156/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 алинеја 3 и член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29 септември 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 13 став 1 од Законот за вршење на нотарските работи (“Службен весник на РМ” бр.59/96, 25/98).

2. Ова решение ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Кирил Георгиевски од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста на член 13 став 1 од Законот означен во точката 1 од ова решение, од причини што, според подносителот, оспорената законска одредба не била во согласност со членот 15 од Уставот, според кој се гарантира правото на жалба против поединечните правни акти донесени во постапка во прв степен пред суд, управен орган или организација, или други институции што вршат јавни овластувања.

Во иницијативата, подносителот наведува дека со давањето свечена изјава од страна на именуваниот нотар по донесувањето на решението за неговото именување, се ограничувало, односно исклучувало правото на жалба на другите учесници на конкурсот за именување нотари загарантирано со членот 15 од Уставот на Република Македонија.

Покрај тоа, во иницијативата подносителот бара Судот да донесе решение за запирање на извршувањето на решението на Министерот за правда за именување нотари, донесено во врска со четвртиот конкурс за именување нотари, објавен во “Службен весник на Република Македонија” бр.33/99.

4. На седницата Судот утврди дека со оспорената законска одредба се утврдува обврската на именуваниот нотар да даде свечена изјава пред министерот за правда, претседателот на Врховниот суд на Република Македонија и претседателот на Комората. Покрај обврската на именуваниот нотар да даде свечена изјава (заклетва), оспорената одредба ги дефинира и субјектите пред кои истата се дава. Од содржината на оспорената одредба, всушност произлегува дека именуваниот нотар не може да отпочне со работа, ако меѓудругото, не ја исполни оваа свечена обврска. Оттука, произлегува дека оспорената одредба го третира единствено прашањето на свечената изјава, како обврска на именуваниот нотар да ја даде пред министерот за правда, претседателот на Врховниот суд и претседателот на Комората.

Наспроти ова, подносителот на иницијативата дава поинаква интерпретација на содржината врзувајќи го со правото на жалба загарантирано со членот 15 од Уставот на Република Македонија. Според подносителот, свечената изјава на нотарот, по донесувањето на решението на министерот за правда за неговото именување, го ограничувало, односно исклучувало правото на жалба на останатите учесници на конкурсот за именување на нотари.

5. Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Врз основа на член 28 став 1 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Според мислењето на Судот, обврската на именуваниот нотар да даде свечена изјава, воопшто не може да се доведе во корелација со правото на жалба на останатите учесници на конкурсот, а уште повеќе со евентуално негово ограничување, односно исклучување. Имено, решението на министерот за правда со кое се именува нотарот, претставува правен акт донесен во постапка во прв степен пред управен орган против кој, другите учесници во конкурсот, непосредно врз основа на членот 15 од Уставот на Република Македонија може да поднесат жалба. Отсуството на одредба во законот која изречно ќе го предвиди правото на жалба против решението на министерот за именување на нотари, не го исклучува правото на жалба врз основа на непосредна примена на членот 15 од Уставот на Република Македонија.

Оттука, со оглед на тоа што оспорената одредба има сосема поинаква содржина од онаа која ја застапува и интерпретира подносителот на иницијативата, Судот смета дека постојат процесни пречки за одлучување по истата.

Покрај тоа, со оглед на тоа што не се исполнети условите предвидени во членот 27 став 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот одлучи да не го прифати барањето на подносителот за донесување решение за запирање на извршувањето на решението на министерот за правда за именување нотари, донесено во врска со четвртиот конкурс за именување нотари, објавен во “Службен весник на Република Македонија” бр.33/99.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.156/99
29 септември 1999 година
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков