Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 28 октомври 1999 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на Одлуката за донесување детален урбанистички план за населбата Долно Водно, број 07-180 од 30 март 1999 година, донесена од Советот на Општина Центар-Скопје, во делот што се однесува на парцелацијата на Блок “4”.
2. Владимир Марина од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата со делот на Урбанистичкиот план кој се однесува на парцелација на блокот “4”, прикажан во изводот на Планот, било повредено уставното начело на еднаквост на правата на граѓаните пред законот утврдено во член 9 став 2 од Уставот на Република Македонија. Имено, кон внатрешноста на означениот блок гравитирале шест градежни парцели односно дворни места на индивидуалните станбени згради околу спорниот блок, на две соседни улици – “Капиштец” и “Димитар Пандилов”, но и покрај тоа поделбата на плацот со оспорениот план била извршена само помеѓу четири дворни места на индивидуални станбени згради. Дворното место на подносителот на иницијативата кое се наоѓало на КП.бр.1445, непосредно се граничело со спорната парцела и прозорците од неговата куќа биле насочени кон неа, и неосновано тој бил изземен од поделбата, а надлежниот орган при изнаоѓањето на вакво техничко-урбанистичко решение исклучиво се раководел од некои свои технички правила и припадноста на градежните парцели само кон улицата “Капиштец”. Тоа било направено произволно и арбитрерно, без почитување на објективен и валиден критериум за конкретна распределба на заедничкиот простор, што според поднсителот претставувало груба повреда на принципот на еднаквост на правата затоа што определена група на граѓани била привилегирана и повластена за сметка на други граѓани кои биле оштетени и обесправени, а на тој начин му било ускратено правото, рамноправно со соседите, да учествува во уредувањето и обликувањето на спорниот плац кој се наоѓал на неколку метра од неговата куќа.
Во иницијативата подносителот укажува на последиците доколку на местото што му е доделено на еден од неговите соседи се изгради било каков објект, значително ќе се затвори единствено слободниот видик од неговата куќа, па и од овој аспект била сторена битна повреда на принципот на еднаквост на правата на граѓанинот пред Законот.
Со оглед на тоа што можат да настанат тешко отстранливи последици подносителот бара Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на оспорената одлука.
3. Судот на седницата утврди дека оспорената одлука е донесена во постапка пропишана со Законот, односно дека е извршена стручна ревизија на урбанистичката документација за Деталниот урбанистички план за населбата “Долно Водно” и при тоа е заклучено дека ги содржи сите битни претпоставки и показатели за идниот плански развој на населбата со препорака изготвувачот да ги земе предвид и респректира забелешките на Комисијата, дека по Нацртот на Планот е организирана јавна анкета по која е поднесен извештај до Советот на Општина Центар – Скопје, со образложение за неприфатените забелешки, дека Планот е изработен во форма на Предлог на одлука што ја донел Советот и добиена согласност од Министерството за урбанизам и градежништво за спроведување на Планот.
4. Согласно член 9 став 2 од Уставот на Република Македонија, граѓаните на Република Македонија пред Уставот и законите се еднакви.
Од означената уставна одредба произлегува дека правото на еднаквост пред законот како еден од облиците на остварување на правото на еднаквост на човекот и граѓанинот обезбедува сите граѓани еднакво да се третираат со законот, односно законот да важи подеднакво за сите граѓани и законот подеднакво да се применува кон сите граѓани од страна на државните органи. Со други зборови, правото на еднаквост пред законот значи заштита на граѓанинот од секаков вид на дискриминација во уживањето на правата, но и во остварувањето на законските обврски.
Тргнувајќи од ваквото сфаќање на уставната гаранција за еднаквоста на граѓаните пред законот се поставува прашањето, дали со оспорениот урбанистички план се врши дискриминација на одделни граѓани во уживањето на правата, со оглед на тоа што со урбанистичките планови, покрај другото, се обезбедува примената на законот. Во овој контекст се поставува и прашањето дали при планирањето, односно изработувањето на урбанистичките планови, конкретно кога е во прашање дооформување на урбанистичките парцели, според мислењето на Судот, надлежниот орган треба да се раководи од приватните интереси на граѓаните или првенствено од уставната обврска за оживотворување на темелната вредност на уставниот поредок на Републиката за уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, утврдена во член 8 од Уставот. Во оваа смисла одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/96, 28/97 и 18/99), предвидуваат и тоа: членот 2 според кој просторното и урбанистичкото планирање е континуиран процес кој се обезбедува со изработување, донесување и спроведување на просторни и урбанистички планови, при што важат и треба да се применуваат утврдените стандарди и нормативи за планирање, членот 4, според кој со планирањето се обезбедува порамномерен просторен развој, рационално уредување и користење на просторот, услови за хумано живеење и работа на граѓаните и членот 11 со кој децидно се утврдени елементите што особено треба да ги содржи деталниот урбанистички план, а меѓу нив и план на градежни парцели и површина за изградба на објекти определени со регулациони и градежни линии.
Тргнувајќи од законската определба дека изработувањето и донесувањето на просторните и урбанистичките планови се работи од јавен интерес, доносителот на актот за планирање мора да ги примени наведените одредби без оглед на тоа дали со планирањето се навлегува во интересите на одделни граѓани, а во примената на тие принципи граѓаните се еднакви и од овој аспект не може да се постави прашањето за повреда на уставното начело на еднаквост на граѓаните пред Законот ако за оформување на градежните парцели, односно на дворните места на објектите се доделува градежното земјиште на користење само на одделни граѓани. Од друга страна, постои законска обврска при изработувањето на просторните и урбанистичките планови задолжително да се применуваат урбанистичките нормативи и стандарди за планирање на просторот од различни области вклучени во интегралното планирање на просторот (член 21-а од Законот), а со урбанистичките стандарди и нормативи за планирање се утврдуваат основите за порационално уредување и користење на просторот, создавање услови за хумано живеење и работа на граѓаните (член 21-б од Законот). Оттука, Судот смета дека во сферата на планирањето на просторот посебно при парцелацијата која се врши со деталните планови граѓаните и не можат да бидат еднакви при оформувањето на урбанистичките парцели, туку тоа се врши со примена на стручно-техничките и законските критериуми во постапка утврдена со Законот. За уставното начело на еднаквост пред Законот е битно граѓаните да се еднакви при примената на стручно-техничките и другите законски критериуми при планирањето на просторот.
Исто така, од графичкиот прилог на оспорената одлука произлегува дека при дооформувањето на парцелите е испочитуван критериумот да се оформуваат парцели кои што имаат најдолги граници, односно постигање на најмала должна граница со која што се обезбедува логична и рационална форма на парцелите со што се олеснува нивното владеење и експлоатација и според мислењето на Судот не може да се постави прашањето за повреда на уставното начело за еднаквост на граѓаните ниту од аспект на еднаквата примена на Законот на сите граѓани.
Во поглед на наводот во иницијативата за последиците кои можат да настапат со новата парцелација на Блокот “4” од Планот до колку се изгради нов објект, Судот смета дека е фактичко прашање и не спаѓа во надлежност на Уставниот суд утврдена со член 110 од Уставот.
Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.165/99
28 октомври 1999 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков