102/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 13 октомври 1999 година, донесе Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 13 октомври 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување уставноста на член 9 од Законот за исплата на платите во Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/94, 62/95 и 33/97).

2. Сашо Врбовски од Битола на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбата од Законот означени во точката 1 на ова решение. Според наводите во иницијативата Законот за исплата на платите во Република Македонија бил од темпорален карактер, односно според неговиот член 13 било предвидено дека ќе се применува заклучно со исплатата на платите и надоместоците за месец декември 1995 година. Со подоцнежните измени и дополнувања на овој закон била продолжена примената на Законот само за исплата на платите, а не и за исплата на надоместоците кои имаат карактер на заедничка потрошувачка (регрес за годишен одмор и отпремнина при заминување на работникот во пензија), од што произлегувало дека членот 9 од Законот бил со времено важење, поради што неговата понатамошна примена не била во согласност со уставниот принцип за владеење на правото и со членот 32 од Уставот, според кој правата на вработените од работен однос се уредуваат со закон и колективни договори.

3. Судот на седницата утврди дека според член 9 став 1 од Законот, правното лице може да врши исплата на надоместоците кои имаат карактер на заедничка потрошувачка и материјални расходи најмногу до 60% за регрес за годишен одмор и двократен износ за отпремнина при заминување на работникот во пензија.

Надоместоците од став 1 на овој член се пресметуваат врз основа на просечната месечна нето плата по работник во стопанството на Републиката објавена до денот на исплатата.

Надоместокот од став 1 алинеја 1 на овој член се исплатува еднаш во текот на годината. Доколку надоместокот се исплатува во два дела, вкупниот износ не може да биде повисок од правото утврдено при првата исплата.

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за исплата на платите во Република Македонија (“Службен весник на РМ” бр.62/95), се новелирани одредбите на член 3 ставовите 1, 2 и 3, на член 4 ставовите 1 и 2 и на член 7 став 1. Со измените и дополнувањата во суштина е продолжена исплата на платите во Република Македонија и во 1996 година, според начинот на пресметувањето утврден со Законот за 1995 година.

Според неговиот член 4, овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на РМ”, а ќе се применува почнувајќи од 1 јануари 1996 година.

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за исплата на платите во Република Македонија (“Службен весник на РМ” бр.33/97) е изменет и дополнет Законот со тоа што се додава нов член 11-а, според кој, по исклучок од членовите 3 и 4 на овој закон, исплата на нето платите до 31 декември 1997 година кај правните лица со седиште во Република Македонија, освен кај правните лица кај кои сите средства се во приватна сопственост, се врши најмногу до нивото на последно исплатената плата заклучно со 9 јуни 1997 година.

Според неговиот член 3 овој закон влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на РМ”.

И со овој закон всушност е продолжена исплатата на платите во Република Македонија според начинот на пресметување со Законот за 1995 година, односно за 1996 година. При тоа не е извршено изменување и дополнување на членот 9 од Законот, што значи дека не е продолжено неговото дејство во поглед на исплатата на регресот за годишен одмор и отпремнината при заминување на работникот во пензија.

Со оглед на изнесената фактичка и правна состојба по предметот, а имајќи ја предвид одредбата на член 13 од Законот според која, дека овој закон (се мисли на основниот текст на Законот) влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”, а ќе се применува заклучно со исплатата на платите и надоместоците за месец декември 1995 година, Судот утврди дека оспорената одредба на членот 9 од Законот не постои во правниот поредок на Републиката.

4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот, што подразбира закон или негова одредба што е во правниот поредок на Републиката.

Со оглед на тоа што со иницијативата се бара оценување уставноста на одредба чие дејство престанало со исплатата на надоместоците заклучно со месец декември 1995 година, односно на одредба која не е во правниот поредок на Републиката, Судот оцени дека не постои основ да одлучува поради што одлучи како во точката 1 на ова решение.

Друго е прашањето ако оспорената одредба се применува и по исплатата на надоместоците за месец декември 1995 година, односно и по престанокот на нејзиното дејство и не се применуваат колективните договори во поглед на правото и висината на отпремнината на работникот при заминувањето во пензија. Меѓутоа и тоа прашање излегува од рамките на надлежноста на Уставниот суд утврдена во член 110 од Уставот,

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.102/99
13 октомври 1999 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков