116/1999-1-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 6 октомври 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста на глава IV и член 77 од Законот за органите на управата (“Службен весник на СРМ” бр.40/90 и “Службен весник на Република Македонија” бр.63/94 и 63/98).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување уставноста на глава ИВ и член 77 од законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што предвидувале во органите на државната управа да се употребуваат јазиците и писмата на народите и народностите на Југославија и што во постапката пред органите на општината им давале можност на припадниците на народностите да го употребуваат својот јазик и писмо, што не било согласно со Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека главата IV ја предвидува употребата на јазиците и писмата на народите и народностите на Југославија во работата на органите на управата.

Исто така, Судот утврди дека согласно член 77 од Законот во постапката пред органите на општината во согласност со закон и со статутот на општината припадниците на народностите во остварувањето на своите права и должности имаат право на употреба на својот јазик и писмо, а на припадниците на другите народи и народности, органите на општината ќе им обезбедат усно преведување на текот на постапката, како и на исправите и на другите списи што се користат во постапката.

Со оглед на тоа што Република Македонија не е веќе во склопот на СФР Југославија кога во нејзиниот правен поредок постоеја припадници на народностите, односно не беше познат квалификативот припадници на националности, а Законот за органите на управата влезе во сила на 6 декември 1990 година, односно пред донесувањето на Уставот на Република Македонија, кога статусот на Република Македонија се уште беше Социјалистичка Република Македонија, Судот оцени дека главата ИВ од Законот, како таква, не може да опстојува во правниот поредок на Република Македонија ниту од суштинска ниту од терминолошка гледна точка.

Согласно член 7 став 1 од Уставот, во Република Македонија службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.

Согласно ставот 2 на овој член од Уставот, во единиците на локалната самоуправа, во кои како мнозинство живеат припадниците на националностите, во службена употреба, покрај македонскиот јазик и кирилското писмо, се и јазикот и писмото на националностите на начин утврден со закон.

Согласно став 3 на овој член од Уставот, во единиците на локалната самоуправа во кои како значителен број живеат припадниците на националностите, во службена употреба, покрај македонскиот јазик и кирилското писмо, се и јазикот и писмото на националностите, под услови и начин утврдени со закон.

Во тој контекст, Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на РМ” бр.52/95 и 60/95) во членот 88 став 1 предвидел во единиците на локалната самоуправа во кои граѓаните припадници на националноста се над 50% од вкупниот број жители, да се сметаат како единици на локалната самоуправа во кои во мнозинство живеат припадниците на националностите.

Според ставот 2 на овој член од Законот, во единиците на локалната самоуправа во кои граѓаните припадници на националноста се над 20% од вкупниот број жители, се сметаат како единици на локалната самоуправа во кои во значителен број живеат припадници на националностите.

Од наведените одредби произлегува дека Уставот, во Република Македонија, предвидувајќи го како службен јазик македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, предвидел уште две можности кога, покрај македонскиот јазик и кирилското писмо, ќе се употребува и јазикот и писмото на националностите.

Првата можност се однесува на националностите кои се мнозинство (50% од вкупниот број жители) во единиците на локалната самоуправа при што употребата на нивниот јазик се определува на начин утврден со закон.

Втората можност се однесува на националностите кои се значителен број (20% од вкупниот број жители) во единиците на локалната самоуправа, при што употребата на нивниот јазик се определува под услови и на начин утврдени со закон.

Од изнесеното произлегува дека Уставот упатува во единиците на локалната самоуправа употребата на јазикот на националностите, покрај македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, да се уредува со закон.

Со оглед на тоа што оспорениот член 77 од Законот им дава право на припадниците на народносите во остварувањето на своите права во постапката пред органите на општината, да го употребуваат својот јазик во согласност со закон и со статут на општината, Судот оцени дека може да се постави прашањето за неговата согласност со Уставот на Република Македонија.

4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.(У.бр.116/99)