86/1999-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/92), на седницата одржана на 29 септември 1999 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување уставноста и законитоста на член 2 став 3 алинеите 2 и 3 и дел од алинејата 4 (која се однесува на трговските друштва) од Правилникот за дополнување на Правилникот за полагање на нотарскиот испит (“Службен весник на Република Македонија” бр.54/98).

2. Владо Калчевски од Битола, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување уставноста на одредбите од Правилникот означени во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата со оспорените одредби од ставот 3 на член 2 од Правилникот за полагање на нотарски испит е сторена повреда на член 141 став 2 од Законот за вршење на нотарските работи. Имено од означената законска одредба произлегувало обврска при определувањето на содржината на нотарскиот испит, кој се состои од усмен и писмен дел, ќе се води сметка за содржината на правосудниот испит, со цел да се избегне повторното полагање на правната материја која веќе била опфатена со правосудниот испит. Спротивно на ваквата законска одредба со оспорените одредби од Правилникот било предвидено кандидатите со положен правосуден испит при полагањето на нотарскиот испит повторно да полагаат дел од парничната, извршната и вонпроцесната постапка, наследното, семејното и стварното право, дел од кривичното право (кривичните дела против јавни финансии, платниот промет и стопанството, против службената должност, против правосудството и против правниот сообраќај), во делот за трговските друштва, што всушност претставувало повторување на правната материја што се плагала при полагањето на правосудниот испит. При тоа, подносителот на иницијативата укажува дека во програмата за полагање нотарски испит, кај предметите кривично право, граѓанско право (стварно, семејно, наследно, облигационо, парнична постапка, вонпарнична и извршна), како и стопанско право, прашањата низ кои е определена содржината на нотарскиот испит всушност биле преземени прашања од Програмата за полагање провосуден испит, односно истите прашања се повторувале и при нотарскиот испит, а со тоа не се водело сметка за остварување на целите на членот 141 став 2 од Законот за вршењето на нотарските работи.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорената одредба на ставот 3 алинеја 2на член 2 од Правилникот, за кандидатите кои го имаат положено правосудниот испит, усниот дел на испитот го полагаат по следните предмети: дел од парничната постапка, извршната постапка, вонпарничната постапка, наследно право, семејно право и стварно право кои се во врска со вршење на нотарските работи, а според оспорената алинаја 3, исто на оваа одредба од Правилникот, дел од кривичното право: кривичните дела против јавните финансии, платниот промет и стопанството, против службената должност, против правосудството и против правниот сообраќај кои се во врска со вршење на нотарските работи.

Во алинејата 4 од ставот 3 на членот 2, чии дел се оспорува, е предвидено “дел од трговските друштва кои се во врска со надлежноста на нотарите и евиденцијата на правата на недвижностите”.

4. Во членот 141 став 2 од Законот за вршење на нотарските работи глобално се утврдени областите кои треба да бидат опфатени во содржината на нотарскиот испит. Поради совпаѓање на дел од материјата на нотарскиот испит со правосудниот испит (кривично право, облигационо право, стварно и семејно право и друго), со оваа одредба изрично е предвидено дека при определување на содржината на нотарскиот испит, кој се состои од усмен и писмен дел, ќе се води сметка за содржината на правосудниот испит, за да се избегне повторно полагање на правната материја опфатена со правосудниот испит.

Со правилникот за дополнување на Правилникот за полагање на нотарскиот испит, со кој всушност се извршува Одлуката на Уставниот суд, конкретно според неговиот член 1, во Правилникот за полагање на нотарскиот испит (“Службен весник на РМ” бр.4/97), по членот 1 се додава нов член 2 кој гласи: “Нотарскиот сипит се полага усно и писмено.

За кандидатите кои го немаат положено правосудниот испит, усниот дел на испитот го полагаат од следните предмети:

– нотарска служба, организација и делокруг на нотаријатот, составување, заверување и легализација на исправите во односите со меѓународен елемент;

– парнична постапка, извршна постапка, вонпарнична постапка, наследно право, семејно право и стварно право;

– кривично право во деловите: кривично дело против јавните финансии, платниот промет и стопанството, против службената должност, против правосудството и против правниот сообраќај;

– трговските друштва во делот на надлежноста на нотарите и евиденцијата на правата на недвижности.

За кандидатите кои го имаат положено правосудниот испит, усниот дел на испитот го полагаат по следните предмети:

– нотарска служба, организација и делокруг на нотаријатот, составување, заверување и легализација на исправите во односите со меѓународен елемент;

– дел од кривично право: кривични дела против јавните финансии, платниот промет и стопанството, против службената должност, против правосудството и против правниот сообраќај кои се во врска со вршење на нотарската работа;

– дел од трговските друштва, кои се во врска со надлежноста на нотарите и евиденција на правата на недвижностите.

Според ставот 4 на овој член од Правилникот писмениот дел на испитот се состои во составување на нотарска исправа и истиот се однесува на сите кандидати кои го полагаат нотарскиот испит.

Со означените одредби од Правилникот очигледно е направена разлика во содржината на нотарскиот испит за кандидатите кои го имаат положено правосудниот испит и за кандидатите без положен правосуден испит. При тоа кандидидатите со положен правосуден испит, и покрај поклопувањето на содржината со глобално определените области со содржината на правосудниот испит, полагаат само делови од тие области и исклучиво се однесуваат, односно се во врска со вршењето на нотарските работик, што значи дека не претставуваат содржина на правосудниот испит.

Нотаријатот е самостојна, независна јавна служба во која се вршат работи од видот на јавни овластувања врз основа на закон, а нотарот ги врши нотарските работи слободно, независно, самостојно, стручно и непристрасно врз основа на закон, други прописи и општи акти засновани врз закон. Оттука не е спорно дека за вршење на нотарските работи е потребно посебно знаење. Во таа смисла со оспорените одредби од Правилникот содржината на нотарскиот испит во областите утврдени со овој правилник се врзува исклучиво само со вршење на нотарските работи, што значи дека тие прашања не биле содржина на правосудниот испит.

Со оглед на тоа Судот смета дека при определувањето на содржината на нотарскиот испит е исполнета законската обврска да се води сметка за содржината на правосудниот испит со цел да се избегне повторно полагање на правната материја која била опфатена со правосудниот испит поради што не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Правилникот со член 141 став 2 од Законот.

Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 на ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Милан Недков и судиите Бахри Исљами, д-р Никола Крлески, Олга Лазова, д-р Стојмен Михајловски, д-р Јован Проевски, Бесим Селими, д-р Јосиф Талевски и д-р Тодор Џунов.

У.бр.86/99
29.09.1999 година
С к о п ј е
сд/.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република
Македонија
д-р Милан Недков