Вовед
Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 13 октомври 1999 година, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
Текст
1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на членовите 140, 142, 157, 212 и 235 од Законот за парничната постапка (“Службен весник на РМ” бр.33/98).
2. Манчо Манев, адвокат од Кавадарци на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на членовите 140, 142, 157, 212 и 235 од Законот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата оспорените членови не биле во согласност со член 15 и 50 став 2 од Уставот затоа што со нив се ограничувало правото на жалба бидејќи овие членови му давале право и овластување на судот, односно судијата да бараат од странките да ги намират трошоците и во таа смисла да го положат однапред износот потребен за намирување на трошоците што ќе настанат по повод изведување на доказите без притоа да донесе поединечен акт за висината на износот, каде да се депонира, колку од тој износ претставува судски паушал, односно му припаѓа на судијата и на службените лица во судот, а колку за вештото лице ако е определено вештачење и можноста да се обжали таквиот поединечен акт веднаш или подоцна, со конечната судска одлука.
Со тоа што во оспорените членови не била содржана одредба за задолжително донесување на одлука за тие издатоци (висината и др.) и правото на жалба или друго правно средство против поединечниот акт се повредувала уставната гаранција за правото на жалба и судската заштита од членовите 15 и 50 став 2 од Уставот.
Понатаму, оспорените членови не биле во согласност и со членот 33 од Уставот затоа што во нив отсуствувала дополнителна одредба или друг подзаконски акт со кои ќе се обезбеди точна евиденција на овој приход кој го остварувале судиите и другите службени лица во судот, како и вештите лица од страна на Управата за јавни приходи, а заради објективна можност за оданочување на таквите приходи на овие лица. Поради наведените причини овие членови не биле во согласност и со членовите 57, 75 и 89 од Законот за персоналниот данок бидејќи се оневозможувала нивната реализација во смисла на правилно утврдување дали овие лица можат да бидат даночни обврзници или не.
Тоа што пак во оспорените членови отсуствувале и објективни критериуми за определување на висината на наведените издатоци, како и отсуството на обврска за задолжително донесување на одлука за причините поради кое се презема некое доказно средство, за што се потребни издатоци, судовите и вештите лица овие членови ги користеле произволно, односно според субјективно наоѓање и определувале различни износи односно висина на издатоците во постапката и на тој начин се создавала нееднаквост на граѓаните пред судовите и противправно им се одземале парични средства. Поради наведеното оспорените членови не биле во согласност ниту со членовите 9 и 30 од Уставот.
3. На седницата Судот утврди дека според член 140 став 1 од Законот, парничните трошоци ги сочинуваат издатоците направени во текот или по повод постапката, а според ставот 2 на овој член, парничните трошоци ја опфаќаат и наградата за работа на адвокатите и на другите лица на кои законот им признава право на награда.
Според член 142 став 1 од Законот, кога странката ќе предложи изведување на докази должна е по налог од судот однапред да го положи износот потребен за намирување на трошоците што ќе настанат по повод изведувањето на докази. Според ставот 2 на овој член, кога изведување на докази ќе предложат обете странки, или кога судот ќе го определи тоа по службена должност, судот ќе определи износот потребен за намирување на трошоците да го положат обете странки на еднакви делови. Ако судот определил изведување на докази по службена должност, може да определи износот да го положи само едната странка. Во тој случај судот, со оглед на сите околности, по свое убедување ќе оцени од какво значење е тоа што странката во рокот не го положила износот потребен за намирување на трошоците. Според ставот 3 на овој член, судот ќе се откаже од изведувањето на докази ако износот потребен за намирување на трошоците не биде положен во рокот што ќе го определи судот, а според ставот 4 на овој член, по исклучок од одредбата на ставот 3 од овој член, ако судот по службена должност определи изведување на докази заради утврдување на фактите во врска со примената на член 3 став 3 од овој закон, а странките не го положат определениот износ, трошоците за изведување на докази ќе се исплатат од средствата на судот.
Според член 157 став 1 од Законот, трошоците на постапката за обезбедување на докази ги поднесува странката која поднела предлог за обезбедување на докази. Таа е должна да и ги надомести и трошоците на спротивната странка, односно на назначениот привремен застапник. Според ставот 2 на овој член, овие трошоци странката може дополнително да ги остварува како дел од парничните трошоци, спрема успехот во постапката.
Според член 212 став 1 од Законот, увид се презема кога за утврдување на некој факт или за разјаснување на некоја околност е потребно непосредно забележување на судот, а според ставот 2 на овој член, увидот може да се врши и со учество на вештаци.
Според член 235 од Законот, судот ќе го изведе доказот со вештачење кога заради утврдување или разјаснување на некој факт е потребно стручно знаење со кое судот не располага.
4. Судот, исто така, утврди дека постапувајќи по предметот У.бр.181/98, веќе ја оценувал уставноста на член 140 од Законот за парничната постапка и со решение од 24 февруари 1999 година не повел постапка, бидејќи оценил дека во конкретниот случај не станува збор за повреда на правото на сопственост ниту повреда на правата што произлегуваат од сопственоста, поради што доведувањето на оваа одредба во корелација со членот 30 од Уставот е неодржливо и неосновано.
5. Согласно член 110 став 1 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективните договори со Уставот и законите.
Според оваа уставна одредба Уставниот суд е надлежен да одлучува за согласноста на законите со Уставот само од аспект на нивната содржина, а не и од аспект на она што не го содржат.
Од содржината на оспорените законски одредби произлегува дека тие ниту го предвидуваат правото на жалба, ниту го ограничуваат, а истовремено не содржат и одредби во врска со плаќањето на персоналниот данок од доход (кој инаку е предмет на уредување на друг закон), а ниту директно содржат критериуми за утврдување на висината на трошоците на парничната постапка, но во член 164 од Законот само се упатува дека министерот за правда со правилник ја утврдува надоместа на трошоците што ќе настанат пред судовите во Република Македонија. Инаку, правото на жалба против одлуката за трошоците е обезбедено во членот 156 од Законот и сл.
Поради тоа што оспорените членови не содржат одредби за правото на жалба, ниту за плаќање на персонален данок од доход и др., според мислењето на Судот овие членови не можат да се подвргнат на уставно-судска оценка од аспект на членовите 15 и 33, а ниту од аспект на другите членови на Уставот во однос на кои тие се оспоруваат во иницијативата.
Од друга страна, што и како ќе се уреди во поодделни одредби од законите, односно за нивната содржина одлучува Собранието на Република Македонија, кое согласно член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот е надлежно за нивно донесување, вклучувајќи го и нивното изменување и дополнување, а не Уставниот суд на Република Македонија.
Имајќи го предвид наведеното, како и фактот дека уставноста на оспорените членови од Законот за парнична постапка во иницијативата се оспорува од причини што истите не содржат соодветни одредби, што според подносителот требало да ги содржат, а исто така имајќи ја предвид и досегашната уставно-судска практика во слични случаи, Судот оцени дека, согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, не е надлежен да одлучува по барањето.
6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.
7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.
У.бр.107/99
13 октомври 1999 година
С к о п ј е
лк
ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков