните односи, како и од имотните и другите граѓанско-правни односи на физичките и правните лица, освен ако некои од наведените спорови со посебен закон се ставени во надлежност на друг државен орган.
Во глава единаесетта на овој закон содржани се одредби за трошоците на постапката (член 140-164), во чии рамки се предвидени неколку правила за поднесување на парничните трошоци меѓу кои се и правилата од оспорените членови од Законот и тоа за поднесување на трошоците на секоја странка однапред за секое дејствие што таа го предизвикала, како и за ослободување од плаќање на трошоците на постапката. Од сите овие одредби посебно внимание заслужуваат одредбите од членот 143 според кои основно правило е странката која во целост ќе ја загуби парницата, должна е на спротивната странка и на нејзиниот замешувач да им ги надомести трошоците или ако странката делумно успее во спорот, судот може со оглед на постигнатиот успех да определи секоја странка да ги поднесува своите трошоци, или едната странка да и надомести на другата и на замешувачот, сразмерен дел на трошоците.
Од содржината на наведените уставни и законски одредби произлегува дека судската заштита на слободите и правата на граѓаните со Уставот на Република Македонија е утврдена како една од гаранциите за нивно остварување, дека оваа заштита судовите ја остваруваат во постапка утврдена со закон, како и дека општите правила на постапката врз основа на кои судот расправа и одлучува за заштита, односно остварувањето на граѓанските права се утврдени со Законот за парничната постапка. При тоа, во овој закон, освен другите правила на постапување и однесување, како на судот, така и на странките и другите учесници во постапката, се утврдени и правилата за трошоците на постапката, меѓу кои и оние во оспорените членови.
Значи, во конкретниот случај, во оспорените членови од Законот станува збор за пропишување на услови, односно правила на постапката врз основа на кои судот одлучува во граѓанско-правните спорови, согласно овластувањето од членот 98 став 5 од Уставот, со кои според мислењето на Судот не се врши дискриминација на граѓаните во однос на остварувањето на со Устав загарантираното право на судска заштита на слободите и правата по основ на нивната имотна состојба, со оглед дека, согласно оспорените членови и другите одредби од Законот, судската заштита е подеднакво достапна за сите граѓани, независно од нивната имотна состојба. Во тој поглед посебно значење има токму оспорениот член 158 од Законот со кој се овозможува судската заштита на своите права да ја остваруваат и граѓаните со слаба имотна состојба, кои не би можеле доколку законот не го предвидеше ослободувањето од плаќање на трошоците на постапката за оваа категорија граѓани. Имено, при непостоење на вакви одредби од Законот, би било оневозможено остварувањето и заштитата на повредените права на овие граѓани пред судовите, што би било во спротивност со уставното начело на еднаквост и уставната гаранција за судска заштита на слободите и правата на секој граѓанин.
Во однос на наводите во иницијативата дека со оспорените членови 158 и 159 од Законот се нарушувал принципот на еднаквост од член 9 став 2 од Уставот и поради тоа што во нив не се предвидувало ослободување од плаќање на трошоците на постапката и на правните лица, како странки во парничната постапка, Судот оцени дека овој приговор неможе да се прифати од причини што во наведениот член од Уставот станува збор за еднаквост само на граѓаните пред Уставот и законите, а не и на другите субјекти, какви што се правните лица, кои што пак со оглед на нивниот посебен правен субјективитет неможе да се изедначуваат со статусот, односно положбата на граѓаните, па оттука ниту со нивните права.
Врз основа на изнесеното, Судот утврди дека, не може да се постави прашањето за согласноста на член 141 став 1, 158 и 159 од Законот за парничната постапка со членовите 9 и 50 став 1 од Уставот.
Со оглед дека веќе ја оценувал уставноста на член 141 став 2 од Законот, Судот утврди дека по повод на оваа иницијатива нема основи за поинакво одлучување.
Што се однесува до наводите во иницијативата дека членовите 158 и 159 од Законот не биле во согласност и со член 10 од Законот за судовите, согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Судот не е надлежен да одлучува за согласност на закон со друг закон.
8. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами , д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јо сиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.155/99
3 ноември 1999 година
С к о п ј е
ат.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков